fbpx

Актерите во Холивуд стапија во штрајк – тврдат дека студијата бараат нивни ВИ реплики бесплатно и засекогаш

Предлогот на големите студија, „Врџ“ го опишува како епизода од популарната дистописка серија „Црно огледало“ (Black Mirror)

-

Втор месец траат штрајковите на сценаристите во Холивуд, а од денеска на штрајкот се придружуваат илјадници актери претставени од Здружението на актерите – Американската федерација на телевизиски и радио уметници (SAG-AFTRA). Станува збор за синдикат на 160.000 изведувачи, телевизиски и радио лица, новинари, пејачи, а меѓу нив и некои од најпопуларните лица во забавната индустрија како Том Хенкс и Мерил Стрип.

Националниот одбор на синдикатот вчера едногласно донесе одлука за штрајк, пренесува „Ен-би-си Њуз“. Ова е прв штрајк на американски филмски и телевизиски изведувачи од 1980 година.

Во холивудскиот спор, од другата страна, спроти SAG-AFTRA е Алијансата на филмски и телевизиски продуценти – трговско здружение кое ги застапува огромните забавни корпорации како „Дизни“, „Нетфликс“, „Парамаунт“ и „Ворнер Брос – Дискавери“.

Актерите бараат нов договор со Алијансата, за кој велат дека мора да ја земе предвид економската реалност на револуцијата на стриминг услугите и ризиците што ги носат новите дигитални технологии.

Синдикатот бара зголемена компензација за изведувачите. Тие, исто така, тврдат дека се вознемирени од порастот на вештачката интелигенција (ВИ), односно од алатките што би можеле да создадат дигитални копии на популарните ѕвезди. Синдикатот повика на построги регулативи и мерки за да се заштитат актерите од неовластена употреба на нивните гласови и изведби.

За време на вчерашната прес-конференција на која холивудските актери потврдија дека штрајкуваат, главниот преговарач Данкан Кребтри Ајрланд рече дека предлогот на студијата бил позадинските изведувачи да може да бидат скенирани, при што би добиле плата за еден ден, а компаниите би поседувале и би можеле да користат реплики од нивниот изглед и глас, засекогаш.

Предлогот на студијата, „Врџ“ го опишува како епизода од популарната дистописка серија „Црно огледало“ (Black Mirror).

„Ако не се спротивставиме сега, сите ќе бидеме во неволја, сите ќе бидеме во опасност да нè заменат машини“, рече претседателот на синдикатот на актерите и телевизиските лица, Фран Дрешер.

Во интервју за Си-ен-би-си, извршниот директор на „Дизни“, Боб Ајгер рече дека актерите и писателите „не се реални во нивните очекувања“.

Алијансата на продуцентите тврди дека синдикатот ја отфрлил нивната понуда за историски плати, повисоки пензиски и здравствени придонеси и „револуционерен“ предлог за вештачка интелигенција.

Инаку, сценаристите кои протестираат веќе два месеца, исто така стравуваат дека генеративната вештачка интелигенција како ChatGPT може еден ден да се користи како замена за нивниот труд.

Холивудските сценаристи во штрајк, продукцијата на филмови и серии може да прекине

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата насилно го задуши про-палестинскиот протест на Универзитетот Калифорнија

Стотици полицајци влегоа на кампусот на Универзитетот Калифорнија (УКЛА) денес во обид да го расчистат про-палестинскиот протестен камп, кој вчера беше нападнат од израелски поддржувачи, пишува Гардијан. Се проценува дека...