Холивудските сценаристи во штрајк, продукцијата на филмови и серии може да прекине

Синдикатите велат дека порастот на стриминг услугите и експлозијата на телевизиската продукција ги нарушиле нивните работни услови, опишувајќи го проблемот како „егзистенцијален“, додавајќи оти „опстанокот на пишувањето како професија е доведен во прашање“

фото: Revolver Creative Company на Unsplash

Филмските и телевизиските сценаристи во Холивуд стапуваат во штрајк, запирајќи бројни продукциски проекти и задавајќи ѝ удар на индустријата што последниве години беше погодена од пандемијата и огромните технолошки промени, пишува Њујорк Тајмс.

Синдикатите кои ги претставуваат сценаристите преку соопштение информираа дека „едногласно гласале за свикување штрајк“. Штрајкот ќе започне попладнево.

Алијансата на филмски и телевизиски продуценти, која преговара во име на холивудските компании, рече дека предлага „дарежливо зголемување на компензацијата за писателите“. Организацијата додаде дека и понатаму е подготвена да продолжи да преговара.

Според студијата, главниот спор е околу предлогот на синдикатите кои бараат од компаниите да екипираат телевизиски емисии со конкретен број на сценаристи за одреден временски период, без разлика дали телевизијата има потреба од тоа.

Спорот предизвика спротивставување на 11.500 сценаристи против големите студија, вклучително и против компании како Universal (Јуниверзал), Paramount (Парамаунт), Netflix (Нетфликс), Amazon (Амазон) и Apple (Епл).

Синдикатите велат дека порастот на стриминг услугите и експлозијата на телевизиската продукција ги нарушиле нивните работни услови, опишувајќи го проблемот како „егзистенцијален“, додавајќи оти „опстанокот на пишувањето како професија е доведен во прашање“. Тие бараат и заштита од употребата на вештачката интелигенција во бизнисот.

Компаниите за забава се соочуваат со брзи промени на бизнисот, бидејќи гледаноста на мрежната и кабелската телевизија опаѓа драстично.

Во ерата на мрежната телевизија, авторите добивале работа на шоуа со повеќе од 20 епизоди во сезона, со што обезбедувале работа за цела година. Сега, во ерата на стриминг услугите, нарачките за епизодите се намалиле на 8 или 12, а просечната неделна плата за еден писател-продуцент се намалила.

Њујорк Тајмс пишува дека директен ефект од случајот ќе почувствуваат и гледачите, па вечерните емисии како „Saturday Night Live“, „The Tonight Show Starring Jimmy Fallon“ и „The Late Show With Stephen Colbert“ најверојатно ќе престанат со емитување.

Американските медиуми потсетуваат дека кога сценаристите штрајкувале последен пат, во 2007 година, економијата во Лос Анџелес изгубила околу 2,1 милијарда долари.