Брз антигенски тест за ковид-19. Фото: Мета.мк

Во постот што го рецензираме се пропушта контекстот. Не е точно дека со брзите антигенски тестови масовно се загрозува здравјето и животот на населението. Тоа што ПЦР тестот постои, е само алатка за детекција на ковид-19, а не причинител на болеста. Иако е теоретски вистинито дека дел од вијалите содржат токсични супстанци, сепак, тоа не ги прави брзите антигенски тестови средство за убивање. Овие тестови се безбедни и ефикасни ако се користат правилно. Исто така, не е точно дека со тоа што децата биле тестирани тие биле изложени во животна опасност. Скринингот во училиштата е правен од медицински професионалци кои не го ни изложуваат детето на реагенсот, туку само го брцнуваат стапчето во носот, после што ги изведуваат останатите чекори во тестирањето без притоа учениците да имаат достап до тестот, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се вели дека ПЦР брзите тестови имаат висока токсичност. Понатаму во постот се поставуваат неколку прашања, меѓу кои и тоа дали тестираните се масовно труени, зошто се инсистирало на тестирање во училиштата и дали тестирањето во училиштата било за да се вакцинираат децата.

СВЕСНО ДА САКАШ ДА УБИВАШ ДЕЦА Е САТАНИЗАМ! Дали обвинителството кај нас ќе покрене истрага, за сите учесници во масовното загрозување на здравјето и животот на населението? ПЦР ТЕСТОТ Е КЛУЧОТ ЗА ОВАА КОВИД ИЗМАМА И УПОРНО ГО ТУРКААТ!?! ТЕШКО КРИВИЧНО ДЕЛО, А КРВНИЦИТЕ ОД СЕВЕРЏИСТАН НЕ ЗАНИМАВААТ СО ЛАГАТА ЕУ! НЕМА ПЦР ТЕСТ, НЕМА ПАНДЕМИЈА, се посочува во објавата.
Потоа се вели дека лабораториската анализа на течноста во склоп на антигенските тестови покажала дека таа е високо токсична.
Врз основа на приватно финансирани лабораториски тестови, сега може да се докаже дека брзите тестови содржат исклучително токсични материи кои се веќе ефикасни кога ќе дојдат во контакт со кожата. Бизнис сојузот „Ние-ЕМУ – за промоција на општеството и благосостојбата“ ги испитуваше тестовите во независни лаборатории и сега ги презентира шокантните резултати. Соодветните аспекти како што се токсичноста и правните прашања се објаснети од експерти. Во Австрија овие супстанции и придружните опасности не се декларирани на пакувањето или пакувањето, додека во странство проблемот е добро познат. Може да се претпостави дека бројни закони во областа на царината, заштитата на животната средина и кривичното право се прекршени, од увоз до употреба во училиштата и дневните простории, се вели во постот.
Секој брз антигенски тест за детекција на ковид-19 има стапче и реагенс (течност) кои се одвоени едно од друго. Точно е дека само во течноста (а не и на стапчето) од некои брзи антигенски тестови за детекција на ковид-19 има токсични супстанци. Меѓутоа, во постот што го рецензираме се пропушта контекстот кога не се објаснува дека овие токсични супстанци се опасни само ако тестот се употреби на погрешен начин, односно ако не се следи упатството за користење на производителот. Во училиштата во Северна Македонија каде беше спроведен скринингот за ковид-19, не е можно на децата да им било загрозено здравјето, како што се инсинуира во постот кој го рецензираме. Во училиштата тестирањето коешто беше само скрининг, го спроведуваа медицински лица обучени како да спроведуваат антигенски тестови.
Тестирањето трае помалку од една минута и истото е безболно и безбедно и е како секое земање брис од грло или носна шуплина, наведоа од Министерството за здравство во своето соопштение кое се однесуваше на ова тестирање на учениците во земјава.
Тестирањето со брзи антигенски тестови во основните и средните училишта во Република Северна Македонија беше спроведено во рамките на 80 училишта и 8.178 ученици беа опфатени во истото, со потпис и дозвола на своите родители. Во постот што го рецензираме, пак, се вели дека  „свесно да сакаш да убиваш деца е сатанизам“. Меѓутоа децата кои учествуваа во скринингот од него не пријавија никакви негативни ефекти, со оглед на тоа што тестирањето на безбеден начин беше спроведено од страна на медицински професионалци. Најважното за да не дојде до труење е да не се допре со кожата реагенсот бидејќи во него има две супстанци коишто може да бидат токсични.
Кога брзиот антигенски тест (инаку се купува и во аптека и е достапен на пазарот за секој да може да го набави), се користи во домашни услови, доколку не се прочита и следи упатството за користење, тогаш можно е труење и такви случаи веќе има, но не во алармантен обем. Реагенсот кој може да содржи супстанци стручно наречени проклин и натриум азид, треба да се користи на правилен начин, односно онака како што е пропишано во упатството за користење. Не треба да се вдишува, треба да се чува надвор од дофат на деца и да се одбегнува контакт со кожата и со очите. Ако се користи правилно, тогаш брзиот антигенски тест не претставува никакво загрозување на здравјето и животот на луѓето, како што невистинито се тврди во постот кој го рецензираме.
На 11 март 2022 година Агенцијата за јавно здравје на Канада, објави предупредување, откако примила пријави од центрите за контрола на труењата, поради ненамерно вдишување на реагенсот, или, пак, негов контакт со кожата.

Опасноста е поради хемикалиите содиум азид и проклин, коишто се наоѓаат во некои од течните реагенси, кои што може да бидат отровни доколку се проголтаат или апсорбираат низ кожата особено кај деца и животни. Мали дози на содиум азид може да предизвикаат крвниот притисок да се намали а поголеми дози може да предизвикаат посериозни здравствени ефекти. Проклин содржи хемикалии кои може да предизвикаат иритации на кожата и очите, како и алергиски реакции.

