fbpx

Кога студентите по медицина се извинуваат – влијанието на антиродовите движења во јавната сфера

Како антиродовите движења, поддржани од американски и руски христијански организации, внесуваат страв и омраза во јавниот дискурс, под изговорот на одбрана на „семејните вредности“

-

Неодамна Македонската медицинска студентска асоцијација (ММСА) најави на Фејсбук дека на Медицинскиот факултет при УКИМ во Скопје ќе се одржи предавање наречено „Патот на транзицирање“. Во најавата стоеше дека предавањето ќе ги покрие различните аспекти на медицинските услуги и грижа во процесите на потврдување на родот на трансродовите лица и ќе биде водено од докторка по пластична хирургија, како и од активистка која ќе ги сподели своите искуства поминувајќи низ такви услуги во државата.

Но, предавањето никогаш не се одржа.

Тоа беше откажано откако здружението наречено „Коалиција за заштита на децата“ (КЗД) за која не е јасно како е поврзано со медицинскиот факултет, јавно ја критикуваше студентската организација ММСА. Тие тврдеа дека предавањето било пријавено под друго име во деканатот. По оваа објава, ММСА го откажа настанот и во објава на Фејсбук неколкупати се извини на деканатот.

Скриншот од извинувањето на ММСА. Скриншотот беше споделен од Коалиција за заштита на децата.

Платформата Коалиција Маргини реагираше на ситуацијата со тоа што истакна дека зад процедурите за потврдување на родот стојат децении истражување и дека истите не се само „експериментални“.

„Оваа одлука беше резултат на паниката, омразата, манипулациите и хистеријата којашто ја ширеа неколку анти-демократски и дискриминаторски индивидуалци, групи и коалиции, познати како анти-родови движења“, стои во реакцијата на Коалиција Маргини.

Токму антиродовите движења се клучни за разбирање како можеше да настане оваа ситуација. „Коалицијата за заштита на децата“ (КЗД) е една од неколкуте страници со големо присуство на Фејсбук која е дел од т.н. анти-родово движење. Припадниците на ова движење се противат на „трансродовата“ или „родовата идеологија“, сметајќи дека нормализацијата на ЛГБТ лицата во општеството е дел од западен заговор да се уништи семејството. Нивните постови се полни со говор на омраза, често упатени кон конкретни ЛГБТ лица.

Но, по само неколку кликови по објавите на страници како КЗД или „Од нас за нас“ или „Преземи одговорност“, неколку работи се истакнуваат.

Прво, не станува збор за неколку изолирани лични профили кои едноставно си ги изразуваат своите ставови, туку за мрежа на повеќе Фејсбук страници со илјадници следбеници.

Второ, има навистина огромно количество на содржина која се постира секојдневно, која не е така аматерски изработена. Дополнително, објавите често се придружени со извори, што укажува дека можеби и не станува збор за неколку загрижени родители, како што често се претставуваат, туку за некаква поголема структура.

Всушност, антиродовите движења се меѓународен феномен, зад кои стојат американски организации, поддржани од руски и американски христијански олигарси со цел ширење традиционални вредности низ светот, од Уганда до Унгарија.

Токму оваа структура им овозможува на здруженијата како КЗД брзо да се мобилизираат и да имаат влијание вон интернет просторот, како што покажа откажувањето на предавањето на ММСА, а и протестите против предлог законите за родова еднаквост и матична евиденција кои ги организираше Црквата, како и политичките партии кои го преземаат нивниот јазик.

Јазикот и методите на антиродовите (во Македонија, а и пошироко)

Реториката на антиродовите движења, дали во Македонија или на кое било друго место да се манифестираат, е униформна.

„Антиродовите движења користат дезинформации, алатки на страв и промовирање нетолеранција, особено преку социјалните медиуми, но и преку локално дејствување и мобилизирање“, вели Сара Миленковска, феминистичка истражувачка и ко-основачка на Стела Мрежата.

