fbpx

Психотерапевтката Зибери-Имери: Општините во Полог да преземат мерки за создавање специјализирани служби за жените жртви на насилство

-

Жените жртви на семејно и родово насилство во Полошкиот регион немаат засолниште каде што ќе можат да се засолнат. Од осумте плански региони, овој регион е единствениот во Северна Македонија кој нема вакви засолништа. Исто така има и недостаток и на други специјализирани служби. До сега институциите, и централните и локалните, не направиле доволно на овој план.

За да се запознаеме подобро со овој проблем, Порталб.мк направи интервју со психотерапевтката Небахате Зибери – Имери, од советувалиштето Центар за поддршка на жените отворен од Националната мрежа против семејно насилство во соработка со Центарот „Кортекс“ од Тетово, каде што жените жртви на семејно насилство добиваат бесплатни услуги.

Како психотерапевтка која работи со жртви на семејно насилство, што мислите за недостатокот на засолниште за жени жртви на семејно и родово насилство во Полошкиот регион?

Ова е една многу потребна, но малку дискутирана тема. Потребата е неспорна бидејќи Полог е единствениот регион во кој нема голем број на специјализирани служби, а посебно засолништа, кои се неизбежна потреба на времето во кое живееме. Во нашето советувалиште бројот на жени и деца кои добиваат специјализирани услуги е доста голем и за жал кога има потреба да ги засолниме во случај на загрозување на нивните животи од насилникот, ние мора да ги пренесеме во еден град од Источна Македонија, во Скопје или во било кое друго место каде што има слободни места. За да се отвори едно засолниште нејзиниот капацитет треба да се пресмета врз основа на вкупниот број на жители, а во Полошкиот регион има околу 300 илјади жители и заслужува засолниште и треба да има најмалку четири советувалишта и еден кризен центар. За жал, нема ништо од ова, освен нашето советувалиште и советувалиштето кое е под Министерството за труд и социјалната политика.

Колкава потреба има овој регион за едно такво засолниште?

Потребата е неопислива. Овој регион има итна потреба за едно засолниште каде што ќе можат да се згрижуваат жените жртви на насилство и чии животи се во опасност. Пренесувањето на тие жени во друг регион нам ни одзема многу време и труд, затоа што мора да контактираме со професионалците или властите кои ги организираат или управуваат со засолништата во Струмица, Скопје или Прилеп. Имаме проблем затоа што ако нема слободно место, ние пак мора да ги сместиме некаде. Ако Полошкиот регион и надлежните институции, а особено градоначалниците на општините од целиот Полошки регион, покажеа барем малку интерес за оваа појава, Полошкиот регион немаше да биде во ваква лоша ситуација. Жените жртви на семејно насилство ја немаат потребната институционална поддршка.

Колкава е заинтересираноста на властите, поконкретно на општините за работа во оваа насока?

Минимална, да не кажам никаква.

Во последно време вие сте направиле и една анализа на фактичката состојба на терен во Полошкиот регион. Какви се резултатите од таа анализа?

За жал, резултатите се многу лоши, бидејќи во Полошкиот регион советувалиште има само во Тетово, ова тука, кое е поддржано од Националната мрежа против семејно насилство и во соработка со Кортекс најдоа начин да продолжат со проектите. Другото советувалиште е во рамките на Министерството за труд и социјална политика.

За жал има и други големи општини, како што е Гостивар и други општини, кои немаат засолниште. Тука немаме С.О.С. линија, немаме бесплатна правна помош, не постои служба за жените кои се жртви. Значи, постои само ова советувалиште кое ги исполнува минимално европските стандарди за да се нарече советувалиште.

Ние имаме одлична соработка со Центарот за труд и социјална политика, тие ги упатуваат жените кај нас за да добијат специјализирани услуги, затоа што со нив не може да работи било кој. За да се стигне до тука треба да се поминат најмалку 100 часа специјална обука за работа со ова сензитивна појава.

Колку се неопходни центрите како што е Кортекс, и бидејќи се поддржани од донатори, каков е нивниот ефект?

Кога знаеме дека се работи само за проект, знаеме дека времетраењето е со определен временски рок. За жал, по јануари 2023 година, ако не најдеме донатори кои ќе покажат интерес за продолжување на стабилноста на овој центар, овие жени кои добиваат специјализирани услуги нема да можат да продолжат да ги добиваат истите, бидејќи надлежните институции, како општините од Полошкиот регион, не покажале интерес да издвојат буџет за оваа категорија во нивниот социјален план, а исто така во тие социјални планови не се ни назначени како посебна категорија и освен општина Гостивар и Тетово другите општини воопшто немаат социјален план.

Што покажуваат другите податоци, каква е бројката на случаи на семејно насилство во овој регион?

Во периодот од 2020 до 2021 година регистрирани се 105 случаи, од кои 80 жртви биле жени, а 85 мажи сторители на делата. 90% од овие жени биле малтретирани од нивните партнери или поранешни партнери. Овој факт ни покажува колку е зголемен бројот на жени жртви на насилство по пандемијата.

Во 2020 година во СВР Тетово регистрирани се 96 кривични дела на семејно насилство, од кои 74 во општина Гостивар. 91 е бројот на сторители од машки род. Ова повторно ни дава силен аргумент да основаме и тука да постои засолниште за жени жртви на насилство и за нивните деца.

