!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Северна Кореја тестираше нов ракетен мотор


Пјонгјанг, 19 март, 2017 - 12:15 (META) 

Северна Кореја изврши тестирање на нов ракетен мотор во станицата за лансирање Тонгчанг-ри, јавиле севернокорејските државни медиуми, пренесуваат светските агенции.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун по повод тестирањето изјавил дека тоа претставува „ново раѓање на ракетната индустрија на Северна Кореја“.

Државната новинска агенција на Северна Кореја, КЦНА, јавила дека со помош на моторот земјата ќе ги достигне капацитетите за лансирање сателити од светска класа. Агенцијата, во својот извештај, навела дека најверојатно е тестиран нов тип на мотор за ракета со долг домет.

Инаку, тестирањето на новиот ракетен мотор од страна на Пјонгјанг доаѓа за време на посетата на американскиот државен секретар Рекс Тилерсон на Кина, која е главен сојузник на Северна Кореја.

Вчера Тилерсон и неговиот домаќин, шефот на кинеската дипломатија, Ванг Ји, разговараа за севернокорејската нуклеарна и ракетна програма и како што изјавија на прес-конференцијата по средбата, се согласиле на заедничка соработка за да ја убедат Северна Кореја да го напушти сегашниот пат.

Тилерсон, во петокот, за време на посетата на Јужна Кореја, изјави дека на маса е можно да се најде и воен одговор од страна на САД, доколку Северна Кореја продолжи со заканите кон Сеул и кон Вашингтон.


Од денеска почнува екстерното тестирање


Скопје, 7 јуни, 2016 - 10:24 (META) 

Од денеска до 11 јуни ќе се спроведе екстерно тестирање за учебната 2015/2016 година во јунската сесија.

Државниот испитен центар соопшти дека во оваа сесија ќе бидат опфатени 178.648 ученици од основните и од средните училишта, кои ќе бидат тестирани по 1.972 предмети.

ДИЦ претходно ја објави базата прашања по сите предмети. Учениците се тестираат по два предмета, а за кои предмети ќе бидат тестирани дознаваат три дена пред полагањето. Така, на учениците што ќе бидат тестирани денеска, предметот за кој ќе бидат тестирани им беше соопштен во петокот попладне.

Поради уписите во средните училишта (28 и 29 јуни), резултатите од екстерното тестирање најпрво ќе бидат објавени за деветтоодделенците (на 13 јуни), а за сите други ученици резултатите ќе бидат познати на 17 јуни.

Екстерното тестирање беше воведено во учебната 2012/2013 година за да се провери објективноста на наставниците при вреднувањето на успехот на учениците.


Франција го тестира новиот систем за проверка на патници на аеродромите


Париз, 21 мај, 2016 - 17:44 (META) 

Франција до крајот на мај на два аердроми во земјата ќе го тестира т.н. „Систем ПНР“ (Passenger Name Record), со податоци за патниците, чија цел е откривање на потенцијално опасни лица, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи во Париз.

Системот на почеток ќе се користи на парискиот аеродром „Шарл де Гол“ и на аеродромот во Ница, а подоцна ќе биде поставен и на останатите аеродроми во Франција.

Европскиот парламент кон средината на април ја одобри размената на податоци за патниците во авио-сообраќајот, како една од новите мерки за борба против тероризмот.

Според оваа мерка, авиопревозниците ќе мора да разменуваат податоци со властите во државите за патниците кои патуваат во Европската Унија од трети земји и обратно.

Според информациите во медиумите, меѓу податоците кои авио-компаниите ќе мораат да ги делат со разузнавачките агенции се и имињата на патниците, адресите, контактите, броевите на пасошите, кредитните картички и друго.


Ристовски: Нема пролонгирање, наставата завршува на 10 јуни


Скопје, 25 март, 2016 - 13:20 (META) 

„Нема пролонгирање на учебната година, наставата завршува на 10 јуни“, изјави за „Мета“ заменик-министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, по информациите дека поради изборите за неколку дена подоцна е поместeно и екстерното тестирање.

Имено, како што нè информираа наставници, екстерното тестирање годинава ќе почне на 9 јуни, а ќе заврши на 14 јуни, што е поместување од речиси цела недела. Само за споредба, минатата година екстерното тестирање се одржа од 2 до 10 јуни.

Со сето ова, велат наставниците, се поместува и учебната година, затоа што се пролонгираат и датумите за жалби. Целиот процес со екстерното тестирање, според измените, треба да заврши на 15 јули, кога сите резултати треба да бидат внесени во системот.

