Нетфликс ја намалува цената на претплатите во повеќе од 30 земји

фото: @dclmister на Unsplash

Откако Нетфликс ја намали цената на претплатата во балканските земји, вклучително и во Северна Македонија, стриминг платформата соопшти дека ќе ги поевтини цените за претплатниците во повеќе од 30 држави.

Би-би-си пишува дека во обид да привлече повеќе претплатници, цените сега се намалуваат и во други делови на Европа, Азија, Латинска Америка, Африка и на Блискиот Исток.

Како што растат трошоците за живот на домаќинствата, Нетфликс се соочува и со зголемена конкуренција од ривалските услуги на „Амазон“, „ХБО“ и „Дизни“.

„Членовите никогаш немале поголем избор кога станува збор за забава“, изјавил портпаролот на компанијата за Би-би-си.

Намалувањата се однесуваат на одредени пакети, при што во одредени случаи цената на претплатата речиси се преполовува.

За основниот план, наместо досегашните 8 евра, Нетфликс на Балканот сега наплаќа 5 евра месечно. Стандардниот план, наместо 10, сега чини 8 евра, додека премиум планот чини 10 евра, а е поевтин од досегашните 12 евра.

Минатата година компанијата укина стотици работни места и лансираше поевтина опција за стриминг услуги кои вклучуваат и прикажување реклами.

Нетфликс месецов воведе и ограничување на споделувањето лозинки во повеќе земји, но ваквите правила сè уште не почнале да важат и во Северна Македонија. Стриминг платформата ќе бара од своите претплатници да платат дополнителен надомест доколку сакаат нивната корисничка сметка да ја споделат со роднини или пријатели кои не живеат во исто домаќинство со нив.

Минатото лето Нетфликс откри дека изгубила речиси милион претплатници во периодот меѓу април и јуни, но на почетокот од годинава објави дека е забележано зголемување на бројот на претплатници во декември.

Доаѓа крајот на споделувањето лозинки за гледање на Нетфликс