„Скопје Синема Сити“ на 5 и 6 октомври, Руичи Сакамото горд на наградата


Скопје, 3 октомври, 2018 - 9:44 (META) 

Во пресрет на четвртиот филмски настан кој што „Скопје Синема Сити“ го организира годинава, Руичи Сакамото го изрази своето задоволство за наградата доделена од овој Фестивал за животно дело.

Четвртото есенско издание на „Скопје Синема Сити“ се одржува на 5 и 6 октомври во Кинотека на Македонија. На есенското издание ќе бидат прикажани четири филмови: „ЕКВ – Како да беше некогаш“, „Звуци и тишина: Патешествијата со Манфред Ајхер“, „Приказната за Ланг Ланг: Постигни или умри“ и „Стив Рајш: Соочување со фазата“.

Гости на ова издание на фестивалот ќе бидат режисерот и сценарист на филмот за ЕКВ, Душан Весиќ , кој воедно ќе има и промоција на својата книга за Маргита Стефановиќ „Маги: Како таа да беше некогаш“ и Сандра Ранчиќ, која е и косценарист на филмот и уметнички директор на филмскиот фестивал за музички документарни филмови од Белград „ДокендРитам“. Бидејќи „Скопје Синема Сити“ се приклучи на манифестацијата „Бела ноќ“ иницирана од МКЦ, проекциите на филмовите за Ланг Ланг и Стив Рајш ќе бидат со слободен влез.

Оваа година, „Скопје Синема Сити“ организираше четири филмски настани, на кои вкупно беа прикажани 26 музички документарни филмови и една изложба на џез-фотографии.

На Фестивалот оваа година уметник во фокус беше јапонскиот филмски композитор Руичи Сакамото, со чиј филм „Кода“ на Стивен Номура Шибле беше отворено летното издание и кому фестивалот му врачи и награда за животно дело за „Достигнувања во филмот и музиката.“


Со три проекции вечерва завршува 21. Скопје филм фестивал


Скопје, 26 април, 2018 - 13:50 (META) 

Со проекциите на филмовите „Самит“, „Диви момчиња“ и „Пеперутки“ вечерва завршува 21-то издание на Скопје филм фестивал.

Во рамките на фестивалот публикaта можеше да гледа повеќе од 50 нови филмови, од кои голем број биле дел од големите светски фестивали или го свртеле вниманието на критиката со иновативниот израз и авторски пристап. Покрај тоа имаше и работилници и гостувања на нови европски филмски имиња, промоции и дискусии.

На скопскиот филмски фестивал се случија и премиерите на новиот македонски игран филм „Година на мајмунот“ во режија на Владимир Блажевски и на документарниот филм за Шабан Трстена „Кобра“ во режија на Игор Иванов Изи.

Исто така, публиката имаше прилика да ја види скопската премиера на краткометражниот филм „Види ја ти неа“ што победи на престижниот фестивал Санденс, на режисерот Горан Столевски, како и уште неколку премиери на кратки македонски филмови на режисерите Милиана Ленак, Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов, Батухан Ибрахим и Ханис Багашов.
Исто така беа прикажани и филмовите „Последните камбани“ на Николче Поповски и „Македонскиот Дон Кихот“ на Константин Плевнеш.


„Скопје Синема Сити“ од 15 до 19 јуни во Кинотека на Македонија


Скопје, 24 мај, 2017 - 17:57 (META) 

Од 15 до 19 јуни, во киносалата на Кинотека на Македонија ќе се одржи третото издание на Филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје Синема Сити“ во организација на граѓанското здружение „Номад-Арт“ во соработка на Кинотека на Македонија.

Фестивалот на својата програма ќе има документарни филмови чијашто главна тема ќе биде музиката, без оглед на жанрот или годината на продукција, со цел да создаде едно богато музичко искуство и патешествие. Една од целите на фестивалот е да го прикаже богатството на денешниот музички свет, изразен преку музичките документарци.

