Само со скрининг ќе се знае кои деца треба да се изолираат, сметаат дел од родителите

Фото: Mufid Majnun on Unsplash

Од денеска започнува изборот на 8.200 ученици во основното и во средното образование, преку регистарот на електронскиот дневник, кои ќе бидат тестирани за ковид-19. Прво треба да се соберат согласности од родителите на децата кои ќе бидат случајно избрани да им биде земен брис, па идната недела ќе започне тестирањето кое има за цел да покаже дали и колку асимптоматски случаи има во училиштата.

Министерот за здравство Венко Филипче апелираше до родителите да се согласат децата да им бидат тестирани, но сепак, оваа најава разви дискусија на социјалните мрежи меѓу родителите, од кои некои се согласуваат, а други не се согласуваат децата да им бидат тестирани. „Мета“ праша родители, дали би се согласиле на ова. Одговорите се различни, а преовладуваат оние кои се согласни да се направи скрининг во училиштата. Поради чувствителноста на темата, сите четири мајки со кои контактираа новинарите на „Мета“ побараа да бидат објавени само нивните иницијали.

„Секако дека би се согласила на земање брис од моето дете за скрининг. Мислам дека процедурата е безбедна оти е сосема слична со онаа за земање брис кога имаат бактерија, нешто што досега многупати сме го правеле кога бил болен. Дополнително и како родител ќе се чувствувам побезбедено по скринингот бидејќи ќе покаже дали некој од одделението можеби има ковид, особено ако се земе предвид дека е сезона на вируси па голем дел деца се со растечени носови“, вели Ф. Д., мајка на ученик во училиштето „Гоце Делчев“ во општина Центар.

Со различно мислење е мајка на ученици во училиште во Битола со иницијали Ј. А., која не се согласува на нејзините деца да им биде земен брис за утврдување на присуство на ковид-19.

„Прво, децата немаат симптоми и нема потреба да поминуваат низ и онака непријатно тестирање. Второ, има недостаток на тестови за лица на кои им е навистина потребно тестирање, така што може да се пренаменат тестовите во подобри цели. Трето, скринингот на одредена бројка на деца сметам дека нема да даде јасна и вистинита слика. Четврто, довербата во здравствените власти ми е на толку ниско ниво, што не ми паѓа на памет било што да дозволам да му се прави на моето дете доколку тоа не е неопходно“, вели мајката.

Родителка на деца во училиште во Аеродром, вели дека апсолутно се согласува децата да ѝ бидат дел од најавениот скрининг.

„Само на тој начин ќе може да се изолираат оние што веќе се заразени, а не знаат дека се и од друга страна побезбедно ќе се чувствуваат оние што поминуваат доста саати во група во затворен простор“, појаснува Д. С. Ѓ.

Друга родителка, пак, тврди дека вчера ѝ правела тест на нејзината ќерка, бидејќи е болна и повеќето деца од одделението се болни.

„Така што, да, јас сум за да се прави скрининг доколку децата одат во училиште. Свест кај родителите нема и ги пуштаат деца болни со изговор дека ништо не им е. Но мислам дека ова нема да успее бидејќи повеќето родители нема да дадат согласност“, смета Е. С..

Инаку во Министерството за здравство потсетија дека ќе спроведе скрининг со брзи антигенски тестови, во кој ќе бидат опфатени 8.178 ученици во рамки на 80 општини и градот Скопје.

– По претходно добиена писмена согласност од страна на родителите или старателите на учениците, тестирањата, кои ќе започнат од следната недела, ќе опфатат вкупно 364 основни и 109 средни училишта ширум државата. Собирањето на согласности за тестирање на учениците во училиштата започна oд денеска. Министерството за здравство скринингот во училиштата ќе го реализира по извршен случаен избор на ученици, а тестирањето ќе го прават здравствени работници, кои ќе ги тестираат учениците во самите училишта, во просторија одредена од страна на училиштето. Тестирањето, трае помалку од една минута, истото е безболно и безбедно, и е како секое земање брис од грло или носна шуплина – велат оттаму.

Најмногу тестирања ќе бидат спроведени во општините Тетово – 546, Куманово – 489, Битола – 378, Прилеп – 309 и Гостивар – 296. Додека пак, во рамки на училиштата на општините и градот Скопје, скринингот ќе опфати 766 ученици. Министерството за здравство апелира до родителите и старателите, да дозволат учениците да учествуваат во превентивното тестирање, со цел да се добијат релевантни податоци за трансмисијата низ училиштата, како и да се утврдат асимптоматски случаи кај учениците и средношколците.

– Со давањето поддршка на скринингот, зачајно ќе се придонесе да се добијат релевантни податоци базирани на докази, кои ќе овозможат натамошно носење на соодветни одлуки од интерес на децата и учениците. Тоа ќе овозможи побезбедно одвивање на наставата како и поголема заштита на здравјето на учениците – потенцираат во МЗ.

Скринингот според најавите, треба да започне идната недела. Ако некој од родителите одбие детето да му биде тестирано, ќе има заменски примерок од каде ќе се избира следното дете за тестирање, преку системот Е-дневник.