Станува збор за комбиниран тест, кој детектира и ковид-19 и грип, а тоа не ги прави двата вируса исти, ниту, пак. покажува дека имаат ист причинител. Тоа патем го пишува и во самото упатство за тестирање. Не е точно дека сега е сменето само пакувањето и дека порано сите тестови со кои се детектирал ковид-19, всушност, биле тестови за грип. Ако некој има грип, тогаш тестот ќе му покаже дека има грип, а ако има ковид-19, ќе му покаже дека има ковид-19. Целта е да се транзитира кон употреба на тест кој може да дијагностицира два вируса одеднаш, а со цел да се заштедат и време и ресурси во ек на сезоните кога луѓето се поподложни на вируси, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се споделува фотографија од тест за ковид-19, инфлуенца А и инфлуенца Б. Станува збор за тест, со кој се детектира или ковид-19, или инфлуенца А или инфлуенца Б, доколку истите се присутни во примерокот што се тестира.
Во постот што го рецензираме, невистинито се тврди дека тестот прикажан на фотографијата, а е од производителот Фантест, наводно докажува дека ковид и грип (инфлуенца А и Б) се исти дијагнози. Според постот, со самото тоа што е направен ваков тест и е пуштен во продажба, наводно се докажува и дека сите тестови за ковид се всушност тестови и за грип. Во овој пост, кој е невистинит, се тврди:
Ама изненадување! Смениле паковката и сега е тест за КОВИД/ГРИП (ИНФЛУЕНЦА А/Б)
Од самиот почеток рековме дека нема вистински начин за правње разлика на тестовите мегу КОВИД или ГРИП.Сите оние тестови за КОВИД, буквално беа грип…. идиоти….
Тестот кој е претставен на фотографијата, е од производителот Фантест и Владата на Австралија, има објавено јавно, како изгледа упатството за користење на овој тест кој се продава за домашна употреба. Наспроти изнесеното во постот што го рецензираме, со тестот на Фантест, се утврдува специфично, дали тој што се тестира, има ковид, инфлуенца А или пак има инфлуенца Б. Ова значи дека со еден тест, се открива причинителот на инфекцијата од три можни причинители.
Па така, ако некој има грип, тогаш тестот ќе му покаже дека има грип, а ако има ковид-19, ќе му покаже дека има ковид-19. Ваков тест е направен од причина што има сезони на респираторни инфкции, па оттаму е важно да се утврди вистинскиот причинител на инфекцијата, со оглед на тоа што симптомите на грип и на ковид знаат да бидат слични. Тоа што тестот детектира еден од три можни причинители, односно детектира или ковид, или инфлуенца А или инфлуенца Б, со едно тестирање, не ги прави ковидот и грипот исти причинители на зараза.
Вистиномер го пронајде упатството за користење на тестот претставен во постот што го рецензираме. Како што може да се забележи од самото упатство, објавено официјално од здравствените власти на Австралија, преку тестот може да се провери, односно да се направи разлика, дистинкција меѓу ковид позитивен резултат и инфлуенца позитивен резултат.
Тестот, како што може да се види и од самото упатство, има две одделни прегради за да се остави примерок – едната преграда е за ковид, а другата е за инфлуенца.
Ако пациентот има ковид-19, тогаш ќе се појават две обоени линии во мембраната – едната во контролниот регион, другата во тест регионот. Ако пациентот е ковид негативен, само една обоена линија ќе се појави во контролниот регион, а во тест регионот ќе нема линија.
Кај инфлуенца, според упатството, ќе се покаже дека одредено лице е позитивно за инфлуенца тип А, ако се појават две обоени линии во контролниот и во тест регионот (обележан со буквата А). За инфлуенца Б, тестот е позитивен ако се појави линија во двата региони, во контролниот и во тест регионот (обележан со буквата Б). Тестот исто така може да открие дека некој има два типа инфлуенца во исто време и тогаш се обојуваат сите три линии во тестот – А, Б и контролната линија.
Тестот за ковид-19 или инфлуенца А и Б, како што е наведено и на самата страница на производителот може да го користат луѓе со симптоми, а може да се тестираат и малолетници со асистенција на возрасно лице. Тестот е само за една употреба и е наменет за самотестирање. Се препорачува да се користи 7 дена по појавата на симптомите.
Станува збор за комбиниран тест, кој детектира и ковид-19 и грип, а тоа не ги прави ковидот и грипот исти, ниту пак покажува дека имаат ист причинител. Не е точно дека сега е сменето само пакувањето и дека порано сите тестови со кои се детектирал ковид-19, всушност, биле тестови за детекција на грип. Мултиплекс панел тестот во исто време детектира специфични генски секвенци за докажување присуство на коронавирус и специфични генски секвенци од вирусите на сезонските грипови А и Б.
Како што претходно пишувавме, Центарот за контрола и превенција на болести на САД препорача воведување нови тестови кои можат во исто време да откриваат и Сарс Ков 2 и инфлуенца. Станува збор за два различни вируса, поточно со тестот се испитува дали пациентот има ковид, дали има грип или можеби ги има и двата вируса што, исто така, е можно.
Препораката беше да се транзитира кон употреба на тест кој може да дијагностицира два вируса одеднаш, а со цел да се заштедат и време и ресурси во ек на сезоните кога луѓето се поподложни на вируси.
Поради сите горенаведени факти постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит.