fbpx

Ќе се формира нова институција што ќе ги тестира новите државни административци: Кој не го положи тестот, ќе добие отказ

-

Владата на Република Северна Македонија на 204-та седница, со предлог од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) усвои пет закони за реформи во јавната администрација и дигиталната трансформација на државата. Меѓу нив е и Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, со кој се предвидува формирање на Центар за стручно оспособување и обука на административните службеници со тематски области. По нивното вработување, административците ќе треба да следат обука и потоа да бидат тестирани писмено и усно, и доколку не ги положат тестовите, ќе им се откаже работниот однос, пишува Порталб.мк.

Ваков закон ќе се донесе за прв пат во државава, а предвидува формирање на една институција која ќе применува постојани и задолжителни обуки за сите административни службеници.

„Со овој закон се предвидуваат обуките што ќе ги применува државната институција – Центарот за обуки. Оваа институција ќе одговара пред Владата, а со неа ќе раководи директор и негов заменик, кои исто така ќе бидат именувани од Владата преку јавен оглас. Критериумите за избор на директор и заменик директор се високи, предвидуваат долгогодишно искуство и стручност. Во земјата функционира Академија за околу 600 судии и обвинители, а нема Академија за околу 50.000 административни службеници, што е незаконски. Заради тоа инсистиравме да се формира Центарот“, рече Министерот Азир Алиу, на средба со новинарите во четврток.

Според законот, секое лице кое за прв пат се вработува како државен службеник, во министерства, во општини, фондови или станува државен службеник преку мобилност, задолжително треба да помине 120 часови обука во десет области во рок од една година, по што треба да се тестира писмено и усно.

„Тестирањето се врши од страна на комисија, во која задолжително е вклучено и раководното лице од секторот каде што работи вработениот. Доколку не го положи писмениот тест, во рок од три месеци има право да се тестира уште еднаш, а доколку и по вторпат не го положи тогаш му се прекинува работниот однос. Истото право важи и за усниот тест“, рече министерот Алиу.

Експертите што го изработиле законот велат дека тестирањето на администраторите е дополнителен филтер, истакнувајќи дека во западните земји филтрите се поригорозни и не дозволуваат повторно тестирање, туку веднаш добиваат отказ. Законот се очекува идната недела да биде доставен до Собранието, каде што ќе се изгласа по скратена постапка и со европско знаменце, додека се очекува да влезе во сила во 2025 година.

Формирањето на Академијата за администрација се зборува од времето на министерот Дамјан Манчевски, во периодот 2017-2020 година. За потребата за донесување на закон за формирање на Академија за Администрација Порталб.мк пишуваше уште во 2019 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...