fbpx

Пропаганда за украинските деца депортирани во Русија одекна од европратеникот Де Грааф

Од почетокот на воената инвазија, руските власти намерно ги отстрануваат децата од Украина со намера да ги свртат против нивната татковина, пишува Њујорк Тајмс. На ова се додаваат уште два пропагандни столбови кои имаат за цел да ја оправдаат руската агресија со лагите дека Украина е добавувач на деца и дека во Украина тие имаат лошо воспитание

-

Наспроти изнесеното во неговиот говор, украинските деца се депортирани во Русија и Комитетот на ОН ја обвинува за злоупотреба на правата на украинските деца. Од почетокот на воената инвазија, руските власти намерно ги отстрануваат децата од Украина со намера да ги свртат против нивната татковина, пишува Њујорк Тајмс. На ова се додаваат уште два пропагандни столбови кои имаат за цел да ја оправдаат руската агресија со лагите дека Украина е добавувач на деца и дека во Украина тие имаат лошо воспитание. Сите овие дезинформаторски и пропагандни наративи, Русија веќе ги има споделено многупати преку свои политичари, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал каде пратеникот од Европскиот парламент, Марсел де Грааф кој е познат како експонат на руската пропаганда изнесува неколку невистини. Во видеоматеријалот тој тврди дека не се точни извештаите дека украинските деца се депортирани во Русија, туку дека Русија ги спасува бегалците од Украина кои се бомбардирани од украинската армија“. Од говорницата де Грааф изјавува и дека:

Украина е најголем добавувач на деца за педофилски мрежи, трговија со луѓе и трговија со органи и дека има мајки специјално задолжени за оваа намена.

Завршува со тоа што вели дека:

Во Русија децата добиваат традиционално воспитание и образование а на Западот, тие добиваат трансродова индоктринација, блокатори на хормони и осакатување на половите органи.

Наспроти изнесеното во неговиот говор, украинските деца се депортирани во Русија и Комитетот на ОН ја обвинува Русија за злоупотреба на правата на украинските деца.

Од почетокот на воената инвазија, руските власти намерно ги отстрануваат децата од Украина со намера да ги свртат против нивната татковина Украина, пишува Њујорк Тајмс.

Во својата емотивна репортажа Њујорк Тајмс интервјуира токму дел од децата кои биле присилно разделени од мајките откако биле фатени од руската армија. Во друга репортажа се открива дека дел од мајките успеале со маки повторно да ги добијат назад децата затоа што отишле да ги земат. Американската амбасада во Грузија објаснува за овој феномен на присилно отселување на децата и разделување од нивните семејства од Украина и носење во Русија:

Руските кампови за „реедукација“ држат илјадници украински деца. Русија раздели илјадници украински деца од нивните семејства и ги однесе во кампови и установи каде се изложени на русо-центрична настава. Многу од нив уште се исчезнати. Повеќе од 6 илјади деца од Украина на возраст меѓу 4 месеци и 17 години се носат во центри дизајнирани за да ги престорат во „граѓани на Русија“ после руската инвазија во 2022 година, според истражувачката лабораторија на Јејл. Камповите се широкораспространети во Крим окупиран од Русија, па се до источниот дел на Русија. Многу деца се евентуално вратени кај родителите но други се држат со месеци во овие кампови, пишува на сајтот на Амбасадата на САД.

Украинските власти проценија дека повеќе од 14 илјади деца од Украина се пратени во Русија, но бројката може да е реално многу поголема.

Истражувачи кои користеа сателитски снимки и јавни информации како објави на социјалните мрежи идентификуваа кампови каде има деца од Украина. Според извештајот од амбасадата на САД во Грузија, Русија оперира со мрежа од барем 43 вакви објекти, украинските деца се во згрижувачки семејства во Русија, некои од нив се посвоени, дадено им е руско државјанство и пасош и негирано им е нивното украинско државјанство.

Медиумот Вајс со своето храбро новинарство, успеа и да ги сними овие кампови.

Некои деца се присилени да влезат во проруски образовни програми. На некои им е даден тренинг за воена обука, а високи лица од руската влада се вклучени во планирањето, начинот на функционирањето на камповите и планирањето како да се спречи овие деца да се вратат во Украина, пишува во извештајот.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека во извештајот има детали за руската широка програма да се земат украинските деца од нивните семејства, да се релоцираат преку границата и да се реобразуваат да бидат про-руски ориентирани.

Овие постапки мора да престанат рече тој. 

Во извештајот има 32 лоцирани кампа наречени „програми за интеграција“ кои ги индоктринираат украинските деца во руската историја и пропаганда, како и јазик и култура.

Изјавите на Де Грааф кои се дел од објавата што ја рецензираме, предизвикаа згрозеност кај дел од неговите колеги кои побараа да се испита и истражи зошто де Грааф шири лаги и проруска пропаганда во своите говори. Tој јавно ги декларира своите надежи дека Украина ќе загуби. Груба манипулација и спин е изнесеното дека Украина ги бомбардира своите деца, а Русија ги спасува. Воената инвазија беше почната од страна на Русија, сосема неиспровоцирано така што агресорот е Русија, а Украина се брани. 

