Интервју со Ирма Башеска – Ристовска: Премостување на јапонската и македонската култура преку Nihon Ji фестивалот

Ирма Башеска Ристовска ( Портрет Фотографија -лична архива се користи со дозвола)

Ирма Башеска – Ристовска е член на Japan@mk – неформална организација на вљубеници во јапонската култура. Лани во нивна организација и со ангажман на повеќе луѓе, „направено од фанови за фанови и од љубов” – како што вели Ирма, беше организиран фестивалот Nihon Ji (Нихон Џи) во Public Room (Јавна соба), којшто привлече огромно внимание. Со само два месеца за организирање на настанот, постигна неочекувано позитивен ефект и огромен интерес и посетеност.

Сега се подготвува второто издание на фестивалот – Nihon Ji Vol II – со многу настани од различен вид. А за да се запознаете повеќе за самиот настан од japan.net.mk, имаат направено видео за тоа што се случуваше лани (Видете најдолу!).

Самиот настан е наречен Нихон Џи според еден од најпознатите јапонски храмови, кој бил будистички храм, а сега е Зен светилиште.

 

Дали за името на фестивалот намерно е избрано име на најпознатиот храм, со што симболиката би била и дека самиот фестивал Нихон Џи еден вид привремено светилиште на јапонската култура?

-Јапонскиот збор за будистички храм е тера (寺) (кун читање) и истиот канџи го има и изговорот џи (на читање), така што имињата на храмовите често завршуваат на -дера или -џи. Пример се Zōjō-ji -ji, Yakushi-ji, Kōfuku-ji, Sensō-ji, Tōdai-ji, итн. Нихон, пак е јапонското име за Јапонија. Оттаму, Нихон-џи Фестивал во буквален превод би значел токму тоа – храм на јапонската култура. Во тој контекст и се одлучивме самото лого на фестивалот да прикажува тории порта, додека пак во позадината се отцртува современиот градски пејсаж на Токио.

Nihon-Ji_LOGO-07

 

Минатогодишниот настан направи вистински бум, со претставување на традиционални јапонски вештини, како боречки вештини, правењето чај, продажба на увезени кимоноа, накитот, па сè до најмодерни трендови, како компјутерски игри со турнир во Текен 7, играње карти со Ју-џи-о, проекции на аниме, промовирање на манга и работилници за цртање манга и многу други разнолики активности; калиграфија, козплеј и што сè не. И оваа година се очекуваат слични активности, би можеле ли да нè запознаете со годинашните новитети?

Програмата на минатогодишниот фестивал вклучуваше трибини, презентации, проекции на филм и аниме, музички избор и диџеј настап, уметничка изложба, презентација на модни дизајни, танцов настап, сликање на тело во живо, боречки вештини, вовед во цртање манга, видео игри, друштвени игри и игри со карти, работилници за роботика, церемонија на чај, кумихимо и монкири, косплеј натпревар, караоке, како и богат продажен дел.

Оваа година, програмата е уште побогата и пообемна, па затоа се одлучивме фестивалот да го поделиме на два дела, Nihon-ji 2.1 кој ќе се одржи на 27 мај, и Nihon-ji 2.2, кој се планира за септември.

Во најголем дел, ланските активности ќе бидат присутни и оваа година, но со нови и побројни учесници, уметници и говорници. Во мај нè очекува многу побогата музичка програма со одлични изведувачи во живо, нови турнири во видео игри, работилници за оригами и косплеј, нови pop-up stores, уметничката изложба ќе биде надополнета со инсталации и скулптури од реномирани домашни уметници, а ќе имаме и македонска премиера на краткометражен филм на јапонско-шпанска режисерка.  Нохон-Џи 1 (12)

На голема радост на најмладите, и оваа година ќе има повторно содржини за гејмерите и гејмерките, наместо Текен ќе се игра Guilty Gear, а ќе има и PvP натпревар во Покемон. Исто така ќе има и турнири во Ју-џи-о со карти. Но сепак бројот на натпреварувачи е ограничен, а пријавувањата се во тек. Како заинтересираните да се пријават за овие натпревари и кои се условите?

– Добрата страна на овие игри е што во нив можат да уживаат и возрасните подеднакво како и младите. Единствено возрасно ограничување на 16+ има за Guilty Gear, поради природата на самата игра, но што се однесува до Pokemon Go и Yu-Gi-Oh!, такви ограничувања не постојат. Сите кои се заинтересирани, можат да се пријават на формите на следниов линк, каде што се наведени и сите правила за учество.

