Климатски промени: Рекордни отстапувања на просечните температури на воздухот во С. Македонија [инфографик]

Фото: Sean Kuriyan on Unsplash

С. Македонија се соочува со отстапувања од просечните средногодишни температури на воздухот со години наназад. Климатските промени со кои се соочува целиот свет се присутни и во земјава. Сепак, во 2019 година регистрирани се рекордни позитивни отстапувања на температурите во населените места. Скопје, Гевгелија и Лазарополе ги избравме како три локации (главен град, еден од најтоплите и еден од најстудените места во земјава) за да ги прикажеме промените во состојбата со климата во нашата земја.

Според податоците на Министерството за животна средина и просторно планирање, а кои биле измерени од Управата за хидрометеоролошки работи, просечната средногодишна температура на воздухот во Скопје за периодот 1981-1990 година изнесувала 12,6 степени. Мерењата од 1990 до 2019 година покажуваат дека пониска просечна температура била измерена во 1995, 2005 и 2006 година. Од друга страна, зголемени температури се измерени без исклучок во целава измината деценија. Притоа, рекордно отстапување од 2 целзиусови степени е измерено во 2019 година.
Во најтоплиот град во земјава, Гевгелија, мерењата покажуваат уште позагрижувачки резултати. Во 2019 година, просечната температура на воздухот била за 2,5 степени повисока од просечната средногодишна температура измерена во периодот 1961-1990 година. Наместо 14,1 целзиусов степен, во Гевгелија преклани биле измерени 16,6 степени. Исто како и во главниот град, во Гевгелија во изминатава деценија биле регистрирани единствено потопли години од вообичаените за ова населено место.

И најстудената локација во земјава, селото Лазарополе, се соочува со зголемени просечни температури во текот на целата измината деценија. Рекордно отстапување од 1,7 целзиусови степени е измерено во 2019 година, кога температурата на воздухот достигнала 8,5 степени. Ова населено место ја има најниската средногодишна температура на воздухот за периодот 1961-1990 година, која изнесувала 6,8 степени. Сепак, последен пат кога била измерена речиси идентична вредност на средногодишната температура било во 2006 година.

За експертите, климата на Земјината топка отсекогаш се менувала, но притоа биле регистрирани и позитивни и негативни отстапувања од температурите, што значи дека имало потопли или поладни временски периоди. Сепак, изработените студии во изминативе години покажуваат дека брзината на топењето на мразот на Антарктикот и Гренланд е загрижувачка, а неодамна се одвои и најголемата џиновска санта мраз од Антарктикот со површина од 4.320 километри квадратни.

С. Македонија на климатскиот индекс од „Џерманвоч“ во 2016 година беше поставена на осмото место меѓу земјите во светот според степенот на загрозеност од климатските промени, по катастрофалните поплави во скопскиот регион што се случија во август 2016 година. Земјава го ратификуваше и Парискиот договор за климатски промени потпишан пред пет години, со кои земјите-потписнички на Рамковната конвенција за климатски промени на ООН се обврза да го одржат зголемувањето на глобалната просечна температура под 2 целзиусови степени над прединдустриските нивоа, настојувајќи да го ограничат зголемувањето до 1,5 степени.

Речиси сите земји во светот го ратификуваа договорот на национално ниво, и со тоа се обврзаа да преземат акција на национално и локално ниво за намалување на емисиите на стакленички гасови. Сепак, просечните средногодишни температури на воздухот измерени во С. Македонија покажуваат дека ваквите зацртани цели што ги презела нашата земја како обврска тешко се остваруваат во реалноста.