Ваквите Фесјбук страници споделуваат „увезени“ дезинформации, но креираат и локални дезинформации – совршен пример за ова е фамата околу романот „Крајот на Еди“ од францускиот автор Едуар Луј кој изминатото лето беше преведен на македонски и издаден од издавачката куќа „Полица“.

Крајот на Еди од Едуар, во издание на Полица. Фото: Полица

Романот ги раскажува искуствата на геј дете, чиј живот е полн со сексуални трауми. Антиродовите Фејсбук страници тврдеа дека македонската издавачка куќа „Полица“ ја маркетирала кон деца (доказот им е тоа што на корицата на книгата има слика од дете) и дека ги „промовира“ тие трауматични искуства како нормални кон деца. „Полица“ демантираа дека на каков било начин ја продавале книгата на деца, но не пред да бидат преплавени со негативни пораки и обвинувања дека сакаат „да ги расипат нашите деца“.

Во овој пример се гледа една од најомилените стратегии на антиродовите движења – сеење страв со користење на сликата на невиното чисто дете кое е „уништено“ од тие што ги мразат семејните и христијански вредности.

Покрај сеењето страв, Миленковска истакнува дека антиродовите движења често се кријат зад некоја анонимност, но со некакво лице во јавноста. Едно од тие лица во државата е познатата анти-ваксерка Гордана Гоџо. Таа преку групата „Од нас за нас“ ширеше дезинформации околу сеопфатното сексуално образование и зборуваше против вакцинацијата за време на пандемијата што цврсто ги става анти-родовите движења на страна на дезинформациите.

„Политиката на антидемократските движења – претставена низ антиродовите актери и антифеминистичките има за цел да креира отпор против напредокот, еднаквоста, човековите права и достоинство“, вели истражувачката Миленковска.

Организациите зад локалните антиродови движења

А, кој точно ги финансира и поддржува овие заштитници на децата? Ако се отвори веб-сајтот на „Коалицијата“ може да се пронајде список на партнерски организации. Тука може да се најдат сите други нивни Фејсбук страници како „Преземи одговорност“ и „Од нас за нас“, но клучната организација е таа под натписот „Главен партнер“: Family Watch International.

Family Watch International (FWI) e американска конзервативна лобирачка организација. Таа е основана во 1999 година и оттогаш се залага за промовирање на про-фамилијарни, традиционални, анти-ЛГБТ вредности ширум светот. Таа е основана од Шерон Слејтер, ќерка на Хауард Раф, познат бизнисмен и автор.

Family Watch International се познати по нивното лобирање за анти-ЛГБТ политики во Афирка. Слејтер се има сретнато со претседателот на Уганда. Токму Уганда неодамна беше во вестите поради тоа што таму се изгласаа еден од најсуровите анти-ЛГБТ закони на овој век, вклучувајќи и доживотни и смртни казни за хомосексуалците.

Најверојатно и не треба да е изненадувачки што FWI и други нивни партнерски организации се финансирани од христијански фундаменталисти.

FWI е ефективно поврзана со Мормонската црква, која е позната по своите традиционални ставови (вклучувајќи ја полигамијата, која пак најверојатно би била критикувана од страна на истите анти-родови активисти).

Иако Family Watch International ги отфрла поврзаностите со Мормонската црква, според истражувањата на меѓународната организација Ипас, тие се очигледни ако се погледне историјата на „родителската“ организација на Family Watch International и главните донатори, кои воглавно се состојат од мормонски организации и богати Мормони.

Дополнително, FWI е поддржана од конзервативната лобирачка чадор организација World Congress of Families, позната и како International Organization for the Family. Таа влијаела во усвојувањето на сеопфатниот хомофобичен закон во Русија во 2013 година, со кој се забранува јавно да се прикажуваат какви било ЛГБТ содржини. Организацијата е основана од конзервативни Американци и Руси и добива донации од руски олигарси кои донираат и на иницијативи на руската православна црква.

