fbpx

Светски ден на здравјето: Пред 20 години имало 18.000 лекари, сега има околу 6.000

Една третина од специјалистите гинеколози што завршуваат си одат. Платите и условите кај нас се тие. Но, ако си најдат убава специјализација, ако положат за јазик, си заминуваат. Подмладок има, но се намалува бројот, а ние треба да растеме. Пред 20 години имавме 18.000 лекари, сега сме 6.000, вели д-р Горан Димитров, претседател на Македонското лекарско друштво

-

Пациентите сè уште немаат пристап до лековите од новата ажурирана позитивна листа, која се најавува веќе две години. Дијабетичарите велат дека ако антидијабетна терапија ги чинела 70 евра месечно, сега за неа мора да плаќаат 120 евра. Пациентките, пак, и натаму мака мачат да стасаат до термин за мамографија и ехо на дојка три месеци, бидејќи нема термини во „МојТермин“. Ако пред 20 во земјава имало 18.000 лекари, сега има 6.000 бидејќи старите заминуваат во пензија, а младите – од државата.

Ваква е сликата за македонското здравство денеска, кога се одбележува Светскиот ден на здравјето. Се чекаат долгонајавуваните нови лекови на позитивна листа, се чекаат термини, се чекаат нови лекари.

Антидијабетна терапија има, но пациентите ја плаќаат приватно 

Иако неколкупати протестираа барајќи антидијабетна терапија глукомери и ленти, дијабетичарите сè уште имаат проблеми со истата. Диме Велев, претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари во Македонија, вели дека и покрај средбите со надлежните, останале отворени и нерешени прашања.

Фото: Image by Martin Büdenbender from Pixabay

„Немавме ленти и глукомери, па нејасно е како ќе се надомести таа штета кога ние ги набавувавме од џеб. Министерството не одговара на потребите на пациентите. Терапијата веќе ја има на отворен пазар, но мораме лековите да ги купуваме на приватно бидејќи не се на позитивната листа. Имаме еден лек од антидијабетна терапија, го има за 3.000 луѓе на кои им е препишан, но од нив 1.500 мора да си го купат на приватно. И овде државата не интервенира“, вели Велев.

Со новите терапии кои луѓето ги бараат, цените стануваат сè повисоки. На Велев вели дека на еден дијабетичар, потребни му се 120 евра за да си купи лекови, а претходно овој трошок беше 70 евра месечно. Инаку во земјава има околу 135.000 дијабетичари.

Пациентите чекаат девет нови лекови на позитивната листа

Мета.мк ги праша надлежните до каде е ажурирањето на позитивната листа на лекови, за која последен пат имаше најави дека ќе се менува токму сега, во април. Во моментов се чека одлука за девет генерички лекови да се најдат на позитивната листа, чие ревидирање не се случило 13 години. Ревидирањето треба да обезбеди поиновативна и поефективна терапија за пациентите.

Фото: Michal Jarmoluk from Pixabay

„Станува збор за лекови кои се во промет подолг временски период, а се наменети во третманот на хипертензија, срцева слабост, превенција на атеротромбоза, Алцхајмерова болест, депресија и анксиозни растројства. Од стручната комисија за позитивна листа на лекови, до Фондот за здравствено осигурување доставен е предлог за утврдување нови лекови на примарната листа на лекови. Предлогот содржи и нутриенс, наменет за туморска кахексија, кој веќе се наоѓа на болничката листа на лекови, за кој е побарано од компанијата негово префрлање на примарната листа“, информираат за Мета.мк од Министерството за здравство.

Конечната одлука, во зависност од расположивите пари наменети за лекови, треба да ја донесе Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување. Динамиката за воведување измени во листата на лекови предвидено беше да биде двапати годишно, односно во месеците април и октомври.

Д-р Димитров: Си заминуваат една третина од гинеколозите што завршуваат специјализација

Д-р Горан Димитров од Клиниката за гинекологија и претседател на Македонско лекарско друштво, вели дека во моментов има околу 6.000 лекари во земјата, но таа бројка флуктуира.

„Точно, младите си заминуваат во странство. Почнуваат кај нас, но после тоа, си одат. Една третина од специјалистите гинеколози што завршуваат си одат. Платите и условите кај нас се тие. Но, ако си најдат убава специјализација, ако положат за јазик, си заминуваат. Подмладок има, но се намалува бројот, а ние треба да растеме. Пред 20 години имавме 18.000 лекари, сега сме 6.000. Како ова да се реши, тоа е должност на државното уредување, на надлежните“, вели д-р Димитров за Мета.

Прашавме и професори во училишта за странски јазици, кои предаваат германски јазик за тоа дали работат со медицински кадар. М-р Кате Димитриевска, професорка и преведувачка по германски јазик од приватното училиште за странски јазици „Стархаус“, вели дека најмногу работи со медицински сестри, рентген техничари и лекари.

„До пред неколку години немаше старосна граница, највозрасната медицинска сестра која ја подготвував за германски јазик имаше 59 години. Од пред три години, воведоа старосна граница, до 45 години. Уште при крај на средното образование младите почнуваат со изучување на германскиот јазик со цел веднаш по завршувањето да се преселат и работат во Германија. Сепак, најчесто оние кои учат германски за да си заминат се на возраст од околу 30 години. За жал, многу луѓе изучуваат германски јазик, тенденцијата за барање работа надвор се зголемува“, вели Димитриевска.

Б1 е задолжително ниво и без тоа медицинарите не можат да добијат виза. За да се стекнат со нострификација, мора да положат Б2, но тоа најчесто го прават во Германија.

„Меѓу оние кои заминуваат, најмногу има медицински сестри, потоа рентген техничари, a има и доктори кои работеле во Брза помош или во ургентни центри. До пред неколку години заминуваа само здравствени работници од државното здравство, а во последните години си заминуваат и од приватните болници“, објаснува професорката Димитриевска.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Како порталот Спутник, гласноговорник на Кремљ, известуваше за македонските избори?

Два лајт мотива беа содржани во најголемиот дел од анализите и текстовите за изборите во Северна Македонија низ призмата на проруски Спутник. Првиот е дека С. Македонија има притисоци...