Оваа година Фестивалот му оддава почест на германскиот бенд Крафтверк, пионерите на електронската музика, со чијшто документарен филм „Поп Арт“ на режисерите Ханс Росашер и Симон Витер ќе се отвори „Скопје Синема Сити“.

За време на фестивалот ќе бидат прикажани музички филмови од светот на џез, поп, рок, електронската и класичната музика.


Минатата година речиси 10 отсто повеќе кино-проекции отколку во 2015


Скопје, 17 мај, 2017 - 10:46 (META) 

Во 2016 година во вкупно 14 кина во земјава се прикажани 985 филмови, со вкупно 16.295 кино-проекции, што е за 9,7 отсто повеќе од 2015 година, говорат податоците од Државниот завод за статистика.

Во изминатата година, бројот на посетители во македонските кина изнесувал 441.017 лица.


Два филмски фестивали ќе се одржат во Штип неделава


Штип, 18 април, 2017 - 10:30 (META) 

Штип неделава ќе биде дoмаќин на два филмски фестивали. Вечерва во Домот на млади ќе гостува филмскиот планински фестивал „Ехо“, со програма која е селекција од најдобрите и наградувани филмови на фестивалот, што лани во октомври се одржа во Скопје.

Филмовите изобилуваат со убавините на планината, зборуваат за планинарите, искачувањата и за слободата. Фестивалот го организираат Дом на млади од Штип и Форумот за креативна авангарда.

В среда и в четврток, 19 и 20 април, ќе гостува Филозофскиот филмски фестивал и во мултимедијалниот центар на Универзитетот „Гоце Делчев“, ќе бидат прикажани вкупно шест филмови.


Утре во Тетово почнува интернационалниот филмски фестивал „Ода“


Тетово, 3 октомври, 2016 - 13:52 (META) 

Неделава тетовци ќе имаат можност да уживаат во проекција на 36 краткометражни филмови и на четири долгометражни од 25 држави во светот. Филмовите ќе се прикажуваат во рамки на интернационалниот филмски фестивал „Ода“, кој ќе почне утре а ќе заврши на 8 октомври.

– За овој фестивал аплицираа 855 филма, а избравме 37 краткометражни. Според програмата на интернационалниот филмски фестивал „Ода“, од вторник до петок во 13 часот ќе се прикажува детска програма, во 14 часот и во 16.30 часот краткометражни филмови, а со почеток во 20 часот ќе биде проекцијата на долгометражните филмови – изјави Сабедин Селмани од фестивалот „Ода“.

Организаторите на фестивалот посочуваат дека во Тетово недостига филмската уметност, а „Ода“ преставува ретка можност да се пополни таа празнина.

– На Тетово му се потребни вакви фестивали. Од овој фестивал ќе произлезат и критики, па и за самата организација, па здравје, на основа на критиките ќе се потрудиме наредниот фестивал да биде уште поквалитетен – изјави Африм Спахиу од фестивалската управа.

В среда, со почеток во 20 часот, ќе биде прикажан филмот „Медена ноќ“ во режија на Иво Трајков. Филмскиот фестивал „Ода 2016“ ќе заврши в сабота, со прогласување на наградените филмови. Влезот за сите љубители на филмската уметност е слободен.


Финансиски образовано население – поефикасна економија, смета Богов


Скопје, 20 септември, 2016 - 12:23 (META) 

„Финансиското образование е од големо значење за поединците и за целото општество. Доколку поединците се финансиски описменети, тогаш можат да носат оптимални економски одлуки и ефикасно да управуваат со личните финансии. Финансиски образовано население придонесува за поефикасно функционирање на севкупната економија“, истакна денеска гувернерот на Народна банка, Димитар Богов, на промоцијата на двата едукативно-документарни филмови по повод одбележувањето на јубилејот, 70 години активности на централната банка во Македонија.

Гувернерот додаде дека изминатите седум децении, Народна банка ги исполнува своите цели, а тоа се одржување на ниска стапка на инфлација и заштита на финансискиот сектор од ризици.