Корените на антиродовото движење

Сепак, сето финансирање на светот не би помогнало да се шири пропаганда за „фамилијарни вредности“ доколку општествените услови не би биле погодни за луѓе да ги примат истите. Имено, според Истражувачкиот институт за социјален развој на Обединетите нации, антиродовите движења нашле плодна почва во анксиозноста кај луѓето по финансиската криза во 2008 година.

„Анти-родовите движења може да се припишат на подемот на новите нелиберални популистички десничарски движења кои се појавија по глобалната економска рецесија во 2008 година. Користејќи ги анксиозностите произведени од неолибералните реформи, анти-родовата идеологија ја демонизира родовата еднаквост, родовата и сексуалната различност и движењата за сексуални права како причина за несакани економски и социјални промени, позиционирајќи го враќањето кон хетеропатријархатот како решение кое се повикува на стариот добар „здрав разум“, што ќе го врати редот и сигурноста“, пишува во истражувањето предводено од Хејли Мекјуен и Лата Нарајанасвами.

Идејата дека економските и националните кризи може да се „решат“ преку затворање на родовата интеграција и правата на ЛГБТИК+ потоа станува платформа за организирање и за регрутирање масовна поддршка меѓу десничарските активисти од повеќе различни сфери. Меѓу нив вклучувајќи ги и „верниците и неверниците, националистите и универзалистите, популистите кои го демонизираат глобалниот капитал и традиционалните конзервативци во стилот на Реган и Тачер со нео-конзервативна љубов кон пазарот“, пишуваат Мекјуен и Нарајанасвами.

„Антиродовите движења се опортунистичка болест која капитализира на политичката и економската небезбедност во ранливите општества. Нивната политика има за цел да креира отпор против напредокот, еднаквоста, човековите права и достоинство“, вели Сара Миленковска.

Антиродовите движења речиси секогаш Западот (како сурогат за сите прогресивни идеи) го гледаат како крајниот непријател, кој цели да ги еродира традициите. Македонија, каде голем дел од населението е разочаран од евроинтеграциските процеси и навидум бесконечно многуте препреки на патот кон Европската Унија, е особено подложна на анти-западна реторика.

Како делуваат и ќе делуваат анти-родовите во Македонија

Во Македонија веќе се забележува како антиродовата реторика се користи токму од тие кои се евроскептици и од генерално конзервативни политички актери. Исто така, најчесто тие се отворени поддржувачи на авторитарни режими, како на пример режимот на Владимир Путин во Руската Федерација.

Така на пример, партијата Родина Македонија е „против сексистичката и трансродовата идеологија“. Инаку, Родина, како и партиите Интегра и МААК Македонија, може да се најдат на листата партнери на веб-страницата на Коалиција за заштита на децата.

Плакат на партијата Родина Македонија. Фото: Мета.мк

Но, антиродовата реторика веќе е присутна и во мејнстрим партиите. Носителот на листата на ВМРО-ДПМНЕ во четвртата изборна единица Александар Николоски за време на предизборната кампања кажа дека за неговата партија постојат само мајка и татко, не родител 1 и родител 2 – изјава што звучи како да преземена директно од пост на Коалиција за заштита на децата. Впрочем, станува збор за стара дезинформација во која се тврдеше дека термините Родител 1 и Родител 2 ќе се користат во пилот програмата за сексуално образование.

Гледаме и како антиродовите движења успешно сплотуваат секакви различни конзервативни сфери – дури и Македонската православна црква (МПЦ) излезе во јавноста со јасен политички став против законите за родова еднаквост и матична евиденција.

МПЦ стоеше и зад протестите изминатото лето кои беа организирани против овие закони, за кои МПЦ тврдеше дека биле внесени по забрзана постапка во Собранието. Тоа испадна тотална невистина – законот за родова еднаквост сè уште е „заглавен“ во Министерството за труд и социјала, а измените на Законот за матична евиденција биле предложени во Собрание по редовна постапка.

