Најжешкиот јуни: глобалната површинска температура за еден степен повисока од просекот во 20 век

Светската глобална површинска температура била за 1,05 степени Целзиусови повисока од просекот во 20. век

Фото: Arivumathi, CC BY-SA 3.0 , на Викимедија Комонс

Планетатa Земја тукушто го претрпе најжешкиот јуни, откако се мерат глобалните температури. Светската глобална површинска температура била за 1,05 степени Целзиусови повисока од просекот во 20. век. Ова е првпат оваа бројка, на месечно ниво, да е повисока за еден степен Целзиусов, известуваат од американската Национална океанска и атмосферска администрација.

Месецот што измина бил за 0,13 степени потопол од претходниот рекорд за најжешкиот јуни, во 2020 година.

Дополнително, во јуни се постави нов рекорд за највисока температура на океанската површина. Ова е трет месец по ред во 2023 година како се руши тој рекорд, откако претходно беше соборен во април и во мај.

„Рекордните температури, како и екстремните пожари, загадувањето и поплавите што ги гледаме оваа година се она што може да го очекуваме во иднина. Почнуваме да добиваме претстава за само дел промените што можеме да ги очекуваме како последица на климатските промени“, рече климатологот Натали Маховалд од Универзитетот Корнел.