Нохон-Џи 1 (8)

Фасцинацијата со јапонската култура во Македонија е долгогодишна, речиси и да нема населба во Скопје, па и по другите населени места, со најмалку еден маркантен клуб за карате. Исто така и клубовите за аикидо и кендо, а, иако поретки, има и клубови за џиу-џитсу и џудо. Кои јапонски боречки вештини ќе бидат презентирани годинава?

Боречките вештини овојпат ги испланиравме за септемвриската половина од фестивалот. Доколку сè оди по планот, пред нашата публика ќе имаме можност да ги претставиме  истите боречки вештини како и лани: кендо, џудо, карате-до, аикидо, иаидо, со тоа што би ја дополниле листата со реално аикидо и бразилско џијуџицу.

 

Нихон Џи 1 (2) Најпознатите книги кои имаат и нови реактуелизирани изданија на македонски како: „Рашомон” од Рујносуке Акутагава (издавачка куќа „Мисла“ и понова верзија на издавачката куќа „ПНВ“) која е полна со поучни раскази што ги прераскажува, а се присутни во народното творештво и митологија. Споредбен автор од македонската култура со слична дејност би бил Марко Цепенков.

„Вештината на војувањето” од Сун Ѕу (издавачка куќа „Икона“) иако е дело од кинеско потекло, е доста вреднувано во јапонската култура.

„Книга за петте прстени” од Мијамото Мусаши (издавачка куќа „Икона“). Интересен факт за Мијамото Мусаши развил своја дисциплинска филозофска мисла. Тој никогаш не бил победен како мечувалец, дури на крајот од кариерата користел исклучиво дрвен меч и не ги убивал противниците, само ги тепал и ги оставал да преживеат. Односно бил доволно просветлен да не убива, а да победува.

Исто така е преведена воодушевувачка хаику поезија, а и голем број македонски поети имаат пишувано хаику, творби што може да се најдат во насловот „Антологија на македонската хаику поезија” (издавачка куќа „Македонија Презент“). Наш најмаркантен поет што пишува хаику е проф. д-р Владимир Мартиновски, којшто беше застапен како автор на минатогодишниот фестивал Нихон Џи.

Има и преводи на збирки приказни и бајки, како „Јапонски бајки” од Јеи Теодора Озаки (издавачка куќа „Ѓурѓа“) во која повозрасните генерации можат да ги препознаат колекциите на јапонски бајки преведувани на српско-хрватски.

„Јапонски Но-драми” (Арс ЛИБРИС) исто така е книга што вреди да се спомене. Затоа што традиционалниот јапонски театар е многу поразличен од класичниот.

„Земјата на снегот” од нобеловецот Јасунари Кавабата веќе со децении е застапена во редовната програма по македонски јазик во средните училишта, како задолжителна лектира.

Исто така и „Приказна за Генџи” од Мурасаки Кишибу (издавач „Слово“) можеби првата жена автор од Јапонија што воопшто напишала роман. Оваа книга е препорачана од Кавабата.

Најново издание би била книгата „Мачорот што ги спаси книгите” од Сосуке Нацукава.(Издавачки центар „Три“).

Дали на повикот за застапени уметници од сите уметности досега одговорија и книжевни преведувачи?

-Досега немаме објавено повик за преведувачи на книги, ниту пак издавачки куќи, иако минатата година имавме можност да оствариме соработка со „Bookva“, „Славика Либрис“ и Книжарница ТРИ. Оваа година повторно се очекува да да имаме продажен штанд за литература со „Bookva“, но овој сегмент е сè уште во процес на финализирање.

Секако, доколку постои издавачка куќа која е заинтересирана за соработка, може слободно да нè контактира.

 

Нохон-Џи 1 (3)На маскенбалите, „јапонски нинџа” е сеприсутна маска на секој маскенбал, а често можат да се најдат и девојки маскирани во гејши и по некој самурај. Меѓу козплејерите од Mакедонија има сериозни изработувачи на реквизити и маски. Какви се плановите за козплејерите и како да се пријават?

Оваа година во рамките на фестивалот организираме косплеј работилница под водство на Ива Стојческа (@avicosplay) која е реномиран косплеј уметник со децениско интернационално искуство. Работилницата ќе се одржи на 6 мај во Центар Јадро, со цел учесниците да се стекнат со потребните вештини да креираат висококвалитетна маска со која подоцна можат да се пријават на натпреварот за Косплеј, кој ќе се одржи во септемвриската половина на Нихон-Џи Фестивалот. Оние кои сакаат да се пријават на работилницата, можат да го сторат истото преку оваа пријава.

