Проекции на креативни документарни филмови под отворено небо во рамките на „МакеДокс“

На досегашните проекции на Патувачкото кино во сите посетени места имало околу 180 гледачи, за локалното население кое досега немало можност да присуствува на филмска проекција во нивното село

Извор на фотографија: Сашо Алушевски

Првиот дел од годинашното Патувачко кино на Здружението за промоција на документаристика „МакеДокс“ ги опфати градот Свети Николе и три села што се наоѓаат во неговата близина. Изминативе денови се одржаа проекции на креативни документарни филмови под отворено небо во Свети Николе, с. Горобинци, Ерџелија и Мустафино во светиниколскиот реон.

Еден од новитетите на Патувачкото кино, како што информираат од МакеДокс, годинава била предпроекцијата, која се одржала на 26 август покрај реката Бабуна во близина на селото Црквино во рамките на манифестацијата „Средби на Родот“. На досегашните проекции на Патувачкото кино во сите посетени места имало околу 180 гледачи, за локалното население кое досега немало можност да присуствува на филмска проекција во нивното село. Дел од програмата на Патувачкото кино била направена по избор на мештаните.

Извор на фотографија: Сашо Алушевски

„МакеДокс“ секогаш ги има предвид желбите на локалното население и со взаемна комуникација програмата ја прилагодува на нивните интереси. Секогаш издвојуваме простор и за најмладите генерации со проекција на филмови од Програмата за деца и младинци, што се прикажува во рамките на фестивалот „МакеДокс“, бидејќи младите се најбројни посетители на проекциите на Патувачкото кино“, вели Бранд Ферро, извршен продуцент на Патувачкото кино.

Вториот дел од 14-тото Патувачко кино на „МакеДокс“ ќе се одржи во велешкиот регион со проекции во с. Чашка на 14 септември, проекцијата во село Теово на 15 септември ќе биде проследена со музичка промоција, на 16 септември Патувачкото кино ќе биде во с. Богомила и на 17 септември ќе има проекција во селото Горно Оризари.

Проекциите на сите локации почнуваат во 19:30 часот, а влезот е слободен.