Во Битола промоција на фестивалите АКТО и Бош


Битола, 10 август, 2018 - 11:54 (META) 

Во Мезе бар „Јагода“ во Битола, со почеток во 21.30 часот вечерва ќе се одржи забава под наслов „Собиранка“, на која АКТО Фестивалот за современи уметности, Бош Фестивал, ДримON и „Прво па женско“ ќе ги промовираат своите активности, со фокус на претстоечките изданија на Бош и АКТО.

„Идејата на оваа забава е да обедини на едно место фестивали кои во својата основа ја промовираат современата продукција на уметноста во различните појавности и тематски преокупации и да ја покаже на едно место потенцијалноста во различните пристапи на фестивалско програмирање и фунционирање“, велат организаторите.

Забавата ќе се одвива со диџеј сетови на JOSS и Dejan Dex од Битола, а ќе има и визуелни и промотивни материјали.

Во следниот период ќе се одржат годинашните изданија на два од фестивалите, односно АКТО во Битола од 23 до 25 август и Бош Фестивал во Гевгелија од 24 до 26 август.


По инспекцијата во гевгелиската градинка, директорката ќе го решава случајот


Скопје, 7 август, 2018 - 14:56 (META) 

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) соопшти дека по извршената инспекција во градинката „Детска Радост“ во Гевгелија, директорката на установата ќе треба да утврди дали има прекршување.

Министерството вчера испрати инспекција во градинката по видеото објавено на социјалните мрежи, кое беше пренесено во медиумите, а во кое, наводно воспитувачка, вика и ги навредува децата.

Од МТСП велат дека се земени изјави од вработените и директорката и таа е задолжена да ја утврди фактичката состојба, а доколку најде докази дека е сторен некаков прекршок, да поднесе иницијатива за покренување на дисциплинска постапка или пријава за сторено кривично дело.


Во викендите повторно експресен воз Гевгелија – Солун


Гевгелија, 14 јануари, 2018 - 12:31 (META) 

Повторно е воспоставен патничкиот железнички сообраќај помеѓу Македонија и Грција, но само за викендите.

Како што стои во информацијата од Министерството за внатрешни работи, патничкиот железнички сообраќај со Грција, кој досега беше во прекин, вчера е обвновен, ќе се одвива само во текот на викендите.

Во работните денови, од понеделник до петок, експресните возови од Гевгелија кон Солун и обратно нема да сообраќаат, туку начинот на превоз на патниците ќе се одвива како и досега – со автобуси.


Девет земјотреси почувствувани на југоистокот, најсилниот со 5,1 степени


Гевгелија, 2 јануари, 2018 - 11:48 (META) 

Серија од девет земјотреси ноќеска и утрово ги исплашија жителите на југоистокот на Македонија. Земјотресите имаа епицентри на територијата на Грција, но во непосредна близина на Дојран и Гевгелија.

Како што известува Евро-медитеранскиот сеизмолошки центар, првиот потрес бил вчера во 23.13 часот а последниот во 7.50 часот.

Најсилниот, од 5 степени, се случил утрово во 5.24 часот на длабочина од 10 километри. Епицентарот бил на 10 километри источно од Дојран, а седум километри северно од грчкото село Дросатон.

Земјотресот е почувствуван во Дојран, Богданци, Гевгелија, Струмица и помалите населени места.


„Арсена“ предупредува дека гевгеличани уште пијат вода со арсен


Гевгелија, 27 октомври, 2017 - 15:56 (META) 

Примерок вода од гевгелискиот водовод покажал дека водата што ја пијат гевгеличани сè уште содржи количества арсен опасни по здравјето на луѓето и ја повикува новата локална власт да го реши проблемот со посебни филтри, оти водата од изворите содржи големи количества арсен.

Како што посочува граѓанската иницијатива „Арсена“, анализата на примерокот вода од гевгелискиот водовод што го испратиле на меѓународно призната лабораторија во Грција, покажала присуство на отровниот елемент арсен во концентрации од 18,6 микрограми на еден литар вода, што ја надминува здравствено дозволената максимална граница пропишана според СЗО од 10 микрограми на еден литар.

