Секое трето лице кое има ХИВ во земјава, не го знае својот ХИВ-позитивен статус, односно не е свесно дека е позитивно на вирусот. Оттука, важно е редовното тестирање, затоа што само така може да се утврди статусот и да се отпочне со терапија за ХИВ, која во земјава е достапна и бесплатна и со која луѓето со ХИВ може да живеат квалитетно и долго.
Ова денеска го истакнаа од ХЕРА – Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување, при најавата на одбележувањето на Европската недела на тестирање, која ќе се одржи од 20 до 26 ноември под слоганот „Грижи се за себе“ и која има за цел да ги охрабри мажите редовно да се тестираат и грижат за своето сексуално и репродуктивно здравје.
Уште еден показател за ниската свесност е и загрижувачката стапка на користење заштита при сексуалните односи кај младите – најголем дел од оние на возраст од 20 до 24 години (36%) практикувале незаштитени сексуални односи, што може да доведе не само до непланирана бременост, туку и до сексуално преносливи инфекции.
Според д-р Велимир Савески од Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, не можеме да зборуваме за потполна физичка, психичка и социјална благосостојба ако го занемаруваме сексуалното и репродуктивното здравје.
„Европската недела на тестирање е само потсетник дека на тестирањето за сексуално преносливи инфекции треба да се гледа како на дел од грижата за сопственото здравје. Вакви тестирања, вклучително и за ХИВ, може да се направат и во амбулантата за ХИВ на Клиниката за Инфективни болести и фебрилни состојби, анонимно и доверливо. Она што ја прави нашата амбуланта различна од останатите е поддршката што секој пациент ја добива од психологот и социјалниот работник во однос на сексуалното и репродуктивното здравје“, истакна д-р Савески.
Сексуално преносливите инфекции (СПИ) многу често остануваат непрепознаени бидејќи немаат симптоми. Но, дури и кога имаат, се случува да се занемаруваат поради срамот и сеприсутните табуа поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје, велат од ХЕРА. Недоволната грижа за здравјето меѓу мажите во голема мера се должи на начинот на кој тие се социјализирани уште од најрана возраст. Поради општествено конструираниот став дека мора да бидат силни и „машки“ да се носат со животните предизвици, момчињата се учат дека не треба да ги покажуваат и да разговараат за чувствата ниту да бараат помош и поддршка. Па така, кога е во прашање сексуалното и репродуктивното здравје, често се случува да избегнуваат да одат на редовни прегледи и тестирања, што доведува до сериозни ситуации и болничко лекување.
„Ги охрабруваме момчињата и мажите кои се сексуално активни да дојдат во нашиот младински центар ‘Сакам да знам’ – Водно за бесплатен преглед кај дерматовенеролог и да направат пакет бесплатни тестирања за сифилис, гонореја и кламидија, како и брз тест за ХИВ. Тестирањата се бесплатни и доверливи, а резултатите готови за само 20 минути“, изјави на денешната прес-конференција Весна Матевска, програмска раководителка во ХЕРА.
Таа рече дека, по потреба, момчињата и мажите во младинскиот центар „Сакам да знам“ можат да добијат и доверливо советување за сексуалното и репродуктивното здравје и да си земат информативни брошури и кондоми.