Филипче: Децата во Гевгелија имаат обична вирусна инфекција што не е поврзана со ковид

Фото: Архива, Фејсбук страна, Венко Филипче

Нема простор за паника, овие случаи немаат никаква директна врска со ковидот, станува збор за обична вирусна инфекција со т.н. синцицијален вирус. На овој начин министерот за здравство Венко Филипче денеска ги објави резултатите од направените анализи на крвта на десетици деца кои во болницата во Гевгелија се јавиле со респираторни проблеми.

„Тоа што сакавме да потврдиме односно исклучиме е дали има некаква врска со ковид. И затоа кај сите деца се направи серолошка анализа на крвта за да се види дали евентуално имаат антитела односно дали можеби во изминативе година дена го поминале ковидот асимптоматски. И тоа не е случај“, изјави Филипче додавајќи оти тоа значи дека ниту едно од овие деца нема антитела за прележан ковид.

Второто прашање е зошто сега во толкава бројка посебно во еден регион, но како што потврди Филипче, зголемен број на случаи нема само во Гевгелија туку и во детската болница за респираторни болести во Козле.

„Очигледно е дека сега имуниот систем на некој начин проработува поради тоа што подолго време биле изолирани. И сега како се раздвижуваат децата доаѓаат во контакт со предизвикувачи и на тој начин реагира имуниот систем“, рече Филипче.

Инаку, како што веќе објави Мета, зголемен број на случаи на респираторен синцицијален вирус е забележан и во други држави вклучувајќи ги и САД.

Прим. д-р Аспазија Софијанова, директорката на Клиниката за детски болести, за Мета изјави дека причина за појавата на голем број деца со респираторните синцицијални вируси е тоа што децата долго време седеле дома заради ковид-пандемијата.

„Децата беа дома долг период, а сега им се разбуди имунолошкиот систем. Сега се јавија инфекциите кои нормално требаше да се јават во февруари/март. Сега сите се во градинка, дополнително и клима уредите си го прават своето. Ќе ја потврдиме вечер точната инфекција со анализи. Нема возрасни заболени, само деца се. Имам информација дека има случаи и во други градови, но очекувам состојбата да се стабилизира кога ќе појдат сите на летни одмори“, вели д-р Софијанова.