Коалиција Маргини: Студентите и Деканатот на Медицински да се изјаснат дали стојат позади медицинските професионални стандарди

Скандалозна одлука во последен момент донесоа Деканатот на скопскиот Медицински факултет и Медицинската Студентска Асоцијација (ММСА), откажувајќи ја дискусијата наменета за студенти, која се однесуваше на аспектите на медицинските услуги и грижа во процесите на потврдување на родот на трансродовите и родово различните лица

фото: Медицински факултет, УКИМ

Загриженост и разочараност искажаа денеска Коалиција Маргини и „ТрансФормА“ од одлуката на Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје во последен момент да ја откаже дискусијата наменета за студенти насловена „Патот на Транзицирањето“, која се однесуваше на аспектите на медицинските услуги и грижа во процесите на потврдување на родот на трансродовите и родово различните лица.

Оваа одлука, велат од Коалицијата, беше резултат на паниката, омразата, манипулациите и хистеријата што ја ширеа неколку анти-демократски и дискриминаторски индивидуалци, групи и коалиции, познати како анти-родови движења.

„Разочарани сме, и во шок и неверување, од јавно споделеното соопштение на Македонската медицинска студентска асоцијација, со кое, идните доктори, наместо да застанат во одбрана на научниот интегритет и професионалните стандарди и независност, го оправдуваат откажувањето на дебатата и се извинуваат за неа“, се вели во соопштението на Маргини и ТрансФормА.

Македонската Медицинска Студентска Асоцијација (ММСА) во средата информираше дека се откажува предавањето „Патот на Транзицирањето“ за информирање на трансполовите операции достапни во земјава.

Како причина за откажувањето, студентската организација го наведе „недоразбирањето околу содржината на настанот“ кој првично бил најавен како „Инклузивно здравје за сите“. Од ММСА дури им се извинија на јавноста и деканатот на Медицинскиот факултет за ситуацијата, а ги избришаа и сите објави за предавањето од своите социјални мрежи.

„Како една од најстарите медицински асоцијации сакаме да се оградиме целиот тим од настанатиот проблем и, за жал, да изнесеме дека овој настан не беше дискутиран од страна на организацијата и во Деканатот на Медицински факултет беше пријавен под друго име ‘Инклузивно здравје за сите’ со што деканатот беше ставен во заблуда за карактерот на настанот. Настанот беше избришан од сите страни и секако откажан откако се дозна целата ситуација“, пишува во објавата на студентската организација.

Од Коалиција Маргини ги потсетуваат Деканатот на Медицинскиот факултет и ММСА на стандардите на Светската асоцијација на професионалци за трансродово здравје (WPATH) и на осмата верзија на SOC8 – најважното упатство засновано на докази за обезбедување на здравствена заштита на трансродовите и родово различните луѓе.

„SOC8 се заснова на најдобрата достапна наука со придонес од преку 100 глобални медицински професионалци и експерти, и претставува насоки за најдобра практика за обезбедување здравствена заштита што потврдува родот. Интервенциите кои го потврдуваат родот се засноваат на децениско клиничко искуство и истражување и не се сметаат за експериментални. Сите поголеми медицински здруженија вклучувајќи го и WPATH го поддржаа обезбедувањето на грижата и медицинските услуги што го потврдува родот за трансродовите лица како медицински неопходна грижа“, велат од Коалиција Маргини.

Според нив, професионалците, групите, организациите, политичарите, лекарите и законодавството кои се обидуваат да го забранат или ограничат пристапот до нега, вклучително и образованието и споделувањето на информации со студентите на медицина, се во директна спротивност со децениските истражувања и бројните студии кои ги промовираат огромните ментални и физички здравствени придобивки од грижата што го потврдува родот за трансродовите лица

„Ова особено важи за анти-родовите движења во Северна Македонија, движења кои се засноваат на и поттикнуваат фашистички, авторитарни и анти-демократски страсти и политики, со цел да го избришат симболичкото, социјалното, политичкото, и реалното постоење на трансродовите лица и ЛГБ лицата, да ги подријат политиките и принципите на родова еднаквост и репродуктивна правда, и да ги фиксираат улогите на жените согласно патријархалната логика и доминација“, се вели во реакцијата на Маргини и ТрансФормА.

Од таму велат дека, покрај тоа што јавно шират говор на омраза и поттикнуваат насилство врз ранливите популации, „овие коалиции и здруженија профитираат на сметка на реалните стравови, несигурности и анксиозности на граѓаните чиишто услови на живеење се сериозно подриени од различни социо-политички и економски фактори и политички елити, лажно претставувајќи ги маргинализираните групи како извор на стравот и прекарните услови на живот“.

Додаваат дека ваквите движења шират паника преку лажни вести и манипулирана статистика, погрешни извештаи и нецелосни податоци, и го спречуваат обезбедувањето на медицински неопходна нега.

Наспроти овие притисоци, студентите по медицина, докторите, професорите и професионалните здруженија треба да бидат свесни дека медицинските одлуки мора да останат помеѓу давателите на услуги и пациентите и нивните семејства.

„Како професионалци, како студентите, така и Деканатот на Медицинскиот факултет, треба јавно и пред себе да се изјаснат дали стојат позади медицински професионални стандарди изготвени од експерти, научници и лекари кои се дел од преку 160 медицински, истражувачки, научни центри и институции од целиот свет, или пак ги предаваат своите стандарди и научен интегритет на предрасудите, омразата и насилството, и на манипулациите на целосно нестручни индивидуалци и квази-граѓански здруженија“, велат од Коалиција Маргини.