Со согласност од родител, за ковид-19 ќе се тестираат 8.200 ученици по случаен избор

Фото: Мета.мк

Следната недела ќе започне тестирање на ученици во основното и во средното образование со земање брис, а целта е да видиме дали се случува трансмисија на ковид-19 во училиштата, најави на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Тој информира дека по случаен избор ќе се тестираат вкупно 8.200 ученици, а неделава ќе се бара писмена согласност од родителите.

– Ова ќе ни покаже дали има асимптоматски случаи меѓу учениците. Потврдени деца заразени, нема многу. Тешко е да се утврди дали трансмисија има во училиштата, па целта на скринингот е да се открие дали има асимптоматски случаи. Во делот на хоспиталниот третман, има мал број на хоспитализирани деца. Во моментов се 15 кои се хоспитализирани во болницата во Козле. Имаат клиничка слика која не е тешка. Учениците ќе се тестираат со земање на најобичен брис. Не очекувам отпор, се надевам дека ќе разберат родителите, ова ни е потребно за да добиеме важен податок за евентуална трансмисија во училиштата. Целиот процес ќе заврши за две недели – информира министерот Филипче.

Тој кажа дека ситуацијата е прилично стабилна, односно дека е скоро идентичен бројот на новодијагностицирани лица и се движи меѓу 450 и 500. Бројот на хоспитализирани пациенти се намалува насекаде низ државата. Кажа дека пациентите се сместени само во инфективните одделенија.

– Во однос на вакцинацијата, вкупно се вакцинирани 789.000 граѓани, а тоа значи дека 47 отсто од полнолетната популација примила најмалку една доза вакцина во нашата држава. Најмногу вакцинирани има во Вевчани, 72 отсто, во Гевгелија, Демир Капија. Под 30 отсто има во Липково, Македонска Каменица, Ново Село. Вакцини имаме сосема доволно. Сега седум поликлиники во рамки на здравствениот дом функционираат. Анализата на бројот на позитивни случаи, хоспитализирани и смртни, ја потврдува ефикасноста на вакцината. 85 отсто од хоспитализираните не биле невакцинирани – рече Филипче.

Од Националниот Комитет за имунизација има препорака, да добијат трета доза на вакцина сите граѓани без оглед на возраста, на тоа дали имаат или немаат хронични болести, а се во значаен ризик заради фрекфентните контакти.

– Препорачувавме бустер доза за граѓаните над 60 години, за сите здравствени работници и сите лица кои имаат хронични болести. Но, следејќи го искуството, цениме дека ќе биде потребно оваа можност за трета доза да биде дадена на граѓани кои се надвор од овие категории. Целта е да се заштитиме од делта сојот. Ефективноста на дел од вакцините се намалува, па тоа беше причина за препорака за трета доза. Комбинацијата на вакцини дава одличен имунолошки одговор. Земјите во кои фајзеровата вакцина се дава како трета доза, дава одлична заштита особено кон делта сојот. Комбинирањето на вакцини и давање трета доза, го зголемува и го проширува имунолошкиот одговор – појасни проф. д-р Александра Грозданова, претседателката на Националниот комитет за имунизација.

Министерот Филипче, во врска со митинзите кои ги организираат политичките партии, кажа дека останува препораката за носење маска на затворено.

– Секаде кај што има влез и излез, треба да се бараат сертификати за вакцинација. Уште денес ќе најдам начин да препорачам за сите политички партии. За изборниот ден, има протоколи. Голем процент од сите тие кои се вклучени во целокупнот процес, верувам дека се вакцинирани, но и за време на претходните избори, запазувајќи ги сите протоколи (држење дистанца, носење маска, чекање надвор), немаше случај на пренос на вирусот. Цел процес ќе биде добро организиран. Засега не сме разговарале за тоа дали ќе се бара сертификат за вакцинација – рече министерот.