По 25 години Нетфликс го затвора својот бизнис за ДВД-а

Најбаран филм од ДВД-понудата на Нетфликс во изминативе повеќе од две децении бил филмот „The Blind Side“.

фото: Нетфликс на Твитер / Принтскрин

Нетфликс, која започна да функционира како компанија што изнајмуваше ДВД-а по пошта, го прекинува овој свој бизнис што ја постави основата за врвната стриминг услуга по која компанијата сега е позната. Последните дискови од интернет страницата DVD.com ќе бидат испорачани на 29 септември годинава, соопшти американскиот стриминг-гигант на својот блог.

„После неверојатни 25 години, решивме да го затвориме DVD.com подоцна годинава. Нашата цел отсекогаш била да обезбедиме најдобра услуга за нашите членови, но како што бизнисот продолжува да се намалува, станува сè потешко“, се вели во објавата на Нетфликс.

Нетфликс вели дека првото ДВД што компанијата го испорачала било копија на филмот „Beetlejuice“, а од тогаш до денес има испорачано над 5 милијарди дискови.

Најбаран филм од ДВД-понудата на Нетфликс бил филмот „The Blind Side“.

Според Ен-пи-ар, ДВД-услугата генерирала приходи во износ од 145,7 милиони долари минатата година, што би подразбирало дека помеѓу 1,1 и 1,3 милиони луѓе изнајмиле филмови минатата година.