„План 75“ на Чие Хајакава освои „Златен був“ на Филозофскиот филмски фестивал

Програмата на фестивалот беше следена со голема возбуда од страна на посетителите, а проекциите беа исполнети како никогаш претходно

Сцена од наградениот филм „План 75“ / фото: Филозофски филмски фестивал

Со соопштување на наградите од интернационалното жири и последната проекција од програмата, синоќа во Кинотека на Северна Македонија беше затворено годинешното, 13-то издание на Филозофскиот филмски фестивал.

Наградата „Златен був“ во Официјалната селекција на долгометражен филм ја доби јапонскиот филм „План 75“ (2022) во режија на Чие Хајакава.

Освен жирито, овој филм ги освои и гласовите на публиката.

„’План 75’ исполнува три услови што го прават многу избалансиран и солиден филм: неговиот кинематографски стил е во дослух со најдобриот јапонски филм – од Јасуџиро Озу до Хироказу Кореда; филозофските проблеми од морална природа што ги поттикнува на соодветен начин, и, нешто многу важно, капацитет да се движи и го одржува љубопитството; да допре до гледачите, а тоа е крајната цел на филмот, да биде виден и вреднуван од јавноста“, стои во одлуката на жирито.

Меѓународното жири, пак, во Официјалната селекција на краткометражни филмови одлучи наградата „Златен був“ да ја додели на филмот „Гробишта на коњи“ (2022) од Џјанг ‘Шјао’шјуен.

Специјалната наградата „Стефан Сидовски – Сидо“ жирито ја додели на филмот „Те молам, потруди се“ (2022) од Даниел Соариш.

Наградата „Златен Буф“ од страна на публиката во оваа конкуренција отиде во рацете на Тепо Ајраксинен и филмот „Ќебенцето“ (2022).

Инаку, Филозофскиот филмски фестивал кој ја негува и промовира мисловната, филозофско-eстетичка димензија на седмата уметност, годинава се одржа од 2 до 9 јуни во Кинотека. Во рамките на ова фестивалско издание беа прикажани околу 40 филмови, се одржаа 50-тина настани, имаше петнаесетина гости и 24 учесници на Втората интернационална конференција „Филозофија и филм“.

„Во овие изминати седум дена, Кинотеката беше свртилиште на вистинските филмољупци, а фестивалот зад себе остави возбудлива енергија и поттик за филозофско естетки размислувања, и нови филмски соништа. Програмата на фестивалот беше следена со голема возбуда од страна на посетителите, а проекциите беа исполнети како никогаш претходно. Со особена будност и интензивни и долги разговори беа проследени сите Q&A сесии. Незаборавни ќе останат споделувањата на размислувањата на ексклузивните гости режисерот Иво Трајков и Кшиштоф Зануси, чии најнови оставрувања беа прикажани на фестивалот“, велат од Филозофското друштво на Македонија, кои се организатори на Филозофскиот филмски фестивал.

Фестивалот годинава се одржа под мотото „Сè е филм, во множина“, инспирирано од големиот француски филмски великан од новиот бран Жан- Лик Годар (1930-2022) за кого фестивалот подготви специјален сегмент „Фокус Годар“ и по првпат на големиот екран беа прикажани епизоди од неговите „(И)стории на филмот“.