„Максималните законски ограничувања на анализираните елементи во водата се според Европската легислатива (98/83/EU 3-11-1998), која ги имаат прифатено Грција, како земја членка на Европската Унија, и Македонија со Правилникот за квалитет на води на РМ донесен во 2008 година (Сл. Весник на РМ бр. 46/2008)“, се вели во соопштението.

Тоа е десетта анализа направена од „Арсена“, која вели дека во сите изминати години претходната локална власт го игнорирала проблемот, а во предизборната кампања дури и се тврдело дека проблемот со арсенот е решен. Тој проблем, според активистите, може да се реши само со поставување посебни филтри, оти проблемот е во водата која влегува во водоводот, односно Конска Река содржи многу повеќе арсен од максимално дозволените количества.

„Ги повикуваме новите органи на локалната власт, Советот и новоизбраниот градоначалник на општина Гевгелија да го ревидираат проектот на Конска брана и употребната вредност на таквата вода со арсен и со приоритет да пристапат кон реализација на  проектот за набавка на деарсенификатори за бунарите кај Моин, заради обезбедување чиста вода за гевгеличани“, се вели во соопштението.


СДСМ прогласи победа во скопски Центар и во Аеродром, во Велес и во Битола


Скопје, 15 октомври, 2017 - 23:07 (META) 

Кандидатот за градоначалник на Велес од СДСМ, Аце Коцевски, прогласи победа на локалните избори, а според партиски извори, извесна е победата на СДСМ и во Битола, Берово, скопската општина Бутел, Валандово, Гевгелија, Делчево и во уште неколку помали општини.

Победа во првиот круг прогласи и Саша Богдановиќ, кандидатот за градоначалник на СДСМ во скопската општина Центар, кој рече дека ваквиот резултат бил очекуван.

Коцевски на прес-конференцијата изјави дека граѓаните на Велес го направиле вистинскиот избор и истакна дека со победата на овие избори е исправена историската неправда од претходните изборни циклуси, кога, како што рече, победата му била украдена.

– Изборите беа и поминаа. Ќе бидам градоначалник на сите граѓани и нема да правам никакви разлики по партиска или друга припадност на граѓаните – рече Коцевски.

На прес-конференцијата во седиштето на СДСМ, Ивана Туфегџиќ ги соопшти резултатите за дел од општините според податоците на партијата за повеќе од половина преброени гласови.

Според СДСМ, извесна е победата уште во првиот круг на нивниот кандидат за градоначалник во општина Аеродром, Златко Марин, кој, според досега преброените гласови, освоил 11.733 гласа, наспроти кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Ивица Коневски, кој има 9.409 гласови.

Во Битола, според партиските податоци, СДСМ освоил 23.925 гласови, наспроти 13.170 на ВМРО-ДПМНЕ, додека во скопски  Бутел СДСМ досега има 7.634 гласови, а ВМРО-ДПМНЕ 5.415 гласа.

Според СДСМ, партијата во Гевгелија досега освоила 6.826 гласови, а ВМРО-ДПМНЕ – 4.826.


ВМРО-ДПМНЕ реагира за унапредување полицајци во Гевгелија и за автопатот Демир Капија – Смоквица


Скопје, 12 октомври, 2017 - 16:39 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ денеска на две прес-конференции го обвини владејачкиот СДСМ дека е во паника и за партиски интереси деградира и унапредува полицајци, како и дека намерно не го пуштил во употреба автопатот Демир Капија – Смоквица, иако бил готов.

– СДС ги губи изборите и во Гевгелија. Затоа Спасовски е во паника и носи решенија спротивни на закон за да ги задоволи партиските послушници. Со издавање „писмени наредби“ со важност од 30 дена во екот на предизборната кампања, на само четири дена дена до изборите, се унапредени и разрешени полициски службеници по неколку скалила од системот на кариера. Ова е беззаконие и за ваквите предизборни партиски комбинаторики ќе следи одговорност – рече Милан Стефаноски на прес-конференцијата во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

На друга прес-конференција Крсте Јовановски, пак, ја обвини Владата на СДСМ дека беспотребно ќе потрошела 850.000 евра преку нов анекс-договор за надзор, иако, како што рече тој, автопатот веќе бил готов.