Но, канадските здравствени власти тврдат, дека кога се користи соодветно и правилно, тестот е безбеден.

Како се користи брзиот антигенски тест правилно?

Тој треба да се чува (реагенсот во тестот) надвор од дофат на деца и животни, да не се голта реагенсот и а да се одбегнува контакт со очите и кожата. Рацете треба да се измијат по употреба на тестот. Ако се случи реагенсот да се истури, тогаш треба местото добро да се измие со вода. Сите упатства за соодветно фрлање треба да се следат и да се пријават било какви несакани ефекти по здравјето. Исто така, во случај ненамерно да се голтне реагенсот, или ако дојде до директна изложеност на реагенсот со кожата, тогаш треба да се контактира лекар.

Дел од медиумите во февруари годинава објавиле дека имало 50 повици во центрите за контрола на труење во Канада, поради ненамерно изложување на одредени состојки во брзите антигенски тестови. Во упатството кое го издале, здравствените власти го потенцирале фактот дека тестовите се безбедни и ефективни кога се користат онака како што е наведено.

Тврдењето, пак, во постот, дека доколку би немало ПЦР тест би немало пандемија, е чиста невистина. Самата дијагностика на постоечки вирус е клучна за да се третира пациентот, да се изолира и да се спречи ширењето на болеста. Доколку се игнорира постоењето на ковид-19, тогаш би дошло до побрзо ширење на болеста со потешки последици. Ковид-19 не е измама, туку е болест предизвикана од коронавирусот. Што се однесува до вакцинацијата на децата против ковид 19, таа во Северна Македонија е доброволен процес кој мора да биде поддржан и писмено од страна на родителот.

Вистиномер дојде и до декларации на брзите антигенски тестови, на кои е експлицитно наведено дека содржат проклин и содиум азид, поради што треба правилно да се употребуваат. Токсикологот Маријан Амиршари објаснува дека брзите антигенски тестови вообичаено содржат стапче, вијала со течност во неа, капаче и картичка за тестирање. Иако процедурите варираат помеѓу различни брендови, најчесто процесот на тестирање вообичаено вклучува вметнување на стапчето во двете ноздрви. Потоа се меша примерокот на стапчето со состојките во вијалата. Ова генерира хемиска реакција која покажува позитивен или негативен резултат на тестот.

Важно е да се знае дека вијалата во многу од брзите антигенски тестови има хемикалија содиум азид како агент за презервирање. BinaxNow, BD Veritor, Flowflex, и Celltrion DiaTrust тестовите, сите ја содржат оваа хемикалија. Иако сега најчесто содиум азид се користи за презервација, содиум азидот, исто така, наоѓа примена во процесот на производство на пиво, вино и гума. Но, за среќа, количината на содиум азид во повеќето брзи антигенски тестови е многу помала отколку онаа за која се очекува дека труење ако се проголта од страна на возрасно лице. Некои луѓе може да згрешат и да ја помешаат вијалата со лекови и да ги аплицираат капките во очите или носот што може да предизвика иритација. Исто така, ако реагенсот стапи во контакт со кожата може да настанат хемиски изгореници.

Доколку постои сомнеж дека некое лице проголтало натриум азид, не треба да се тера лицето да поврати. За изложеност на очите треба да се исплакнат во времетраење од 15 до 20 минути под топла вода. За изложеност на кожата треба таа да се измие добро со вода, велат од организацијата Poison control.

Меѓу наведените вистински случки во коишто настанал проблем со брзите антигенски тестови за детекција на ковид поради погрешна употреба, e примерот со млад пар кој погрешно ги разбрал инструкциите од тестот и го ставиле реагенсот во носот заедно со стапчето. Тие се здобиле со блага иритација која што исчезнала со прскање спреј во носот. Во друг случај, жена направила грешка и помислила дека вијалата со реагенсот од ковид тестот ги содржи нејзините капки за очи и реагенсот го ставила во очите по што развила иритација, црвенило во очите кое се решило по миење на окото со вода. Во трет случај, мало количество на содиум азид дошло во контакт со кожата на жена која спроведувала брз антигенски тест, после што нејзиниот палец бил црвен и благо отечен Симптомите исчезнале после два часа. Тригодишно момче, пак, го зело тестот од полица и го ставило во уста. Неговата мајка се јавила во центарот за контрола на труења и му ја исплакнала устата. Момчето немало никакви симптоми.

Во сите овие погоре наведени случаи лицата кои некако дошле во контакт со реагенсот, го употребувале тестот неправилно и спротивно на упатствата за користење. Значи, реагенсот може да содржи токсични супстанци, ама не за да се отруе некој со нив туку за да послужат за детектирање.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека во постот што го рецензираме се пропушта контекстот. Не е точно дека со брзите антигенски тестови масовно се загрозува здравјето и животот на населението. Тоа што ПЦР тестот постои, е само алатка за детекција на ковид-19, а не причинител на истата. Иако е теоретски вистинито дека дел од вијалите содржат токсични супстанци, сепак тоа не ги прави брзите антигенски тестови средство за убивање. Овие тестови се безбедни и ефикасни ако се користат правилно. Исто така, не е точно дека со тоа што децата биле тестирани тие биле изложени во животна опасност. Скринингот во училиштата е правен од медицински професионалци кои не го ни изложуваат детето на реагенсот, туку само го брцнуваат стапчето во носот, после што ги изведуваат останатите чекори во тестирањето без притоа учениците да имаат достап до тестот.