Почнува ковид-скринингот на средношколците, најпрво ќе се врши тестирање во Скопје

Фото: Мета.мк

Во девет средни училишта во Скопје утре ќе започне скринингот на средношколците за да се утврди дали некој од нив е носител на корона вирусот, информираат од Министерството за здравство.

„Во текот на утрешниот ден ќе се тестираат 258 средношколци, а низ државата продолжува во Кривогаштани, Берово, Вевчани, Дебарца, Демир Капија, Дојран, Зрновци, Конче, Лозово, Могила, Новаци, Пехчево, Старо Нагоричане и Центар Жупа“, се наведува во соопштението на Министерството за здравство.

Тие објаснуваат дека тестирањето на средношколците ќе се спроведува во просторија одредена од страна на училиштето, а тестирањето ќе трае помалку од една минута. Истото е безболно и безбедно, со земање на брис од грло и од носна шуплина.
„Целта на скринингот е рано детектирање и евентуално пронаоѓање на асимптоматски носители на вирусот Ковид 19 помеѓу учениците. Со релевантните податоци ќе се добие целосна слика на трансмисија на вирусот во училиштата, во интерес на децата“, велат тие.

Министерството за здравство апелира на безрезервна поддршка од страна на родителите при давање на потребната согласност. Скринингот ќе обезбеди безбедно одвивање на наставата и заштита на здравјето на децата.