– Значи, готов автопат, намерно го одолжуваат пуштањето во употреба поради изборите, а граѓаните тоа ќе го платат со 850.000 евра. Скандалозен анекс кој не се однесува на градежни работи, туку на надзор. Со ова, почитувани граѓани, се врши директна злоупотреба на вашите пари и се отвора сомнеж за тежок криминал кој СДС, Заев и Сугаревски свесно сакаат да го направат – обвини пратеникот Јовановски.


ОК на ВМРО-ДПМНЕ Гевгелија: Стратегијата за бегалците е вовед во етнички и верски судири


Гевгелија, 15 август, 2017 - 12:10 (META) 

Зачудува фактот што владата на СДСМ заслепувачки се покорува кон директивите и насоките на меѓународните тела за интеграција на бегалците, истовремено заборавајќи ги социјално ранливите категории на кои им ветуваше живот во изобилие на парламенарните избори 2016 година, порача на прес-конференција Андон Сарамандов, претседател на Општинскиот комитет (ОК) на ВМРО-ДПМНЕ во Гевгелија

Тој ги нападна Нацрт-стратегијата за интеграција на бегалците за периодот 2017-2027 година и акцискиот план за истиот период, велејќи дека со нив „се бара да се креираат најлесни и најбрзи процедури со цел да се обезбедат државјанства за стотици илјади бегалци на коишто за чудо им се откажува гостопримството во западна Европа“

– До кога господа од СДСМ ќе ги потценувате македонските национални интереси? Со реализирањето на овој акциски план ќе биде вовед во етнички и верски судири со големи последици, ќе донесе нарушување на социјалниот и политичкиот мир во Република Македонија, а македонскиот народ ќе биде народ од втор ред во сопствената држава – порача Сарамандов.


Валандовци не успеаја, богданчани на референдум ќе го затвораат рудникот Казандол


Богданци, 4 мај, 2017 - 9:53 (META) 

Советниците на Општина Богданци вчера решија на 11 јуни да се организира референдум за или против работењето на рудникот за бакар Казандол. Петмина советници од ВМРО-ДПМНЕ, исто толку од СДСМ и еден од ВМРО-НП едногласно решија да се прифати иницијативата на граѓанското здружение „Спас за Богданци“, кое вчера со почеток 18 часот одржа протест во градскиот парк на кој присуствуваа голем број луѓе.

Претходно Советот на Општина Валандово не ја прифати иницијативата на активистите за организирање референдум за рудникот Казандол.

Активистите сметаат дека со отворањето на рудникот Казандол во општина Валандово и жителите на Богданци ќе чувствуваат последици од загадувањето на воздухот, водите и на земјиштето предизвикано од работата на рудникот на бакар.

Граѓаните на општина Гевгелија минатиот месец  на референдум со огромно мнозинство гласови се изјаснија против отворање рудници за злато на планината Кожуф.


ЛДП: Граѓаните на Гевгелија се предвесници на демократските и еколошки реформи


Скопје, 24 април, 2017 - 10:12 (META) 

„Граѓаните на општината Гевгелија покажаа висока демократска и еколошка свест и со тоа станаа предвесници на овие реформи во земјава. Тие се спротивставија на ниско развиената еколошка свест, на недоволната информираност во врска со екологијата и со еколошките постапки што треба да се преземат и цврсто застанаа против неодговорноста на сите што сакаа да ја загрозат животна средина и здравјето на граѓаните за да ги зачуваат природните богатства за идните генерации“, порача ЛДП по успехот на референдумот со кој речиси едногласно жителите на општина Гевгелија се спротивставија на отворањето рудници за злато на планината Кожуф.

Честитајќи им на граѓаните, партијата порачува дека овој потег ќе придонесе за почиста средина и за поголем развој на државата.

„Нетранспарентната постапка за време на четиригодишните геолошки испитувања не им попречи на граѓаните да ја покажат висока еколошка свест за развој на користењето на природните богатства на планината Кожуф. Сега, пред сите нас претстојат долгорочни напорни активности за прогласување на делови од Кожуф за еколошки заштитени подрачја, за што ЛДП активно ќе се залага“, се вели во соопштението.