fbpx

Започна државното тестирање, се проверува колку учениците се функционално писмени

-

Во 79 училишта на македонски и на албански наставен јазик, денеска започна државното тестирање на основците, кое за прв пат се организира во нашата земја.

Годинава државен тест полагаат само третоодделенци, избрани по случаен избор. Планот е сега ваков тест да полагаат само третоодделенците, в година – и третоодделенците и петтоодделенците, а потоа ќе бидат приклучени и деветтоодделенците.

Како што информираат од Државниот испитен центар (ДИЦ), процесот денеска започнал на време и без проблеми. До 15 отсто отсуство од овој тест е дозволено и се толерира, но ако е поголемо отсуството на учениците од овој процент, тогаш процесот треба да се повтори. Денеска, како што информираат во ДИЦ, отсуствата на ученици се минимални и процесот се реализира успешно.

„Материјалот беше вчера дистрибуиран во сите училишта. Процесот го набљудуваат претставници од Бирото за развој на образованието. Денеска се полага мајчин јазик, а утре ќе се полага математика“, вели директорката на ДИЦ, Елизабета Наумовска која вчера беше во посета на училиштето „26 Јули“ во Шуто Оризари.

Таа информира дека целта е да се види колку се учениците функционално писмени.

„Прашањата не се конципирани за ученикот само да препише некоја реченица. Тие не се од затворен тип, за да трупаат и меморираат информации и бројки. Треба да го прочитаат текстот и да го разберат прочитаното. Со ова тестирање, и наставниците ќе видат што е она што се бара, па ќе треба потоа и тие да се прилагодат во својата настава, со цел децата да не ги прават механички писмени, туку функционално писмени“, појаснува директорката.

Нема да има казни и награди за наставниците, како што имаше со екстерното тестирање. Податоците од резултатите ќе бидат собирани и користени на системско ниво, односно не може и нема да се користат за да се следат постигањата на учениците. Со овие резултати, нема да се врши вреднување на работата на поединечни наставници.

„Резултатите добиени од државното тестирање ќе ни дадат слика за квалитетот на знаења по јазичка и математичка писменост, кои се основните образовни вештини кои учениците треба да ги имаат“, додава Наумовска.

По полагањето, ќе се прават анализи и споредба меѓу училиштата и ќе се види дали наставните планови и програми се соодветни на возраста на учениците. Ќе се анализира каде тие покажуваат послаби или појаки резултати и ќе се види што ќе се менува.

Освен тестовите, изготвени се и прашалници за училишните директори, за наставниците чии ученици учествуваат во тестирањето, за учениците и за родителите.
Сите податоци од прашалниците остануваат анонимни и имаат единствена цел – анализа на позадинските фактори кои влијаат врз постигањата на учениците.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Обединетите нации бараат истрага по откривање на масовни гробници во болниците во Газа

Обединетите нации (ОН) повикуваат на „независна, ефикасна и транспарентна истрага“ за откривањето на масовни гробници во две болници во Газа, кои беа опколени и нападнати од израелските војници оваа...