Според „Календарот за организација на учебната 2015/2016 година во основните училишта“, подготвен од Министерството за образование и наука, второто полугодие почнува на 20 јануари, а завршува на 10 јуни 2016 година, а летниот распуст почнува на 11 јуни 2016 година.


Франција: Шест лица во критична состојба по клиничко тестирање на лек


Париз, 15 јануари, 2016 - 14:01 (META) 

Француското министерство за здравство соопшти дека шест лица сериозно се разболеле откако учествувале во тестирање лек на приватна европска лабораторија, јавуваат светските медиуми.

Засега не е објавено за каков вид лек станува збор, но шестте пациенти, од кои еден се наоѓа во кома, биле во добра здравствена состојба пред земањето на лекот.

– Тестирањата се спроведуваат во приватна лабораторија, во установа специјализирана за клинички испитувања – соопшти министерката за здравство на Франција.

Засега не се знае точно колку лица ќе бидат вклучени во тестирањето на лекот, но сите понатамошни тестирања во клиниката „Ренес“ се сопрени.

Францускиот телевизиски канал „И-теле“ јавува дека станува збор за лек против болки на база на канабис, но засега тоа не е официјално потврдено.


Иран прозван поради тестирањето проектили


Њујорк, 22 октомври, 2015 - 11:07 (META) 

САД, Велика Британија, Франција и Германија синоќа го повикаа одборот за санкции на Советот за безбедност на ОН да преземе мерки против Техеран, за кој сметаат дека со неодамнешните тестирања на проектили ја прекршил забраната на ОН.
Во писмото покрај податоците за лансирањето, се наведува дека балистички проектили се способни да испорачаат нуклеарно оружје.

„Веруваме дека овие податоци ќе му помогнат на одборот во неговата одговорност да разгледа и да преземе соодветни мерки како одговор на кршењето на резолуцијата на Советот за безбедност“, стои во писмото.

Иран на почетокот од месецов тестираше прецизно наведувачки балистички проектил. Иранскиот министер за надворешни работи, Мохамад Џавад Зариф, пак, тврди дека ниту една нивна ракета не е дизајнирана за нуклеарна способност.
Советот за безбедност со резолуција му забрани на Иран да тестира балистички прокетили.


За екстерното тестирање, поднесени 2.855 приговори


Скопје, 6 јули, 2015 - 19:12 (META) 

За екстерното тестирање во јуни биле поднесени 2.855 приговори, односно за 0,7 проценти од тестовите. Од нив 17 отсто се прифатени, 26,3 отсто се делумно прифатени, а 50 отсто се неосновани, информираат од Државниот испитен центар.

Најмногу приговори се поднесени за предметите математика, македонски јазик, информатика и биологија.

„Мал дел од приговорите (околу 40) се однесуваат на нецелосно процесирани резултати и тие сè уште се решаваат во комуникација со училиштата. Прашањата за кои е констатирано дека се проблематични од технички или содржински карактер, а поради кои беа и усвоени дел од приговорите, ќе бидат корегирани или избришани од базата на прашања“, соопштуваат од Државниот испитен центар.


Тестирано шампањско кое на дно на море лежело 170 години


Париз, 23 април, 2015 - 13:21 (META) 

Шишиња шампањско, кои беа спасени од дното на Балтичкото Море од остатоците од брод стар 170 години, беа тестирани во лабораторија, јавува „Би-Би-Си“, наведувајќи дека резултатите покажале интересни карактеристики на познатиот пијалак.

Во јули 2010 година, од дното на Балтичко Море беа спасени 168 шишиња шампањско, кои потонале во бродолом што се случил пред 170 години. Нуркачите ги пронашле шишињата на длабочина од 50 метри, а неколку од нив биле одлично сочувани поради стабилните, студени и темни услови.

Научниците зеле неколку шишиња и ги жртвувале во име на науката за да го проучат составот на стариот шампањ. Анализата покажала дека шампањот има многу висок ниво на шеќер, повеќе од 14 отсто и траги од арсен, пренесува „Би-Би-Си“.

Некои шишиња шампањско во 2011 година биле продадени на аукција за десетици илјади евра.

Професорот Филип Жанде, од Универзитетот во Ремс, во Шампањ-Арден во Франција, го предводел тимот научници што го проучувале историскиот шампањ. Тој самиот вкусил околу 0,1 милиметар од ова пенливо вино, но и толку мало количество го воодушевило.

Жанде изјавил дека имал вкус на тутун и на кожа и оти вкусот во устата траел уште два до три часа потоа. Шампањот изгубил голем дел од својата пенливост, но поради температурата и условите на дното на морето, бил совршено сочуван – од арома до хемиски карактеристики.