Четвртоодделенците полагаа пробен ТИМСС тест по математика и природни науки

Фото: Jeswin Thomas on Unsplash

Изминатата недела заврши пробното меѓународно тестирање ТИМСС, наменето за ученици во четврто одделение. За прв пат беше изведено на компјутер, а за таа цел Државниот испитен центар (ДИЦ) обезбедил 104 лаптопи со високи перформанси за да може да се одговори на барањата од технички аспект. Како што информираат во ДИЦ, децата одговарале на прашања од природни науки и математика.

„Во одреден број училишта имаше лаптопи или компјутери, а ние само ги надополнувавме со таа бројка колку што недостасуваа за да се изведе тестирањето. Во него учествуваа 1.197 ученици од четврто одделение, од кои 837 на македонски јазик и 360 ученици на албански јазик. Учениците, но и родителите, наставниците и директорите пополнуваа прашалници кои се однесуваа на наставата и на условите за учење дома и на училиште“, вели Елизабета Наумовска, директорката на ДИЦ.

Прашањата се на исто тежинско ниво, но се различни. Ученикот има 36 минути за одговарање на првиот дел од тестот. Треба убаво да го прочита прашањето, да го обмисли одговорот и да одговори. Се бара објаснување, а не само кликање на точен одговор од неколку понудени. ТИМСС бара повеќе мисловни активности на ученикот, да види како тој решава проблемски ситуации. По првите 36 минути се прави пауза по што следуваат нови 36 минути за тест. На крајот учениците пополнуваат прашалник.

Главното ТИМСС тестирање ќе се реализира во периодот од март до мај следната година, во 150 основни училишта, на примерок од 4.000 ученици, а резултатите со опсежен извештај ќе бидат објавени во декември 2024 година. Во оваа меѓународна студија учествуваат 80 држави во светот. Врз основа на резултатите ќе се прави споредба на државите, во однос на интернационален просек. Во последните години С. Македонија на листата е рангирана во последните 10 земји.

ТИМСС (Trends in International Mathematics and Science Study) е меѓународната студија по математика и предмети од природни науки која ги мери знаењата во овие области во четврто и во осмо одделение.