На самиот ден на фестивалот (27 мај), ќе одржиме кратка презентација на она што се случувало на работилницата, а Ива ќе има и своја мала изложба на претходно сработени и успешни косплеј маски.

  Нохон-Џи 1 (4) Бидејќи сите деца во основа сакаат да цртаат ќе наидат и на работилница за цртање на манга и аниме ликови што ќе ја води Ристо Манасиев,илустратор со кого имаме и претходно интервју. Дали е ограничен бројот на деца кои можат да се пријават да учат ваков стил на цртање? И на која интернет адреса се прави пријавувањето на учесниците?  

-На оваа работилница можат да се пријават и возрасни кои се заинтересирани да ги научат принципите на манга цртањето и да дизајнираат карактер за кој ќе се изработи кратка манга во неколку панели!

Работилницата ќе биде под водство на Ристо Манасиев кој е професионален илустратор и 2Д артист. Истата ќе се одржи во Brutalisk на 20 мај, а пријавата за неа можат да ја најдат на следниов линк, каде можат да се најдат и дополнителни информации околу правилата за учество и детали за самата програма дента.

Бројот на учесници е ограничен на 15, додека пак возрасната граница изнесува 12+ години. Делата што ќе бидат изработени на работилницата ќе бидат изложени на самиот ден на фестивалот (27 мај).

Нохон-Џи 1 (11) Дали и оваа година ќе има проекции на аниме?

За мајската половина од Нихон-џи фестивалот не се планирани аниме филмовите на Гибли, туку имаме други наслови на репертоар кои ќе ги објавиме како изненадување.

Темата на годинашниот фестивал е „Неонски бранови“, затоа што Јапонија е земја на неонот, светлечките реклами и напредната технологија, а брановите го претставуваат најприродното нешто. Тие означуваат движење, промена, раширување, пренесување, па во таа смисла Нихон-Џи го носи јапонското културно влијание во Mакедонија со цел да ги спои различностите и спротивностите под една заедничка цел за соработка и солидарност.

На видеото од минатиот Nihon Ji фестивал има снимка и од традиционална подготовка на чај. Дали би можеле да ни кажете повеќе околу ритуалот на правење чај во Јапонија, која е мистеријата зад тој чин?

Фото: Нихон Џи 1

Јапонската церемонија за чај е традиционална ритуалистичка практика која вклучува подготовка и сервирање зелен чај во прав, или „мача“, на внимателно кореографиран начин.

Филозофијата зад оваа церемонија се заснова на принципите на зен будизмот и има за цел да создаде чувство на хармонија, почит и спокојство преку чинот на подготовка и споделување чај. Церемонијата за чај е дизајнирана да биде медитативна практика која им помага на учесниците да постигнат чувство на внатрешен мир. Фокусот е на сегашниот момент, со внимание посветено на секој детал, од подготовката на чајот до приборот за послужување и околината.

 

Дали ќе има проекција на јапонски филмови и дали можеби ќе може да се гледа ремек делото на Куросава „Седумте самураи”?

Одговорот на ова прашање е сличен на одговорот на претходното прашање за проекциите. Репертоарот ќе биде изненадување.

 

Поголема од филмската индустрија моментално е индустријата за видео игри. Дали на Nihon Ji vol II би имале некаков  на презентација или предавање, трибина за ваквиот импакт на Јапонците на гејмингот ширум светот?

Презентација на тема „Влијанието на Јапонија врз гејмингот ширум светот“ не е планирана, но ќе има гејминг сектор каде ќе се игра веќе споменатата видео игра Guilty Gear. Засега, и овој сектор од фестивалот е во фаза на финализирање.

 

Моментално прибирате средства за организирање на фестивалот. На кој линк може да се донира за да се поддржи случувањето на фестивалот?

Нихон-џи фествалот е настан „од фанови за фанови“ и е од непрофитна природа, па секоја донација и спонзорство е целосно насочено кон покривање на основните трошоци за изведба на фестивалот. Со цел да се олесни целиот процес, неодамна отворивме сметка за донации, овозможено благодарение на Здружение на граѓани за нови уметности, технологија и екологија “3.14 Брокули”.

 Дополнително, секој кој би сакал да ја поддржи нашата кауза како спонзор, може да не контактира во секое време на нашите социјални мрежи Фејсбук и Инстаграм.