(Интервју) Саша Станишиќ: Во Јужна Кореја го снимив филмот PC BUSAN, ме фасцинира нивната гејминг култура

Во ова интервју за Мета.мк, Станишиќ зборува за неговите филмови и пишаните дела, за ситуациите со кои се среќаваат уметници што се бават со филм и пишување и како да се надминат одредени потешкотии на тој пат

Фотографија од лична архива, се користи со дозвола.
Фотографија од лична архива, се користи со дозвола

Саша Станишиќ е македонски режисер и раскажувач. Неговата кариера како филмски режисер брои неколку филмови кои се по себе различни – забавни, но и со многу симболики за критичко размислување, а изобилуваат и со хумор. Истиот терк го има и во пишувањето каде како писател, или како што повеќе сака да биде нарекуван раскажувач, има издадено книга со кратки раскази насловена „Скиселени тикви“, што своевремено имаше своја промоција во МКЦ. Во ова интервју за Мета.мк, Станишиќ зборува за неговите филмови и пишаните дела, за ситуациите со кои се среќаваат уметници што се бават со филм и пишување и како да се надминат одредени потешкотии на тој пат.

 

Во вашата првоиздадена книга „Скиселени Тикви“ одбравте кратки форми на раскази што е многу популарна варијанта во денешно време. Дали е тоа затоа што денешната помлада читателска публика често не може долго да го задржи вниманието?

Формата (краток расказ) не ми е одбрана со умисла. Пишувањето на расказите почна сосема спонтано. Тие се започнати како мали цртички за карактери за сценарија базирани врз ликовите кои редовно поминуваат под мојот балкон. Имено кога пропушив на мои 36 години (нешто за што не сум многу горд), ми стана навика да седам на балконот и да ги набљудувам луѓето коишто поминуваат. Тие ликови ми беа главна инспирација за расказите и најчесто се пишувани во еден здив, без намера да ги објавам. Но, испаднаа изненадувачки добро и кога требаше да се издадат, решив да не ги едитирам и продолжувам. Некако така ми делуваа поавтентични (напишани во еден здив, своевидни прозни хаику).

Вашето прво попознато филмско официјално остварување е вклучувањето на вашиот хумористичен филм „Мангава Диско Панк“ во серијалот „Скопје-Ремикс“. Филмот има добра премиса што малтене го поврзува панкот-каде панкерите се носат со скинати облеки што се прави паралела со не-малкуте сиромашни Роми кај нас, што исто така носат скинати облеки. Освен поддршката на диверзитет и соживот, што беа другите пораки во под-контекст што сакавте да ги изразите со овој филм?

Кога се развиваше идејата за „Скопје Ремикс“, сметав дека треба да има краток филм за Ромите, бидејќи тие и нивната култура се најфилмуваните, не само во Скопје, туку и во регионот. Но, доста често таа нивна филмска претстава изобилува со стереотипи и предрасуди. Сакав на ромската култура да се осврнам на еден поинаков начин, со оглед дека живеам во населба каде има ромско маало и добро сум запознаен со нивниот живот. Не сакав да направам уште една социјална драма за Ромите. Ме интересираше нивната култура и начин на живот, кои за мене се суштествен дел од скопската поп-култура.

Во таа смисла, „Мангава диско панк“, беше обид за создавање на автентичен скопски поп-арт, психоделичен, валкан, дречав, гротескен. Видеата за поздрав и честитки кои во времето на снимањето на филмот одеа на двете ромски телевизии, беа првичната инспирација да создавам ваква филмска приказна.

Дали мислите дека проектот филмови „Скопје-Ремикс“ беше под влијание на минати филмови од територијата на бивша СФРЈ, како на пример, серијалот „Како је пропао Рокенрол“ и „Ми нисмо анџели“. Или референците се намерни заради повторно премостување на различните народи?

Македонската кинематографија беше дел од југословенската кинематографија и се  разбира дека југословенските филмови од крајот на 80-те и почетокот на 90-те имаа некое влијание врз омнибусот. Но, не би рекол дека тоа беше толку директно и со намера.

Идејата за омнибус за Скопје повеќе беше под влијание на слични омнибуси посветени на градовите (како Paris, je t’aime  или New York, I Love You). „Скопје ремикс“ се состои од филмови кои стилски се различни, но се слични во желбата да се направи нешто поразлично од дотогашните македонски филмови.

