fbpx

Дебата на истомисленици – дискусија за родот со непотврдени учесници

Своето присуство на дебатата „До каде сме со родот“ не го потврдиле Мила Царовска, Ирена Цветковиќ, Јована Тренчевска и Игор Јадровски но тие сепак се најдоа на постерот на Родителски фронт за дебата за, како што тие ја нарекуваат, „родовата идеологија“

-

Граѓанската организација Родителски фронт, која редовно промовира традиционални вредности и постира хомофобични и трансфобични содржини, вчера најави дебата закажана за в понеделник во Домот на културата во Струмица. Насловот на дебатата гласи „До каде сме со родот?“, а изработен е и постер со учесници од кои најмалку половината за Мета.мк велат дека воопшто не го потврдиле своето учество.

Во објавата на Фејсбук на Родителски фронт беше најавен широк спектар на дебатери, вкупно осум. Меѓу нив се Аргирета Атева, претставник од Коалиција за заштита на децата (антиродово здружение со голем број следбеници на Фејсбук), Ѓорги Танушев, советник и претседател на комисијата за еднакви можности на жените и мажите во Општина Струмица, Петар Марков од ВМРО-ДПМНЕ и Душан Шарановиќ, адвокат.

Меѓу најавените учесници се и Мила Царовска, извршна директорка на ХЕРА и поранешна министерка за образование и за труд и социјална политика, Ирена Цветковиќ од Коалиција Маргини, Јована Тренчевска, исто така поранешна министерка за труд и социјална политика и Игор Јадровски, претседател на комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Фото: Родителски фронт

Но, како што пишува и во самата најава на настанот, само Танушев, Марков, Атева и Шарановиќ го потврдиле своето присуство на настанот, „додека од останатите сè уште се чекало одговор“. Случајно или не, токму тие чии ставови се совпаѓаат со ставовите на антиродовите движења потврдиле учество.

Од Коалиција Маргини и Хера за Мета.мк велат дека тие ја добиле поканата вчера, кога и всушност се најави настанот, но дека немале воопшто прилика да одговорат дали ќе присуствуваат на дебатата која треба да се одржи два дена пред првиот круг на претседателските избори.

„Станува збор за многу важна дебата за која треба да се дискутира во јавноста. Но, сметаме дека сега не е соодветно време за неа, бидејќи истата може да биде употребено во цели кои не се во интерес на граѓанското општество и на сите граѓани“, велат од граѓанските здруженија ХЕРА и Коалиција Маргини.

Игор Јадровски, претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација кој моментално не е во државата, за Мета.мк кажа дека не бил воопшто поканет и дека комисијата има интерен процес за одлучување дали и кој од седумчлената комисија ќе ја претставува на јавни настани.

„Кога ќе се вратам во Скопје ќе ја видам поканата и ќе разговараме на ниво на Комисија, па ќе одлучиме дали и кој ќе присуствува. Во меѓувреме не сум информиран ни за тоа дека сум најавен како говорник на некаква дебата, тоа е одговорност на организаторот, па не би можел да коментирам како и зошто ме најавиле, без добиена потврда за присуство“, ни изјави Јадровски.

Сепак, Родителски фронт им нуди на тие кои од оправдани причини не можат да дојдат да пратат свое „прокси“ да дебатира во нивно име.

Родителски фронт, организаторот на дебатата, идеолошки е дел од т.н. антиродови движења. Припадниците на антиродовото движење се залагаат за „традиционални“ вредности и се противат на сè што перцепираат како наметнати западни вредности во однос на интеграцијата на ЛГБТИ лица во општеството.

Тие постојано споделуваат содржини од Коалиција за заштита на децата, друго вакво здружени, а главниот партнер на Коалиција за заштита на децата е Family Watch International, американска лобирачка организација воглавно финансирана од богати Мормони. Таа се залага против ЛГБТ права ширум светот и има лобирано во Уганда, каде лани се усвои закон со кој следи смртна казна за хомосексуалци во одредени случаи.

Соодветно, антиродовите здруженија во Македонија постојано пропагираат против Законот за родова еднаквост и измените во Законот за матична евиденција.

Дополнително, не случајно е одбрана Струмица како локација за дебатата. Јужноисточниот град стана жариште за антиродовите движења. Токму Родителски фронт организираше протест во Струмица против „родовата идеологија“ во училиштата. Во истиот дом на култура каде треба да се одржи дебатата беше прикажуван филмот „Што е тоа жена?“, американски документарен филм со трансфобична содржина, презентиран од американскиот конзервативен активист Мет Волш.

Самата дебата како тактика на антиродовите движења потсетува на стилот на пропаганда на американските конзервативни активисти и организации, на какви што припаѓа Мет Волш. Тие често повикуваат луѓе од другата страна на политичкиот спектар на дебати, кои речиси секогаш се сведуваат на навреди и надвикувања, отколку какво била продуктивна дискусија за вредностите на двете страни.

Мета.мк се обрати до Родителски фронт, за тоа зошто се организира дебата и веќе е изработен постер со учесници кои се немаат изјаснето дали ќе присуствуваат, но оттаму, иако ја видоа нашата порака на Фејсбук, не одговорија, до моментот на објавување на текстот.

Кога студентите по медицина се извинуваат – влијанието на антиродовите движења во јавната сфера

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Хари Потер замокот“ во Одеса бомбардиран, најмалку пет убиени

Пристанишниот град Одеса беше бомбардиран синоќа, пренесува Би-би-си и Еуроњуз. Нападната беше зградата која локалци ја нарекуваат „Хари Потер замок“. Засега се забележани најмалку пет загинати лица. Тие кои биле...