Според нашите сознанија овде во Тетово постои и референтен центар за сексуално насилство кој постои во рамките на гинеколошкото одделение во тетовската болница.  Како функционира и колку долго ќе продолжи со работа е под знак прашалник и останува да се види.

Кои се најчестите случаи на насилство регистрирани кај жртвите кои ви се обраќаат за помош и на која возрасна група и припаѓаат жртвите што доаѓаат кај вас?

Среќаваме различни видови на насилство, случаите се најразновидни. Најчести се случаите кога поради физичко насилство се загрозува физичкото здравје на жената. Многу ретко тие пријавуваат психичко насилство, некогаш можеби и не го препознаваат, но сепак го доживуваат.

Имаме корисници на услуги кои доживеале различни видови на насилство, почнувајќи од сексуална злоупотреба, сексуално вознемирување, физичко насилство, психичко насилство, економско насилство, значи најразновидни случаи. Имаме и сложени случаи за кои ни требаше подолго време за работа, имајќи предвид дека кај нас сеуште е присутен тој патријархален менталитет. Уште поголем проблем е да ги вратиме жртвите кај нивните семејства или да ја најдеме заслужената поддршка за тие жени да можат да продолжат со својот живот, да постигнат реинтеграција и да го продолжат својот живот без насилство. Секој поединец ги заслужува сите човекови права, секоја жена е рамноправна и заслужува живот без насилство.

На која возрасна група спаѓаат жртвите кои доаѓаат кај вас?

Нашите услуги ги користат и малолетници кои биле изложени на различни видови на насилства. Со други зборови, овде во РСМ или во Тетово насилството е присутно уште од мали нозе, па сè до пубертет и после тоа.

Како постапувате со децата кои се жртви, какви знаци манифестираат и колку е тешко да се работи со нив?

Болката за тоа што им се случило е доста голема. Ние даваме сè од себе за сите наши клиенти, но кога се работи за деца ангажираме стручен психолог за да им помогне да го надминат процесот на траума што е можно побрзо, да се освестат, да можат да живеат без страв и да можат да имаат доверба во другите, бидејќи ним им е тешко да создадат сигурни односи и анксиозноста е постојан елемент во нивниот живот. Имавме случаи и продолжуваме да работиме, гледаме дека напредуваме кога по 7 месеци интензивна работа на лицата на децата гледаме насмевка, по тој почетокот кога се доста емотивно замрзнати и личат на роботи. Кога ќе забележиме дека покажуваат емотивни знаци и желба за контакт со другите, тоа е она зелено светло кое ни кажува дека се враќаме во нормала.

Какви се последиците од истото насилство врз децата во споредба со жените? 

Секој поединец различно го доживува насилството. Кога доживувате траума, самиот нервен систем има три начини на заштита или реакции: лет, борба или затварање во себе. Ова не им се случува само на луѓето, туку и на животните. Човек бега и се крие и не ја прифаќа реалноста. Децата најчесто се затвараат во себе или манифестираат алармантна агресија што претставува аларм кај родителите дека на нивното дете му се случува нешто страшно. Или почнуваат да користат вулгарен јазик, нешто што не го правеле претходно, почнуваат да го менуваат своето однесување, да мократ навечер, да цртаат гениталии, што е знак плус дека детето доживеало нешто страшно, а другите не ги интересира. Со тие знаци, тие гестови, детето им дава знак на родителите дека има потреба за нив. Почнува често да поставува прашања за смртта, да зборува за луѓето како сите да се лоши, почнува да обвинува за нешто внатрешно што го мачи и не знае како да им објасни. Детето не знае да каже што му направил некој. Родителите се тие што треба да ги анализираат промените во нивното однесување, мисли, емоции и вокабулар.

Што е со последиците со кои се соочуваат жените жртви на насилство, какви се ефектите?

Последиците се најразлични, преминувајќи кон анксиозност, депресија, растројство на личноста. Честопати има обиди за самоубиство, понекогаш дури и завршуваат на психијатрија поради психоза, па и шизофренија.

Која е вашата порака/повик до властите и што тие треба да направат за да се спречи насилството врз жените и децата?

Неколку пати, ако не и десетици пати, преку медиумите сум пренела порака до надлежните, но пак ќе го повторам истото. Потребно е да се издвои буџет со цел стабилноста на ова советувалиште да биде долгорочна и овие жени да можат да ги користат нашите услуги кои се бесплатни. Дефинитивно мора да одвојат буџет, бидејќи со измените на новиот закон и општините се должни да одвојат буџет за оваа чувствителна социјална категорија. Затоа ги молам сите градоначалници на општините на Полог, иако бевме на средбата и запознаени се со ова барање, сега е најдобриот момент да се освестат и сензибилизираат за оваа појава која не е само во нашата имагинација, овие жени постојат, овие жени доаѓаат овде и добиваат услуги и овие жени имаат право како и сите жени да го живеат својот живот среќно и без насилство. Барам од властите да преземат мерки за да можеме да имаме специјализирани служби во Полошкиот регион, како што имаат сите други региони во Северна Македонија.

Новинар: Фисник Џелили

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила за Северна Македонија

Донација составена од седумдесет и шест моторни возила од Кралството Норвешка, официјално беше предадена на Армијата на Република Северна Македонија на пригодна церемонија која се одржа во касарната Илинден...