Пропагандата на де Грааф дека Украина е најголем добавувач на деца за педофилски мрежи, трговија со луѓе и трговија со органи и дека има мајки специјално задолжени за оваа намена“, е стара.

Како што пишуваат проверувачите на факти на „Ју Ес Еј Тудеј“ експертите не ја рангираат Украина на врвот на најлоши земји за трговија со луѓе. Според рецензијата, најнов извештај од 2021 година ја рангира Украина во втората група во друштво на земји како Данска, Германија и Јапонија. Дополнително руската инвазија може само да послужи да ја влоши трговијата во овој регион според извештај на Уницеф. Трговците со луѓе е познато дека го искористуваат хаосот и миграцијата, а УНИЦЕФ, исто така, го става акцентот на значителниот број на деца без придружба кои бегаат од Украина.

Како што претходно пишуваше Вистиномер, Украина е една од најдобро регулираните земји со закони за сурогат мајчинство.

На официјалниот сајт на клиниката Био Текс, има формулар каде жените доброволно може да проверат дали ги исполнуваат условите за да станат сурогат мајки. Тоа не е нешто на кое некој ги принудува, туку освен фактот што мора да е доброволен избор, исто така мора да исполнат и други услови. Така што, не станува збор за никаква илегална активност, за некаква трговија со деца, со оглед на тоа што децата им се даваат на фамилии кои се во брак, од друга држава кои имаат добри услови за живот, ама немаат можност да имаат потомство. Но, ова повторно не е поврзано со руската воена инвазија врз Украина која комплетно го влоши животот на сите Украинци.

Имаше и претходни невистини коишто ги рецензираше Вистиномер, односно пропаганда дека „исчезнатите деца од Украина се користат за трговија со органи“. На вакви начини руската пропаганда преку своите експонати се обидува да ја оправда својата агресија и девастирачките последици кои таа ги остава и за децата и за возрасните во Украина.

Третиот столб на пропагандниот говор на де Грааф е тоа дека наводно „во Русија децата добиваат традиционално воспитание и образование а на Западот, тие добиваат трансродова индоктринација, блокатори на хормони и осакатување на половите органи“. Ваквата пропаганда е прилично препознатлива и веќе за неа сме пишувале.

Таа почива на стојалиштето кое е лажно, дека Русија е за бракот, семејството и традиционалните вредности, а Западот е наводно за уништување на семејството и на семејните вредности, како и нивна трансродовост, што е лага.

Русија сака да се наметне и да се претстави како главен светски бранител на традиционалното и религиското, а тоа можеше да се забележи и во говорот на Путин на два дена пред годишнината од руската агресија, кој уште еднаш нагласи дека ова е „војна за заштита на нашите деца од деградација и дегенерација“. Вистиномер веќе пишуваше за главните дезинфо-наративи во неговото обраќање пред руската и светска јавност.

Наративите за дезинформации засновани на вредности обично се фокусираат на загрозени концепти како „традиција“, „пристојност“ и „здрав разум“ – термини кои имаат позитивна конотација, но ретко се јасно дефинирани. За разлика од западната концепција за вредности, која ги фаворизира индивидуалните права на личен интегритет, безбедност и слобода на изразување, рускиот вредносен систем инкорпорира и збир на колективни норми со кои се очекува секој поединец да се усогласи.

И Стејт департментот, во својата анализа за „Топ пет најупорни дезинформациски наративи во Русија“, пишува дека Русија го турка лажното тврдење дека „западната цивилизација е во колапс и дека се оддалечила од ‘традиционалните вредности’, затоа што работи на обезбедување безбедност и еднаквост на ЛГБТКИ+ луѓето и промовира концепти како женска еднаквост и мултикултурализам“.

Пропаста на западната цивилизација е една од најстарите дезинформации во Русија, со тврдењата дека „западот е во распаѓање“ документирани уште од 19 век. Овој дезинформациски наратив заснован на „вредности“ евоцира лошо дефинирани концепти, вклучувајќи „традиција“, „семејни вредности“ и „духовност“. Русија тврди дека е бастион на таканаречените „традиционални вредности“ и родови улоги и служи како морална противтежа на „декаденцијата“ на САД и западните земји. На пример, претседателот Путин тврди дека Западот практично ги откажал концептите „мајка“ и „татко“ и наместо тоа ги заменил со „родител 1 и 2“, додека министерот за надворешни работи Лавров напиша дека западните ученици „учат на училиште дека Исус Христос бил бисексуалец“, пишува Стејт департментот.

Наративот за „загрозените вредности“ обично се користи за да ги оспори западните ставови за правата на жените, етничките и верските малцинства и ЛГБТКИ+ групите. Про-Кремљ експертите често го исмеваат наводниот западен „морален распад“ или „развратен став, а спротивно на тоа, Русија и православното христијанство се издвојуваат како вистински бранители на традиционалните вредности.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Матура ќе се полага вo училишни холови, за да не се случи тестаторот да го нема, а учениците да прават селфи

Oколу 600 матуранти од средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ викендов полагаа пробна државна матура. Тие пишуваа есеј кој е задолжителен дел од испитот по мајчин јазик, а импровизираното полагање...