Ристо Манасиев, илустратор: Најбитно е младите да го следат својот сон и да бидат упорни

Ристо Манасиев Фото: лична архива, се користи со дозвола
Ристо Манасиев | Фото: лична архива, се користи со дозвола

Ристо Манасиев, дипломиран стоматолог, се преориентирал во друга професија, во која денес е успешен – илустратор и 2D аниматор. Тој исто така е голем познавач на гик културата – читање книги, стрипови и гледање  филмови, серии и аниме. Работи и на боење Warhammer и D&D минијатури и е мајстор-играч на видео игри. Неговите обоени минијатури како и некои цртежи може да ги видите на неговиот Instagram профил _halfelfpaladin_ .

Во ова интервју разговараме за повеќето аспекти на  „гик културата” која што е во подем на светско ниво, особено кај помладите генерации.

 

Вашата преорентација во илустратор, односно професионален цртач – ликовен уметник, како и 2D аниматор, беше голема пресвртница и начин да го работите она што навистина го сакате и да заработувате од тоа. Кои совети би ги дале на младите што имаат желба да го работат тоа?

– Најбитно е да го следат својот сон и да бидат упорни. Ако дигиталната уметност, па дури и традиционалната, им се животна желба, тогаш не смеат да се откажат од тоа, без разлика што некои би им рекле. Најчесто ќе чујат „од уметност не се живее“, но тоа е многу погрешно, особено последниве 10-15 години, кога дигиталната уметност е во огромен подем и има можност за заработка од неа.

За учењето како да се црта правилно и пропорционално сега има многу достапна литература. Кои книги би ги препорачале?

-Која било книга во којашто има примери како да се црта анатомија, сценографија, како да се „игра“ со сенките и светлата, како да се постават пози и перспектива, е повеќе од добредојдена. Денес има премногу такви книги и секоја е полезна кога станува збор за учење и надоградба на талентот. Нема некоја што посебно би ја препорачал затоа што, како што кажав, сите се подеднакво добри.

Дали има македонски фирми или друштва кои функционираат доволно добро за да се оствари потенцијалот на идните цртачи?

– Има, меѓутоа треба да се земе предвид и интернационалниот пазар. Платформи како UpWork, на пример, се одличен почеток, потоа интернет галериите како DeviantArt и ArtStation исто така се одлични места каде може да се добие понуда за работа во оваа индустрија. Многу битно е и да се има добар профил на LinkedIn, со богато портфолио, ова многу помага…

Како младите да најдат работа во ова поле на уметноста и начин да се промовираат?

– Одговорот на ова прашање е сличен како на претходното. Она што тука би го потенцирал е дека освен горенаведените платформи на интернет, кај нас има многу приватни факултети и курсеви што овозможуваат остварување врски со други поискусни уметници коишто работат на ова поле, што секако овозможува поголемо истакнување и препознавање на талентот, а со тоа и подобри понуди за работа. Познанствата се многу битни – ако сакаат да бидат забележани, мора да се експонираат со своите дела, да ги покажат пред светот, така многу полесно ќе остварат комуникација со потенцијални клиенти. Работа за фирми е сосема во ред, меѓутоа и фриленсингот многу се исплатува.

Некогаш не е доволно само да се знае да се нацрта цртеж – на пример, ако се прави стрип во боја, за да се комплетира тој треба и да се обои. Кои програми за дигитално боење ги препорачувате? Или е подобро да е обоено на хартија?

– Секоја техника си има свои мани и предности. Што се однесува до програми, јас лично ги користам Photoshop и Paint Tool SAI. Photoshop е секако еден од најкористените. Што се однесува до цртање на хартија, секако си има и тоа своја вредност, некогаш помалку, а некогаш повеќе, зависи од клиент до клиент, но дигиталното цртање во најголем број на случаите е повеќе барано од традиционалното, кога станува збор за оваа професија.

Знаеме дека во класичното правење, на пример, на стриповите Marvel и DC се вклучени писател, цртач и колорист (бојач). Што би ни откриле околу вештината на боење? И дали е полесно да се совлада правилното боење или цртање?

– Тоа зависи од самиот уметник. Како што напоменав, секој си има свој стил и пристап кон работата, но во суштина нема полесно или потешко нешто, секој си го гради стилот на свој начин и си развива свој пристап.

Колку е важно познавањето компјутерски програми како Photoshop и Illustrator програмите на Adobe, за да се направат цртежите или стриповите, па и анимациите подобри?

– Секако дека е многу важно, тие програми се алатките со кои се креираат делата, веќе ги споменав оние со кои јас работам, меѓутоа повторно доаѓаме до моментот на индивидуалното, секој уметник со тек на време си открива која од дигиталните алатки е најпогодна за неговото творештво.

Вие неодамна почнавте свој YouTube канал што е ориентиран на боење на Warhammer, D&D и минијатури од други такви игри. Дали за боењето на минијатурите употребувате помагала како специјални очила или лупи или боите од голо око?

– За боење на моделите не користам такви помагала, благодарен сум што видот сѐ уште добро ме служи и можам да си дозволам да бојам со, како што беше споменато во прашањето, „голо око“.

Која опрема е потребна за вежбање на цртањето? Секако некогаш е потребно само “Ха-Бе молив, блок број 5 и острилка од Бугарија” како што се шегуваше мојот наставник во основно по ликовно образование, Орце. Но дали е потребна специјална маса каква што користат професионалните цртачи на стрипови и соодветно осветлување, специјални бои и други помагала, како шестари лењири и слично. Што од оваа опрема препорачувате да набават почетниците? И дали е добра идеја да се набави дигитално пенкало со површина за цртање за директно цртање или досредување на цртежи?