Фотографија од лична архива, се користи со дозвола.
Фотографија од лична архива, се користи со дозвола

Дали мислите дека со сегашните технички способности дека може да се сними аматерски филм со мобилен телефон или со подобар фотоапарат, само со сценарио без употреба на книга на снимање, професионални филмски камери и ред други потрепштини?

Апсолутно да, впрочем и неколку години имам соработувано во организација на „Мобил фестивал“, еден од најстарите интернационални фестивали за филмови снимени со мобилен телефон.

Напредокот на новите технологии овозможува своевидна демократизација на филмот како медиум, кој сè уште го држи пиедесталот на логистички најсложена и најскапа уметност. Можноста на поседување на сопствена камера во џеп значи дека филмот и видеото како медиум стануваат дел од севкупнотo постоење. Како што се живее, така се снима. Сакале ние или не, свеста за филмскиот медиум се менува. Сега секој може неоптоварен со буџет да се обиде да ја раскаже својата приказна.

Мобилниот телефон со камера е ултимативна алатка за снимање на документарци. Своевидна мини камера која ја носите во џепот и секогаш и секаде можете да регистрирате настани, неочекувани ситуации. А воедно е и доволно мала за да може да се постави на најнеочекувани места. Сите техничи “недостатоци” лесно се претвораат во естетска предност и оригиналност.

Каде може да се изгледаат вашите филмови онлајн и дали се бесплатни за гледање или треба да се плати претплата на некој специјален интернет сервис за филмови?

Повеќето мои филмови можат да се гледаат на cinesquare.net. Тoa е ВоД платформа која се издвојува со фокусот на квалитетни европски филмови. Таа е менаџирана од мојата продуцентска куќа „Kатавеј“, а го покрива целиот балкански регион.

Кои се вашите идни планови?

Долгометражен игран филм е следна фаза од мојот развој како филмски режисер. Развивам сценарија за два играни филма, со едниот конкурирав во Агенцијата за филм.

Во исто време, заедно со тим на сценаристи, развиваме играна серија. Се надевам дека во иднина ќе можам да кажам нешто подетално за тоа.

Кои ви се омилени режисери?

Имам навистина шаренолик вкус за филмови и никогаш не ме е лесно да одговорам на ова прашање. Сакам многу различни видови на филмови и режисери поради различни причини.

Јa сакам разновидноста на Џон Хјустон, кај кого формата секогаш е диктирана од содржината која ја раскажува; вештината на раскажувањето нa Копола и Хичкок; прецизноста на Браќата Коен; игривоста и хуморот на Фелини; длабочината на чувствата на Бергман и Полански, храброста на Годар и Линч, искреноста на италијанскиот реализам и иранската кинематографија итн…

Но, пред сè, сакам искрени филмски приказни кои ќе ме изненадат, дали со приказната или со пристапот. Од поновите филмови тоа се Aftersun на Шарлот Велс (Charlotte Wells), Триаголник на тагата (Triangle of Sadness) на Рубенс Остлунд (Ruben Östlund) и Паразит (Parasit) на Бонг Јун – хо (Bong Joon-ho). 

Во вашиот најнов филм сниман во Бусан-Јужна Кореа којшто обработува тема со гејмер што како видео игра го доживува секојдневниот живот се доближувате до популацијата на млади гејмери со актуелни теми. Кои видео игри ги препорачувате?

Во PC BUSAN, филм кој го снимав во Јужна Кореја, ме интересираше гејминг културата во контекст на современото јужно-корејско општество. Јужна Кореја и покрај големата технолошка развиеност и достапност на интернетот, има неверојатно многу интернет кафулиња. Тоа се места за социјализација, но и бегство од реалноста на едно современо капиталистичко и колективистичко општество какво што е корејското.

Видео игрите за мене се фасцинантен нов медиум. Преку видео игрите може да се раскажат приказни на еден нов (интеркативен начин) во кој е вклучена и публиката. Наративните можности на видео игрите штотуку ќе се откриваат.

За време на ковид пандемијата ја играв Хадес (Hades), хек анд слеш игра со интересен концепт и приказна базирана на грчката митологија. Би ја препорачал и The Witcher 3 Wild Hunt, за мене една од најдобрите open world игри кога било направени.