ЦГК: 10 милиони евра се трошат без отчет за набавки во училиштата платени од родителите

Истражувањето открива дека набавките за осигурување, за униформи за учениците, за фотографирање, за ужина итн., се спроведуваат во постапки за кои нема јасно дефинирани правила кои би овозможиле избор на најповолните понуди и најдобра вредност за потрошените пари

Photo by Taylor Flowe on Unsplash

Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) го објави истражувањето „Отсуство на процедури, транспарентност и отчетност кај набавките коишто се финансираат со пари од родителите во училиштата“.

Истражувањето спроведено во 96 основни и средни училишта во 8 општини во земјава открива дека набавките за осигурување, за униформи за учениците, за фотографирање, за ужина итн., се спроведуваат во постапки за кои нема јасно дефинирани правила кои би овозможиле избор на најповолните понуди и најдобра вредност за потрошените пари.

Во Република Северна Македонија има 966 основни и 129 средни училишта, во кои учат околу 254 илјади ученици. Врз основа на добиените податоци, проценката е дека годишната вредност на овие набавки изнесува најмалку 10 милиони евра.

„Ова е, секако, огромна сума пари, за коишто не постои системско решение за начинот на нивното трошење за потребите на учениците“, се заклучува во истражувањето.

Јавни огласи се објавуваат само за екскурзиите, бидејќи Министерството за образование и наука (МОН) за нив има донесено процедури уште во 2014 година.

„Најголем дел од училиштата не можат да објаснат како е направен изборот на фирмите за чии услуги плаќаат родителите. Дури и кај оние училишта што ги доставија одлуките за избор од страна на советите на родителите не може да се утврди како се прибрани разгледуваните понуди, односно кој одлучил од кои конкретни фирми да се бараат понуди за набавките“, се вели во истражувањето.

Оваа состојба, според ЦГК, е последица на тоа што МОН доцни со изготвувањето на подзаконските акти со кои ќе се регулира начинот на спроведување на набавките во воспитно-образовните институции, кои не подлежат на Законот за јавни набавки.

„На тој начин се овозможува на училиштата да бидат нетранспарентни и неотчетни за начинот на трошење на парите од родителите. Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021 – 2025 година предвидуваше Министерството за образование и наука да ги изготви овие подзаконски акти (правилници) уште во првата половина од 2022 година, со цел да се намалат широките можности за корупција и злоупотреба на службената позиција“, се вели во истражувањето, кое е изготвено во рамките на проектот „Заштита од корупција“ со финансиска помош од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, имплементиран од ЦГК, во периодот од 1 ноември 2021 година до 31 октомври 2024 година.