Од протестот кој го организираше МПЦ против измените на законите за родови прашања, 29 јуни 2024 г. | Фото: Бојан Блажевски, Мета.мк

Јаков Стобиски, лицето на политичкиот подвиг на МПЦ, редовно шири дезинформации на темата и познати светски теории на заговор. На пример, тој има зборувано за „неверојатната поврзаност меѓу прогресијата на родовата идеологија и еден вид либерализација на педофилијата на глобално ниво“. Веќе не треба да ве изненади дека оваа негова колумна може да се најде на веб-сајтот на „Коалиција за заштита на децата“.

Опасноста и иднината на антиродовите движења

Антиродовата реторика, а особено активностите против законите кои би им помогнале на трансродовите лица само може да предизвикаат дополнителни проблеми за трансродовите лица – во никој случај не би довеле до „заштита на децата“.

Истражувањата во САД покажуваат дека во државите во Америка каде поминале нови закони кои би ги скратиле правата на трансродовите лица, постоела директна корелација со засилено насилство кон децата. Застрашувачки, речиси истата корелација постои и кога вакви закони се само ставени на читање.

Но, уназадување на правата на трансродовите лица е само дел од сложувалката какви може да се последиците од овие движења. Антиродовите движења даваат дозвола прашањата околу унапредувањето на правата на жените и сексуалните малцинства од изминатите два века повторно да влезат во дискусија. На пример, КЗД редовно споделуваат дезинформации во однос на абортусот.

Вредносниот регрес предизвикан од антиродовите движења може да се види во случајот со гимназијата во Струмица која имплементираше ограничувачки правила за облекување кои вклучуваат забрана за носење шорцеви, хеланки и долги нокти, неколку дена откако слична политика беше имплементирана во Прилеп. Неслучајно ваквите правила дојдоа токму во Струмица, град кој стана жариште за антиродовите движења – организацијата „Родителски фронт“ организираше и протест во градот против родовата идеологија во училиштата.

Според Лила Милиќ, трансродовата активистка која требаше да говори за своите искуства на откажаното предавање на Медицинскиот факултет, антиродовите движења доведуваат до намален простор за зборување за животите на трансродовите лица.

„Она што го направија ‘Коалицијата за заштита на децата’ ме погоди лично. Откажувањето на предавањето влијаеше на мене бидејќи ми беше одземено правото да го искажам мојот процес на транзиција. Беше директно мешање во едукацијата на студентите кои сепак по завршување на факултетот ќе бидат доктори. На самите студенти им беше спречено појаснувањето на проблемите и потребите на трансродовите лица кога станува збор за медицинско потврдување на родот. Тоа кажува дека Деканот, а и студентското организирање, под притисок на кое било движење може да откажат и други настани за кои антиродовите движења се против. Со самото откажување гледаме дека дискриминацијата и стигмата кон трансродовите лица е на високо ниво од страна на институциите“, вели Милиќ.

Истражувачката Миленковска се согласува дека дијалогот останува последната алатка за пребродување на штетата и болката предизвикана од антиродовите движења.

„Искрено сметам дека мора да креираме простор за дијалог, за грешки, но и за учење. Меѓутоа, сè уште не е јасно – како да креираме дијалог со страна која смета дека не треба да постојат квир луѓе, трансродови луѓе, или дека треба да не постои репродуктивна слобода. Како да креираме простор за разбирање со некој кого не го интересира твојата страна – особено состојбата на маргинализираните групи – ниту пак смета дека треба да опстои и постои. Сепак, треба да им се обратиме на оние на кои им недостасува поддршка и солидарност и тука да креираме коалиции на грижа наспроти коалиции на страв и насилство“, заклучува Миленковска.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК апелира да не им се попречува работата на новинарите за време на изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска достави писмен одговор по испратената претставка од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поврзана со случајот со прекршувањата на правата на новинарката...