fbpx

Медиумите, сепак известиле за Пленумот на Левица

Професорката Билјана Ванковска во пошироко образложение на нејзината страница на Фејсбук изнесе став дека медиумите го бојкотирале Пленумот на Левица што се одржа минатата недела, што е невистина во делот каде тврди дека „СИТЕ медиуми се посрамија“ и дека „НИТУ еден медиум не го ни нотирал настанот“

-

Тврдењето на професорката Ванковска дека медиумите се посрамиле и ниту еден не го ни нотирал одржувањето на Пленумот на парламентарната партија Левица, е невистина која лесно фактографски се утврдува. Од она што може да се утврди се гледа дека не е до Гугл, туку до начинот на пребарување на професорката. Конечно, можеби медиумите немале новинари кои ќе го следат годишниот конгрес на партијата, но дека над дваесет медиуми и го најавија пленумот и известија за главната одлука, е непобитен факт, пишува „Вистиномер“ во својата нова рецензија.

 

Универзитетската професорка Билјана Ванковска во став околу известувањето на медиумите за пленумот на Левица изнесе во еден дел невистина:

Изјава: …Вчера СИТЕ медиуми се посрамија, и го изгубија правото да се нарекуваат професионални, доверливи и независни. Една парламентарна партија одржува конгрес, избира раководство и ги детерминира правците на својот развој и учество на изборите во 2024. НИТУ еден медиум не го ни нотира настанот. Забрането им е или е ова резултат на самоцензура?…

[Извор: Фејсбук статус на Б. Ванковска; датум – 03.12.2023]

 

Образложение:

Професорката Билјана Ванковска во пошироко образложение на нејзината страница на Фејсбук изнесе став дека медиумите го бојкотирале Пленумот на Левица што се одржа минатата недела, што е невистина во делот каде тврди дека „СИТЕ медиуми се посрамија“ и дека „НИТУ еден медиум не го ни нотирал настанот“.

Ванковска овој свој заклучок го изнесува во подолг став, во кој на почетокот сосема коректно појаснува за улогата на медиумите во демократија, цитирајќи дел од научен труд објавен на блогот Media Studies 101. Но, веднаш по завршувањето на цитатот професорката носи заклучок дека медиумите во земјава се посрамотиле бидејќи никој не известил ниту збор за настанот за кој зборува – за пленумот на Левица. Како поткрепа на своето тврдење Ванковска објавува принтскрин од пребарувачот Гугл, од кој се гледа дека професорката пребарувала со терминот Левица Пленум и тоа во категоријата вести (news).

Но и принтскринот како поткрепа на тврдењето е само делумна вистина, затоа што доколку се оди под категоријата „All“ или генерално пребарување означено на кирилица со „Сите“, т.е. сè што има регистрирано Гугл за термините Левица и Пленум, професорката ќе видела дека Гугл има регистрирано речиси сè што е објавено:

Пребарување на Гугл под терминот Пленум Левица -принтскрин

Меѓу другото што го има регистрирано Гугл, ги има и објавите на два агрегатора на вести на македонски јазик со кирилично писмо, Тајм.мк и Грид. И едниот и другиот агрегатор покажуваат дека над 20 онлајн медиуми и по некоја телевизија со национална концесија, известиле за настанот. И тоа уште на 2 декември, како најава, а потоа на 3 декември како ден кога се одржувал настанот и потоа и на 4 декември оние што пропуштиле да објават на трети. Уште повеќе, ако на Тајм мк. во пребарувачот се стават истите зборови, Пленум Левица, агрегаторот вади три страници со објави на медиумите за настанот, а како прва ја дава објавата на ставот на професорката Ванковска пренесен од Фејсбук на онлајн медиумот Антропол, кој се смета за медиум близок до политичката партија Левица.

Другите ставови на професорката изнесени во статусот на Фејсбук можеби се погодни за предмет на полемика, вклучувајќи го и тој дека никој не известил за научен форум што бил одржан на тема Западен Балкан и Кина, исто како и фактот што не го изнесува, дека информативните редакции на медиумите се генерално слабо пополнети со луѓе, а пак, во недела уште помалку. Но, сето тоа не е предмет на оваа рецензија.

Децидните тврдења на Ванковска дека СИТЕ медиуми се посрамотија и дека НИТУ еден медиум не го нотирал настанот, се невистина.

Извори:

 

Оценил: Т. Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Србин измамен во центарот на Скопје, одземени му биле 300 евра

С.А.(63) од Србија вчера во полициска станица пријавил дека бил измамен од две лица од кои бил пресретнат околу 10.30 часот на подрачјето на Центар, информира МВР. Според пријавеното, едното...