Француската актерка Астрид Ветнал, специјална гостинка на „Филм фест“ во Охрид


Охрид, 14 јуни, 2016 - 12:36 (META) 

Познатата француска актерка Астрид Ветнал денеска од Белгија пристигнува во Охрид. Таа ја игра главната улога во филмот „Пат за Истанбул“ на Рашид Бушареб, кој публиката ќе го гледа на „Филм фест“ во Охрид.

Денеска е програмата од претпоследниот ден на фестивалот „Филм фест“, со прикажување филмови од кратката програма „Видици“, во рамките на Охридската филмска школа – ФИОФА.

Во рамки на главната програма во Центарот за култура „Григор Прличев“ вечерва ќе бидат прикажани филмовите „Би сакала да се измие дождот“ на Ѓилтен Таранч од Турција и документарниот филм „Над и под“ од швајцарско-германска продукција.

На фестивалот е предвидено да се прикажат вкупно 44 кратки филма, меѓу кои се пет македонски.


Ретроспективата на Манчевски во Бразил


Бразилија, 4 септември, 2015 - 10:48 (META) 

Во Бразил почна ретроспективата на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски. Неговите филмови „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“ и „Мајки“ ќе бидат прикажани како дел од едукативната и културна кино-дебата за човекови права (Human Rights Cinedebate) на бразилскиот Федерален универзитет на Рио Гранде до Сул.

Ретроспективата почна со проекцијата на „Пред дождот“ на 26 август, а следуваат на 23 септемрви „Прашина“, на 21 октомври „Сенки“ и на 25 ноември „Мајки“.

Федералниот универзитет на Рио Гранде до Сул е еден од најголемите федерални универзитети во Бразил, лоциран во Порто Алегре, а со единици во многу други градови. Универзитетот се вбројува меѓу најдобрите во Бразил, со најголема бројка на научни публикации и е признат во целиот свет.

Филмовите на Манчевски се особено популарни во Бразил. По победата во Сао Паоло на најголемиот бразилски и јужноамерикански фестивал, „Пред дождот“ беше и кино-филм на годината во Бразил и предмет на бројни академски трудови. И „Прашина“, „Сенки“ и „Мајки“ беа прикажани во Сао Паоло, а имаа и многу успешна кино и ТВ-дистрибуција во Бразил. До денес тие се дел од наставата на бразилските филмски школи и универзитетски програми и се прикажуваат во разни кинотечни и други програми.

Филмовите на Манчевски се предаваат на стотици универзитети во светот, а во Италија „Пред дождот“ е дел од задолжителната наставна програма во средните училишта. Неговите филмови се обработуваат во бројни есеи, книги и филмски енциклопедии, прикажани се на повеќе од 200 фестивали, во повеќе од 50 држави на сите континенти во редовна кино-дистрибуција и на ТВ-програмата.

„Пред дождот“, кој е најтрофеен македонски филм, е вброен во 1.000 најдобри филмови во историјата од страна на „Њујорк тајмс“ и има освоено повеќе од 30 меѓународни награди, меѓу кои и „Златен лав“, номинација за „Оскар“, ФИПРЕСЦИ, „Давид ди Донатело“, „Сребрен кондор“, награда на УНЕСКО… Во САД, реномираната „Крајтерион колекција“ го издаде видеозаписот од филмот во едиција со Бергман, Антониони, Тарковски, Бресон…


„Анимакс Скопје фест“ го отвори повикот за анимирани филмови


Скопје, 3 јули, 2015 - 13:30 (META) 

Меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје фест“ објавува отворен повик за аплицирање за годинешното петто јубилејно издание на фестивалот, кое ќе се одржи во периодот од 5 до 8 ноември во Скопје, Република Македонија.

Право да се пријават имаат сите филмови изработени во која било техника на анимирање, завршени по 1 јануари 2014 година, кои претходно не биле пријавени на „Анимакс Скопје фест“. За да бидат разгледувани, филмовите треба да бидат пријавени во една од следните категории: кратки анимирани филмови, долгометражни анимирани филмови (подолги од 45 минути) и анимирани филмови за деца.

Краен рок за праќање на пријавите и на видеоматеријалите е 20 септември 2015 година.