Учениците што се во завршна година ќе полагаат државна матура во јуни. Во Државниот испитен центар (ДИЦ) информираат дека веќе се при крај со организациските подготовки за испитот на зрелоста. Како што објаснува директорката Елизабета Наумовска, годинава ќе има новини само во однос на изработката на проектната задача, а по останатите предмети полагањето ќе остане исто.
„Прашањата се направени, учениците се пријавени. Периодов се координиравме, имавме обуки, советувања, постојано сме им достапни на училиштата. Матурата ќе се полага исто како лани, односно ќе има два интерни и два екстерни предмети како и проектна задача. Матура се полага на хартија, сегде во светот е така, никаде не се полага онлајн“, вели Наумовска.
Во однос на проектните задачи кои треба матурантите да „ги бранат“ во училиштата, ќе има промени годинава.
„Нема повеќе напишан есеј со копи-песјт изваден материјал од Интернет, туку целта на проектната задача е учениците да имаат некакви продукти од таа нивна активност. Дали тоа ќе биде нешто во вид на видео, некакви други активности во училиште или некое истражувања, тоа ќе биде нивен избор. Секој матурант ќе треба својот труд да го презентира внатре во училиштата“, додава директорката.
Таа потенцира дека направена е анализа, која покажала дека многу ученици препишуваат кога ги изработуваат проектните задачи.
„Ги земавме за анализа ланските проектни задачи. Секаде каде што имаше недостатоци, обрнавме внимание, дадовме насоки менторите малку повеќе да бидат насочени во обезбедување на квалитет на тие проектни задачи. Ние бараме самостојна работа на учениците под менторство на нивните наставници. Она што недостасува е да се развијат мисловните активности и креативноста на децата“, нагласува Наумовска.
Инаку минатата година беше најавен сосема нов концепт на полагање државна матура, а главната новина која ќе стартува од 2025 година, е дека посебен ќе биде матурскиот испит за учениците од гимназиско образобание, а посебен за оние во средното стручно образование. Како што најавуваат во Државниот испитен центар, cледуваат средби со министерот Јетон Шаќири, со претставници на Сојузот на средношколци, а ќе има и јавна расправа со сите ректори на универзитети.
Во извештајот за резултатите од последниот матурски ипит кој се спроведе лани, пишува дека според повеќегодишното искуство во реализацијата на овој испит, потребно е да се направат измени во Правилникот за начинот на полагање и оценување на резултатите на учениците на испитите во државната матура во гимназиското, стручното и уметничкото образование.
„Секоја година се зголемува бројот на ученици кои се пријавуваат да ги
полагаат екстерните испити во јунскиот и во августовски испитен рок, а потоа (од
непознати причини за ДИЦ) не се присутни на денот на испитот. Исто така неопходно е
државната матура да се реализира во голем простор. На тој начин изведувањето на
испитот ќе биде во исти услови за сите кандидати, а и бројот на тестатори би се
намалил“, стои во извештајот.