Вистиномер: Не е лага дека мајмунските сипаници се јавна здравствена опасност

Фото: Alexandra Koch @Pixabay.com

Според американскиот Центар за контрола и превенција на болести, до 5 август во САД се потврдени 7.510 случаи на заболени со мајмунски сипаници, а единствените две држави во САД каде што не е регистриран ниеден случај се Вајоминг и Монтана. Во сите други американски држави има потврдени случаи, најмногу во Њујорк – 1.862. Со прогласувањето на мајмунските сипаници за јавна здравствена опасност во САД, полесно може да се пристапи до фондови и да се заобиколат федералните бирократии со цел САД поефикасно да се борат против оваа болест. Одлуката на САД дојде после повеќе од една недела откако СЗО на 23 јули посочи дека исклучителната ситуација со мајмунските сипаници се квалификува како итен глобален случај, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели дека САД прогласиле дека мајмунските сипаници се јавна здравствена опасност, што според авторот на објавата, претставува лага. Дополнително во постот се вели дека 6.600 лица  во САД заболеле од мајмунски сипаници и дека тоа е сатански број.

04.08.2022
САД
Прогласиле 6600(сатански број)заболени од мајмунски сипаници.
Јавна здравствена опасност.(лага)
„да видиме како ќе реагира сега народот“, пишува во објавата на Фејсбук.

Не е јасно од каде авторот на постот дошол до заклучокот дека 6.600 е сатански број и како тоа би било на некаков начин поврзано со неговото тврдење дека мајмунските сипаници не се јавна здравствена опасност?!

Напротив,  мајмунските сипаници се јавна здравствена опасност. Според американскиот Центар за контрола и превенција на болести, до 5 август во САД се потврдени 7.510 случаи на заболени со мајмунски сипаници, а единствените две држави во САД каде што не е регистриран ниеден случај се Вајоминг и Монтана. Во сите други американски држави има потврдени случаи, најмногу во Њујорк – 1.862.

Со прогласувањето на мајмунските сипаници за јавна здравствена опасност во САД, како што пишува  „Ју Ес Еј Тудеј“, полесно може да се пристапи до фондови и да се заобиколат федералните бирократии со цел САД поефикасно да се борат против оваа болест.

Оваа одлука на САД дојде после повеќе од една недела откако Светската здравствена организација на 23 јули посочи дека исклучителната ситуација со мајмунските сипаници се квалификува како итен глобален  случај.

Оттогаш, како што наведуваат американските медиуми, владата на САД беше критикувана зашто не побрза со одгоорот, повторувајќи ги истите грешки како и во пандемијата со ковид 19, така што потегот да се прогласат мајмунските сипаници за јавна здравствена опасност е само во насока да се спречи ширењето на вирусот.

Прогласувањето на мајмунските сипаници за јавна здравствена опасност ќе ѝ дозволи на федералната влада да биде побрза во борбата против ширењето и стигмата кон мажите кои имаат секс со мажи. Ова е многу јасна заложба за вреднување на животите на луѓето од ЛГБТ заедницата но и важна заложба на властите кон сите заедници, вели доктор Димири Даскалакис, заменик координатор на новокреираниот Тим за одговор на ширењето на мајмунски сипаници во Белата Куќа.

Друг пример како администрацијата на Бајден се надева да преземе поагресивни чекори за борба против мајмунските сипаници е да ја зголеми достапноста на вакцините. Иако вакцината на „Џинеос“ (Jynneos) ја нема во доволни количини, администрацијта на Бајден вели дека очекуваат повеќе дози да се достапни наскоро.

Мајмунските сипаници првпат во САД беа детектирани оваа година во средината на мај. Проширени се во 87 држави од светот, од кои во 80 историски никогаш ја немало болеста. Тие се пренесуваат од човек на човек со близок контакт со инфицирана кожа или неодамна инфицирани предмети како облека и постелнина. Голем број од случаите во САД кои се пријавени се добиени со сексуален контакт маж со маж, според Центарот за контрола и превенција на болести. Вакцините може да се користат за да се спречат мајмунските сипаници и пред и по изложување, но нема доволно достапни. До четвртокот администрацијата на Бајден ширум САД достави 600 илјади дози од вакцината против мајмунски сипаници на „Џинеос“ (Јynneos).

За разлика од ковид, мајмунските сипаници не се нова болест и не е толку пренослива болеста. Но, официјалните власти на САД се соочуваат со некои од истите проблеми во борбата со оваа болест како што имаа и на почетокот на пандемијата со ковид-19.

На пример, тестирањето во САД за мајмунски сипаници беше тешко на почетокот зашто лабораториите не беа доволно опремени. Денеска само 10 проценти од тестирачките капацитети на САД се користат, според директорот на Центарот за контрола и превенција на болести, доктор Рошел Валенски.

Според директорот на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус, идентификацијата на случаите на мајмунски сипаници со тестирање и следење на контактите е клучно за да се спречи ширењето во државите.

Имаме ширење низ светот рапидно, низ нови начини на трансмисија за кои знаеме многу малку. Поради овие причини решивме дека мајмунските сипаници се јавноздравствен итен случај кој загрижува интернационално, рече тој.

Тој претходно рече дека ширењето на мајмунските сипаници, предизвикува сериозна загриженост поради тоа што се шири рапидно во земји каде вирусот вообичаено го нема. Историски, мајмунските сипаници се шират во ниски нивоа во слабо населени места во западна и централна Африка, но според сегашната ситуација  84 проценти од случаите кои се пријавени ширум светот се во Европа, што е многу невообичаено.

Сите информации за мајмунските сипаници може да ги прочитате овде.

Во текот на целата пандемија со ковид-19 и процесот на вакцинација, антивакцинални кругови и кругови на теоретичари на заговори креваа паника и дезинформираа дека вирусот не постои, дека не е толку опасен, дека вакцините се штетни во обид да предизвикаат недоверба во здравствениот систем кој го ставија во контекст на биг фарма индустријата и светски заговор за контролирање на населението. Таквата ситуација сега продолжува и со мајмунските сипаници, за кои лажно се тврди дека се нуспојава од вакцините, или како во постот што го рецензираме – дека не станува збор за јавна здравствена опасност, наспроти тврдењата на експерти од СЗО дека тоа е така.

Во постот се прави обид бројот на над 6.600 заболени со мајмунски сипаници во САД во моментот кога се прогласени за јавноздравствена опасност, да се доведат во корелација со сатанизам, што е надвор од здраворазумската логика. Нејасно е како може ова сериозно заболување да се поврзе со сатанизмот и некаков заговор(?!), особено во ситуација кога бројот на заболени секојдневно расте и веќе надмина 7.500.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е лага дека мајмунските сипаници се јавна здравствена опасност.