„Барби“ повеќе популарен од „Опенхајмер“ – двата филма денеска ќе бидат прикажани премиерно

Американскиот синџир на кина „АМЦ“ откри дека повеќе од 40.000 луѓе резервирале билети за гледање на двата филма на денот на премиерите

Илустрација: Мета.мк / користени материјали: Mattel / Warner Bros. и Universal Pictures, Wikimedia Commons

Сатирата „Барби“ на режисерката Грета Гервиг создадена од новото филмско студио на мултинационалната компанија за производство на играчки „Мател“ се очекува да „победи“ во многу популарното натпреварување против биографскиот филм за „Опенхајмер“ на Кристофер Нолан.

Двата филма денеска ќе бидат премиерно прикажани во повеќе држави, но филмот „Барби“ создаден со буџет од 145 милиони американско долари се очекува да триумфира во ривалството популарно наречено „Барбенхајмер“, пренесува Гардијан.

Дистрибутерите на „Барби“ – студиото „Ворнер Брос“, првичната заработка од премиерите ја оценува на 75 милиони долари во САД, но аналитичарите очекуваат заработката да стигне и до 140 милиони долари.

„Барби“ се очекува да го собори рекордот за филм со најголема почетна заработка во САД создаден од жена – режисерка. Рекордот во моментов го држи „Вонредвоман“ во 103 милиони долари.

Од друга страна, филмот „Опенхајмер“ кој ја раскажува приказната за таканаречениот татко на атомската бомба, со буџет од 100 милиони долари и во кој главната улога ја има Силијан Марфи, се очекува да биде отворен со 50 милиони долари викендов во САД, а бројката се проценува да стигне до најмалку 100 милиони долари ширум светот.

„Барби“ се прикажува во 4.200 киносали во САД, односно во 600 кина повеќе од „Опенхајмер“. Филмот на Кристогер Нолан е еден час подолг, што исто така значи помалку прикажувања.

Американскиот синџир на кина „АМЦ“ откри дека повеќе од 40.000 луѓе резервирале билети за гледање на двата филма на денот на премиерите.

„Веќе 30 години се занимавам со следење и анализирање на трендовите и никогаш не сум бидел вакво нешто“, изјавил аналитичарот на „Комкаст“, Пол Дергарабедјан, а пренесува Гардијан.

Двата филма денеска се прикажуваат и во киносалите низ Македонија.

Инаку, премиери летово имаа бројни големи наслови како „Спајдермен: Ширум Спајдерверзумот“, новите продолженија на „Индијана Џонс“ и „Невозможна мисија“, филмот за суперхеројот „Флеш“, анимираниот „Елементал“ и други. Голем дел од овие наслови досега не ги остварија проектираните заработки.

Според „Комскор“, продажбата на билети во САД е намалена за 20 отсто во однос на истиот период во 2019 година, односно во споредба со периодот пред ковид-пандемијата.