„Заспаниот“ имунолошки систем кај децата остава простор за респираторни инфекции

Фото: Semevent from Pixabay

Респираторни инфекции, односно вируси кои вообичаено ги напаѓаат бебињата и децата во зимските месеци се појавија среде лето. Во болницата во Гевгелија се пријавиле голем број млади пациенти со респираторни инфекции, за кои е утврдено дека не се позитивни на САРС-КОВ-2.

Додека се чека тим специјалисти да утврди за што се работи, неодамнешното појавување на ваков вирус кој обично ги напаѓа децата во постудените месеци, ги збуни и американските педијатри. Проблематична кашлица и проблеми со дишењето ги полнат и тамошните болници, а докторите коментираат дека никогаш досега не виделе овој респираторен синцицијален вирус (РСВ), да се појави во јули. Овој вирус е честа причина за симптоми слични на настинка, но клиничката слика може да биде сериозна кај доенчиња и деца.

Прим. д-р Аспазија Софијанова, директорката на Клиниката за детски болести, за Мета вели дека причина за појавата на голем број деца со респираторните синцицијални вируси е тоа што децата долго време седеле дома заради ковид-пандемијата.

– Децата беа дома долг период, а сега им се разбуди имунолошкиот систем. Сега се јавија инфекциите кои нормално требаше да се јават во февруари/март. Сега сите се во градинка, дополнително и клима уредите си го прават своето. Ќе ја потврдиме вечер точната инфекција со анализи. Нема возрасни заболени, само деца се. Имам информација дека има случаи и во други градови, но очекувам состојбата да се стабилизира кога ќе појдат сите на летни одмори – вели д-р Софијанова.

Проф. д-р Драган Даниловски за Мета вели дека заради седењето во карантин, носењето маски и социјалните дистанци, освен короната, се потиснаа и сите други респираторни вируси.

– Така, децата останаа без имунитет кон нив. Со попуштање на мерките, т.н. имунитетен долг стаса да се наплати. Затоа, се покачи нагло бројот на респираторни зарази, меѓу кои и настинките предизвикани од „респираторните синцицијални вируси” (РСВ). Тоа е забележано во Австралија и Нов Зеланд. Така ќе биде и на северната полутопка после летото. Избувнувањата ќе спласнат, штом кај децата ќе се воспостави колективен имунитет. Значи, ништо страшно. Логична пост-ковид масовна последица – вели епидемиолгот Даниловски.

Педијатарката Весна Стојанова Атанасовска, од ординацијата „Медико Марија“ вели дека периодов често се шири и стомачен вирус.

– Речиси сите пациенти кои доаѓаат се со симптоми на стомачен вирус – вели таа.

Кога станува збор за РСВ, кај новороденчињата симптомите може да вклучуваат гадење, слабо хранење, треска и летаргија. На децата може да им тече носот, да имаат намален апетит, да кашлаат и отежнато да дишат. Во некои случаи кај доенчиња и деца вирусот може да предизвика отекување во дишните патишта и проблем со белите дробови. Бебињата кои ја развиваат оваа состојба, наречена бронхиолитис, може да имаат потреба од хоспитализација и третман со кислород или вентилатор.