fbpx

Лага е дека САД финансираат украински нацисти

Чести се дезинформациите кои се поврзани со наводниот нацизам и наводната геноцидност на Украина, нејзиниот народ или раководството. Сите овие наративи произлегуваат од уште една цел што ја соопшти Путин за т.н. специјална воена операција на 24.02.2022, а тоа е „денацификацијата“ на Украина

-

Тврдењата дека САД финансирале украински нацисти, а Путин исправал некакви неправди во Украина и почнал операција за денацификација, се неточни и имаат за цел само да ја оправдаат руската воена агресија. САД во никој случај не финансираат украински нацисти. Русија ја нападна Украина, а Украина има право да се брани. Во тоа ѝ помагаат демократски развиените држави членки на НАТО и ЕУ, меѓу кои секако се и САД, пишува Вистиномер.

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Анализираме објава на Фејсбук која го шири добро познатиот дезинфо наратив на Кремљ дека Украина е нацистичка и дека САД ги финансирале и поддржувале украинските нацисти.

Потрошени пари во бескрајни војни, за финансирање на нацисти во Украина и убијци на бебиња во Газа, наместо да се грижат за американските граѓани, стои во објавата.

Чести се дезинформациите кои се поврзани со наводниот нацизам и наводната геноцидност на Украина, нејзиниот народ или раководството. Сите овие наративи произлегуваат од уште една цел што ја соопшти Путин за т.н. специјална воена операција на 24.02.2022, а тоа е „денацификацијата“ на Украина.

Како што објавува EuVsDisinfo, долги години руските медиуми контролирани од државата тврдeле дека различни држави и ентитети се управувани од нацисти или пак се водат од нацистичката идеологија. Примерите се добро документирани во базата на податоци EUvsDisinfo од 2015 година. Таму, на пример се тврди дека Молдавија е управувана од фашисти, а исто така и балтичките држави и Полска. Понатаму, дека Европа, а исто така и Европскиот парламент го „поддржува“ фашизмот. Говорејќи во Владивосток шест месеци по руската инвазија на Украина, Владимир Путин дури шпекулираше дека шефот за надворешна политика на ЕУ, високиот претставник Жозеп Борел„ќе беше на страната на фашистите доколку живееше во триесетите“.

Украина – земја во која милиони загинаа, борејќи се против нацизмот во Втората светска војна, каде што нацистичката идеологија е забранета, според Кремљ, е најголемиот нацист од сите. Базата на податоци EUvsDisinfo содржи речиси 500 примери на про-Кремљ дезинформациски тврдења за „нацистичка/фашистичка Украина“.

Приказната за наводен нацизам во Украина влече корени од Втората светска војна и тогашниот украински опозициски политичар Степан Бандера, како и од првичното воодушевување од влезот на германските војски кај дел од Украинците што живееле во регионот на Галиција. Но, германската управа многу бргу покажала дека намерата ѝ е чиста окупација на Украина, која дотогаш била дел од Советскиот Сојуз (СССР).

Вистиномер во една своја анализа на разобличување на дезинфорамциите укажува на користење на наводно писмо од Путин, како наводен доказ за нацизмот во Украина. Во наводното писмо Путин се осврнува на руската војна со Украина и бара од граѓаните на западните земји да ѝ помогнат на Русија во нејзината борба против „украинскиот нацизам“, кој е „потхранет од вашите американски даноци и јастребите на НАТО“.

Бројни историчари тврдат дека воената агресија во Украина не може да се доведува во корелација со никаква денацификација.

Путин го злоупотребува терминот денацификација. Денацификацијата се однесува на одреден момент во историјата во поствоената ера, а тоа што Путин го користи овој термин е пропаганда насочена кон неговите стравови од моменталната демократска влада во Украина. Има многу специфично историско значење на денацификацијата, што претставува процес кој се случил во Германија после Втората светска војна, вели Тимоти Снајдер, експерт за Украина и автор на ,,Патот до неслободата: Русија, Европа, Америка“, за Тајм Магазин.

Тој додава дека во тоа време во Западна Германија било посветено внимание на високи нацистички лидери од страна на Американците и имало напори тие да бидат отстранети од јавниот живот.

Да се користи ова надвор од контекст, така како што тоа го прави Путин, е обид да се трансформира земјата и луѓето за кои тој зборува во нацистичка Германија. Нацист е член на националната социјалистичка партија во Германија во 1930 и 1940-тите, вели Снајдер.

Професорот од Јејл Универзитетот, Џејсон Стенли вели дека денацификација е процесот што сојузниците го спровеле во Германија. Почнувајќи со нирнбершките судења, тие суделе и осудиле бројни нацисти, бројни биле убиени и потоа ја замениле нацистичката идеологија во сите големи институции со луѓе кои биле недопрени од нацизмот.

Ги замениле со лидери кои се лојални на демократијата и ја замениле нацистичката идеологија со демократски практики, вели тој.

Моменталната украинска влада не е фашистичка, ниту диктаторска, или на кој било начин поврзана со нацистичкото минато. Претседателот Володимир Зеленески е демократски избран на фер избори, добивајќи 73 проценти од гласовите на претседателските избори во 2019 година.

Џефри Веилдлингер, за Тајм вели:
Во еден момент, имало Украинци кои соработувале со нацистите. Затоа Путин го користи тој термин, но ова било пред 80 години и не ja одразува моменталната украинска влада. Кога Путин го користи овој термин, тој нема значење. Тој не е исплашен од нацистите во Украина. Тој е исплашен од демократијата во Украина и препознава дека како што демократијата доаѓа поблиску до Русија, има закана дека луѓето ќе бараат демократија.

Употребата на терминот „денацификација“ во конотација со Украина е сосема погрешно, оценува  политикологот Андреас Умланд од Стокхолмскиот центар за источноевропски студии (SCEEUS). Тој посочува дека актуелниот претседател на Украина е Евреин кој победил еден неевреин кандидат на последните избори.

Умланд напоменува дека во Украина има десничарски екстремни сили, кои сепак се слаби во споредба со другите европски земји.

На последните избори екстремно десничарскиот Обединет фронт освои само 2,15 отсто од гласовите, посочува Умланд.

На удар на критиките се најде една воена единица со десничарска екстремна позадина, која беше активна на почетокот на конфликтот во Донбас. Но, таа група, според Умланд, е интегрирана во постоечките единици на Националната гарда. Десничарските екстремистички групи се минорна појава во Украина, заклучуваат експертите.

За потсетување, Украина го забрани промовирањето на нацизмот во 2015 година.

Војната којашто Русија ја започна пред две години однесе илјадници животи, милиони луѓе се раселени, ја потресе глобалната економија и повторно ги отвори поделбите од времето на Студената војна, како што е стравот од нуклеарна војна. Тврдењата дека САД финансирале украински нацисти, а Путин исправал некакви неправди во Украина и дека почнал операција за денацификација, се неточни и имаат за цел само да ја оправдаат руската воена агресија. САД во никој случај не финансираат украински нацисти. Русија ја нападна Украина, а Украина има право да се брани. Во тоа ѝ помагаат демократски развиените држави членки на НАТО и ЕУ, меѓу кои секако се и САД.

Поради сето ова, целата објава ја оценуваме како невистинита.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Матура ќе се полага вo училишни холови, за да не се случи тестаторот да го нема, а учениците да прават селфи

Oколу 600 матуранти од средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ викендов полагаа пробна државна матура. Тие пишуваа есеј кој е задолжителен дел од испитот по мајчин јазик, а импровизираното полагање...