Европското патувачко кино под отворено небо почнува утре, како загревање за Синедејс

Проекциите започнуваат во 20.30 часот, а влезот на филмските проекции е бесплатен

Промотивна фотографија за филмот „Улиште“

Европското патувачко кино под отворено небо тргнува утре (петок) и по трет пат годинава носи наградувани и возбудливи европски филмови со проекции на отворено за публиката ширум земјата, овој пат во Дебар, Велес и Битола.

Европското патувачко кино под отворено небо како загревање за фестивалот Синедејс, секоја година патува во три различни градови ширум земјата и прикажува нови европски филмови, признаени од европската критика и сакани од европската публика.

Годинава, фестивалот започнува во Дебар на 9 и 10 јуни во паркот пред Центарот за култура, а потоа патува во два града каде што се отвораат нови Europe Houses: Велес и Битола. На 16 и 17 јуни е во амфитеатарот во паркот на младите во Велес, а на 23 и 24 јуни во Europe House Битола (на платото зад „Офицерски дом“).

Европското патувачко кино под отворено небо оваа година ќе прикаже 6 нови европски долгометражни филмови – повеќето од нив добитници на престижни филмски награди ширум светот, кои се израз на европската креативност и разноликост и нудат по нешто за сечиј вкус, како и 6 македонски кратки филмови, од кои некои се исто така наградувани на различни филмски фестивали.

Проекциите започнуваат во 20.30 часот, а по проекциите ќе следат разговори на познатите филмолози Петра Бранковска од Гледај.мк, Арсим Лесковица од Кинотека на Северна Македонија и Бојан Станиќ од Контракадар, кои со своите гости – актери, филмски критичари и филмски познавачи, како и со публиката ќе разговараат за импресиите од филмовите.

Годинешната селекција на долгометражни филмови ги вклучува „Улиште“ (HIVE) (Косово, Швајцарија, Албанија, Северна Македонија), „Вера сонува за морето“ (VERA DREAMS OF THE SEA) (Косово, Албанија, Северна Македонија), „Уште една тура“ (ANOTHER ROUND) (Данска, Шведска, Холандија), „Најлошата личност на светот“ (THE WORST PERSON IN THE WORLD) (Норвешка, Франција, Шведска, Данска), „Фабијан: Одење во пропаст (FABIAN: GOING TO THE DOGS) (Германија) и „Јас сум твојот човек“ (I’M YOUR MAN) (Германија).

Влезот на филмските проекции е бесплатен.