Во шест градови во земјава нема повеќе активни случаи со Ковид-19

Дебар, Радовиш, Гевгелија, Струмица, Пробиштип и Демир Хисар се шесте градови во земјава во кои нема повеќе активни случаи со Ковид-19, информираат од Министерството за здравство. Ваквите позитивни информации доаѓаат по вчерашниот извештај на Институтот за јавно здравје, во кој е забележано дека овие градови веќе немаат пациенти заразени со корона вирусот.

Од почетокот на епидемијата, во Дебар беше регистриран 51 случај, досега 4 лица починаа, а 47 се оздравени.

Во Радовиш и Гевгелија беа регистрирани по 4 случаи со Ковид-19, во Струмица два, во Пробиштип два, а во Демир Хисар еден позитивен случај на коронавирусот. Во овие градови не се регистрирани смртни случаи од Ковид-19, а сите евидентирани пациенти што биле позитивни веќе се оздравени, информираат од Министерството за здравство.