Јавноста огорчена од Латас и исмевањето на насилството врз жените во емисијата на јутјуберот Лазаров

Во видеото објавено вечерта на 14 февруари и кое се емитуваше во живо, Драган Павловиќ Латас низ смеа раскажува за сексуално насилство врз жена додека бил тинејџер, додека водителот Стефан Лазаров на тоа реагира со смеење и потпрашања за експлицитните содржини

фото: принтскрин / видео од каналот „LAZAROV“ на Јутјуб

Лавина реакции на социјалните мрежи по објавената емисија на Јутјуб каналот на Стефан Лазаров во која гостуваше Драган Павловиќ – Латас и во која, како што прв реагираше Хелсиншкиот комитет за човекови права, се нормализира културата на насилство.

Од Хелсиншкиот комитет реагираат дека во интервјуто објавено во вторникот вечерта, Латас споделува дека тој и неколку другари на 15-годишна возраст злоставувале и силувале девојка, што е општествен пораз и реален приказ за тоа како ги третираме жените жртви на насилство.

„Во видеото, кое веќе има над 50 илјади прегледи, за двајцата соговорници силувањето е извор на забава и смеа, со што тие директно праќаат порака кон огромната публика не само дека тоа е нешто нормално, туку и смешно. Ова интервју е само еден јавен и болен показател за тоа како во пракса изгледа нормализирање на културата на насилство и до каде може да доведе непостапувањето на институциите и немањето јасни ставови и политики кои ги заштитуваат жртвите, наместо насилниците“, стои во реакцијата на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Од таму додаваат дека ваквата култура им дава ветер во грб на насилниците, кои не само што продолжуваат да живеат нормално, туку и се славени како „вистински мажи“ и победници.

„Истата таа култура ги осудува жртвите, праќајќи им јасна порака дека системите на поддршка се речиси непостоечки. На оваа култура мора да ѝ се стави крај, јасно и гласно, ако јавната осуда е единствено оружје кое го имаме на располагање, соочени со систем кој очигледно не знае и не сака да се справи со родово базираното насилство“, се вели во реакцијата на Хелсиншки.

На реакцијата се надоврзаа и други невладини организации и здруженија, меѓу кои и платформата „Медуза“ и здружението „Младите на Една може“.

На објавеното видео реагираше и директорка на коалиција Маргини, Ирена Цветковиќ, која искоментира дека додека Латас раскажува за случајот, јутјуберот Лазаров реагира со смеење.

„Додека Латас раскажува, Лазаров се кине од смеење, што особено го радува раскажувачот. Се смеат заедно, заоѓаат во злорадост, исполнети од сопствениот успех. Едниот мисли дека е мангуп зошто силувал, другиот мисли дека е мангуп зошто ја има можноста ексклузивно да го сподели овој подвиг на силувачот“, пишува во реакцијата на Цветковиќ.

Во видеото објавено вечерта на 14 февруари и кое се емитуваше во живо, Драган Павловиќ Латас низ смеа раскажува за сексуално насилство врз жена додека бил тинејџер, додека водителот Стефан Лазаров на тоа реагира со смеење и потпрашања за експлицитните содржини.

По лавината реакции, во изјава што подоцна ја избриша, јутјуберот Лазаров негираше дека гостинот во емисијата зборувал за силување, додека на Инстаграм обвини дека во случајов станувало збор за „хајка“ против него.