Нетфликс ги зголеми цените на претплатата

Промените не ги засегаат македонските корисници - цените на стриминг платформата во земјава и понатаму остануваат исти

фото: @dclmister на Unsplash

Стриминг платформата Нетфликс од вчера ги зголеми цените на претплатата за повеќето свои пакети во неколку држави, меѓу кои и САД, Велика Британија и Франција.

Покачувањето доаѓа по соопштените резултати за заработката на компанијата во третиот квартал од годинава, според кои очекувањата за нови клиенти биле надминати, а акциите на Нетфликс пораснаа за 13 отсто.

Речиси 9 милиони претплатници ширум светот се приклучиле на стриминг услугата во третиот квартал, пренесе Ројтерс, со што прогнозата на аналитичарите била надмината за 6 милиони.

Нетфликс соопшти дека очекува сличен пораст и во тековниот квартал.

Како што пишува „Врџ“, според новите цени, од вчера, Основниот стриминг план во САД од 10 се зголеми на 12 долари. Оние што досега плаќаа 20 долари месечно за Премиум, сега ќе треба да плаќаат по 23 долари. Планот кој поддржува реклами и Стандардниот план, пак, остануваат со исти цени – 7, односно 15,5 долари.

Промените не ги засегаат македонските корисници. Цените на стриминг платформата во Северна Македонија и понатаму остануваат исти. Основниот план чини 5 евра месечно, Стандардниот 8, а Премиум планот 10 евра.

Своите цени во САД, Нетфликс последен пат ги покачи во јануари 2022 година.

На почетокот од годинава, пак, стриминг платформата, во обид да привлече повеќе претплатници, ги намали цените во повеќе од 30 земји, меѓу кои и во Северна Македонија. Причините за тогашното поевтинување беа зголемените трошоци за живот на домаќинствата, но и зголемената конкуренција од ривалските услуги на „Амазон“, „ХБО“ и „Дизни“.

Нетфликс во февруари воведе и ограничување на споделувањето лозинки во повеќе земји. Стриминг платформата сега бара од своите претплатници да платат дополнителен надомест доколку сакаат нивната корисничка сметка да ја споделат со роднини или пријатели кои не живеат во исто домаќинство со нив.