Со „Екскурзија“ во режија на Уња Гуњак ќе биде затворен филмскиот фестивал „Џифони“

Фото: Мета.мк

Единаесеттото издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ ќе биде затворено вечерва во 19.30 часот во киното „Милениум“ во Скопје, со босанскиот филм „Екскурзија“ на режисерката Уња Гуњак. Традиционално, учесниците на фестивалот низ танц, музика, филм, анимации, стрип, фотографии ќе споделат со публиката што научиле во изминатите пет на фестивалот, за време на сите работилници, разговори, дискусии. Ќе бидат прогласени и победничките филмови во сите категории.

„Кај сениорите, односно средношколците од трета и четврта година, денеска ќе биде прикажан македонскиот филм „Сестри“ на режисерката Дина Дума. Веднаш по проекцијата, Дума ќе биде гостинка кај џифонци. По проекциите и на последните филмови, средношколците ќе гласаат за најдобар игран филм на фестивалот, а ќе го проследат и последниот блок кратки и анимирани филмови за кои исто така ќе гласаат“, информираат организторите.

На вчерашниот ден кадетите имаа можност да го запознаат режисерот Олег Асадулин од Русија, со кого разговараа за филмот „Таму и назад“, додека пак актерката Миона Илов Милов разговараше со кадетите по проекцијата на српскиот филм „Мрак“.

На втората панелна дискусија од проектот ЕПИК се разговараше за иновативни едукативни модели кои преку аудивизуелни содржини им пренесуваат вредности на младите. Меѓу другите своето искуство на темата го раскажаа претставници на неколку организации – Finish school од Косово, ARS kino од Софија, а претставници на Филмскиот Фестивал Џифони од Италија ги илустрираа проектите Sedici Modi di dire ciao и School experience.

Тие ги споделија своите искуства за тоа како работат со младите и кои им се иновативни едукативни модели преку кои најдобро допираат до децата.

„Ние доаѓаме овде веќе седум години и ова ни е најдобро искуство. Нашата организација се занимава со промоција на филмот меѓу младите и на места каде што нема многу услови за киноприкажување. Се обидуваме да го доближиме филмот до што повеќе деца. Тоа е провокативно за нив и многу се среќни“, вели Стефани Величкова од ARS kino од Софија.

Енес Лекичи, професор по историја и глобални процеси во приватното Finish school во Приштина, посочи дека нивна мисија не е само да ги учат децата за филмската уметност, туку да влијаат и да помогнат како да се создадат добри луѓе и граѓани на светот. Тие имаат околу 200 ученици.