Трите железнички станици во Тетово, Гевгелија и Скопје годинава е предвидено да се санираат со финансиски средства обезбедени од Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на РСМ. Во Тетово во тек е темелна реконструкција на станичната зграда, со која ќе се обноват чекалната, билетарата, санитарните јазли и останатите простории во рамките на железничката станица, а предвидена е и санација на фасадата, прозорците и вратите, со што надворешноста на објектот ќе добие нов лик.

Од јавното претпријатие во моментов работат и на хидроизолацијата во рамките на главната железничка станица во Скопје, така што конечно треба да се реши проблемот со протекувањето на вода и влагата што се појавуваат во просториите во рамките на Транспортниот центар-Скопје. За изведувач на реконструкцијата на тетовската железничка станица е избрана фирмата „АННРА-ЦЕНТРУМ“ од Мала Речица, додека во Скопје работите ги изведува „Дрво-пром“ од село Мородвис.

За изведба на двата реконструктивни зафати се издвоени финансиски средства од околу 430.000 евра. Дополнителни финансии се планирани и за доградба на објектот на железничката станица Гевгелија, која е влезена во годинешната програма за работа на Јавното претпријатие, но за овој градежен зафат неодамна пропадна распишаниот тендер за избор на изведувач. Градежните работи на гевгелиската железничка станица ќе отпочнат штом се избере изведувач.

Во меѓувреме, Јавното претпријатие за железничка инфраструктура склучи договор за чистење на главната железничка станица во Скопје, како и на железничките станици во Велес, Тетово и Скопје-Товарна. Со склучениот договор со фирмата „Стед-комерц“ од околу 11.500 евра треба да се стави крај на нечистите тоалети, чекални, билетари и останати простории на овие железнички станици, за кои патниците голем број пати реагираа во минатото.

И додека од ова јавно претпријатие работат на создавање на минимум услови за нормално патување на граѓаните со воз, на железничките станици во земјава има сè помалку патници. Од железничките станици во Тетово лани отпатувале само 3.000 патници, додека гевгелиската станица во 2019 година имала 21.000 патници, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Во Скопје со воз во текот на 12-те месеци лани патувале само 245.000 патници. Причина за ова е малиот број на возови што сообраќаат во земјава, па така на релацијата Скопје-Кичево-Скопје годинава сообраќа само еден пар возови дневно, додека меѓу Скопје и Гевгелија има два пара патнички возови во едно деноноќие.