Десет бесплатни европски филмови неделава во Скопје, Битола и на платформата Cinesquare.net

Киното „Манаки“ во Битола, Кинотека во Скопје и платформата Cinesquare се местата каде ќе бидат прикажани бесплатни филмови за Месецот на европски филм

фото: Здружение на филмски продуценти на Македонија МЗФП

Во рамки на проектот „Месец на европски филм“ неделава, од 6 до 12 ноември, во Битола, Скопје и онлајн на платформата Cinesquare.net бесплатно ќе бидат прикажани вкупно десет европски филмови.

Организатор на проектот е Здружението на филмски продуценти на Македонија (МЗФП) од Скопје, додека проектот се реализира со поддршка од Општина Битола.

Во киното „Манаки“ во Битола денеска со почеток во 11 часот ќе биде прикажан филмот „Брат ми брка диносауруси“, додека во 13 часот ќе биде проектиран филмот „Пепел“.

Утре на програмата се „Макс и бесната дружина“ и „Сама“,  а во четврток филмовите „Атлас“, „Готлиб“ и „Змијулче“.

Во петок во Битола ќе бидат прикажани филмовите „Стаклено момче“, „Кавал“ и „Трафика“.

Во Скопје, во Кинотека на Северна Македонија во петок ќе биде прикажан филмот „Атлас“ со почеток од 20 часот.

На онлајн платформата Cinesquare.net достапни за гледање се филмовите „Атлас“, „Брат ми брка диносауруси“ и „Стаклено момче“.