 – Сите набројани помагала се секако добредојдени, меѓутоа наставникот Орце е во право, најчесто доволно е само еден лист хартија, молив и гума. Многу е побитно да се има желба да се работи ова, ако се има желба со труд и вежбање помагалата ќе си дојдат сами по себе. Како уметникот ќе се надоградува во својот стил, така ќе се снабдува со потребната опрема. За почетници? Како што реков, лист хартија, молив и гума и многу желба и труд. Што се однесува до алатки како pen tablet, тоа е a must have (обврзно) кога станува збор за дигитално цртање, алат без којшто не може да се постигне одличен резултат во сферата на дигиталната уметност.

Кој пристап би го препорачале на луѓе што сакаат да започнат да играат Dungeons & Dragons? Што треба прво да направат?

– Желбата за играње и за запознавање со хобито е најбитна. Потоа запознавање со тоа што точно е Dungeons & Dragons и каков тип на игра е. За среќа, живееме во дигитална ера во којашто информациите ни се на дофат на дланка, пребарувањето на интернет е најдобриот начин на запознавање, учество и членство во многубројните групи на Facebook. Имаме и наша македонска група наменета за D&D, каде секој е добредојден и секој може да праша сѐ што сака да знае во врска со хобито. Не постојат глупави прашања, особено не кога некој сака да научи. Многу луѓе кои веќе се инволвирани во ова би биле радосни да помогнат на некој кој се интересира за играта.

Кои се најдобрите места во Скопје да се набави на пример фигури, повеќеаглести коцки, мапи и книги за D&D?

Постојат три продавници кај нас каде може да се најдат потребните работи за D&D, и сите три се во Скопје, за жал колку што знам во другите градови во земјава нема каде да се набават овие работи. Во Гоблин Друштвени Игри може да се набават некои од книгите, како и коцки. Во Академска Книга има само книги, додека во Стрип книжарница Бункер има фигури. За жал изборот и во трите случаи не е нешто многу голем, сепак онлајн продавниците остануваат најголем извор за купување на овие работи.

Кои книги од постарите изданија ги препорачувате како добри авантури и кампањи за играње?

– Зависи за која едиција на играта се работи. D&D моментално се наоѓа во својата 5-та едиција, која е моментално најдостапна и е сѐ уште во продажба. Имајќи предвид дека купување книги од претходните едиции може да биде поприлично тешко, јас би се задржал само на кампањи од моменталната, 5-та едиција. Од сите кои ги имам играно најголем впечаток ми остави Baldur’s Gate: Descent into Avernus, потоа би ги споменал и Out of the Abyss и Icewind Dale: Rime of the Frostmaiden. Морам да потенцирам дека ова се авантури за понапредни играчи, не ги препорачувам на почетници.

Кои други видео игри ги играте/игравте во последно време?

– И се навратив на Witcher 3 кога CDPRго извадија next-gen апдејтот. Активно сѐ уште ја играм Final Fantasy XIV, но последниве неколку месеци повеќе сум посветен на боењето минијатури. Како што беше и споменато во едно од претходните прашања, од неодамна отворив и YouTube канал, www.youtube.com/@b.e.m.d , Broken English, Miniatures and Dice, кој се бави со таа тема, па слободното време повеќе го трошам на тоа.

Кои видео игри според вас имаат највпечатлив уметнички стил од естетски аспект?

– Одговорот е прост: Сите. Секако, некои повеќе, некои помалку, но сите игри имаат свој впечатлив уметнички стил. На некој повеќе би му се допаднала една игра во тој аспект, на некој друга, но на пазарот помалку или повеќе има публика за секоја игра. Еве, ако веќе морам да споменам конкретни примери, тоа би биле серијалите Final Fantasy и Persona.

Кој е вашиот најомилен стрип јунак и зошто?

-Тешко прашање, има многу стрипски ликови кои ми се допаѓаат, не сум од оној тип на луѓе кои имаат своја листа на топ 5 или топ 10 најомилени ликови, но ако веќе треба да одвојам јас би напоменал три. Spawn од истоимениот серијал на Image Comics, Batman за кој сметам дека не треба да давам објаснување, и Ivan Isaacs од корејскиот серијал Priest. Ќе додадам еве уште двајца, Spider-Man на Marvel, и He-Man од Masters of the Universe. Зошто? Секој од овие ликови, како и други кои не ги споменав, имаат карактеристики кои ги прават посебни, нивните животи се испреплетени со секакви препреки со кои се справуваат секој ден, борбата за да се направи некое општо добро, притоа обидуваќи се да не се претворат и самите во она против кое се борат.

Кои книги и писатели од епската фантастика и научната фантастика ги препорачувате за читање?

– Ќе почнам со класичниот и најчест одговор, сите книги што ги напишал маестралниот Толкин. Најпознати дела му се Хобитот и Господарот на прстените, но за љубителите на висока епска фантастика најтопло ја препорачувам Силмарилион, која е еден вид на Библија за светот кој Толкин го има изградено во текот на многу години од неговиот живот. Следно би го набројал Брендон Сандерсон, за којшто имам само најпофални зборови. The Stormlight Archive е серијал на кој сѐ уште работи, до сега се излезени само четири книги, а колку што знам, планирани се десет. Ова е прекрасен серијал на висока епска фантастика и го препорачувам на секој љубител на жанрот. Тука е и Мајкл Муркок, којшто до сега има издадено многу книги, не само во епската фантастика, туку и во научната фантастика. Мене највпечатливи ми се неговите дела  Elric of Melniboné и Corum Jhaelen Irsei. Секако Џ.К. Роулинг и нејзиниот серијал за Хари Потер. Сакам да го споменам и Френк Херберт со неговиот серијал „Дина“ во областа на научната фантастика.