Даниловски: Не ми е јасен отпорот на родителите за земање брис на нивните деца

Проф. д-р Драган Даниловски | Фото: Лична архива

Од скринингот во училиштата кој го прави Министерството за здравство може да се има полза само ако се има увид во состојбата во тек на време, односно тестирања треба да се прават еднаш неделно, смета епидемиолог проф. д-р Драган Даниловски откако надлежните почнаа да прибираат согласности од родители на деца кои треба да бидат тестирани за ковид-19.

Според професорот, не е доволно да се тестира по само едно дете во одделение и ова што сега се прави би ја покажало само моменталната ситуација. Даниловски исто така смета дека веродостојноста на антигенските тестови, кои се предвидени да се прават кај учениците, не е на високо ниво.

„Точноста им е 50 – 60 проценти. Но, кај масовни тестирања и тоа значи нешто, зашто ќе се идентификуваат 50-60 отсто од асимптоматските случаи, што е редукција на ризиците за толку проценти“, вели Даниловски и додава „и тоа е подобро отколку ништо“.

Како што потенцира професорот, скрининг преку репрезентативен примерок дава само увид во моменталната ситуација со раширеноста на асимптоматските инфекции. Според него, тоа е еден вид моментален пресек на состојбата. Но, потенцира тој, еднократен скрининг не е противепидемиска мерка.

„Од скринингот може да се има полза само ако имаме увид во состојбата во тек на време. Значи, треба тестирања да се прават најмалку еднаш неделно, оптимално два пати“, смета Даниловски.

На прашањето дали е доволно тестирање само на едно дете во одделение тој одговара потврдно под услов ако тоа се прави редовно во тек на одредено време. „И ако при најден позитивен тест кај еден ученик, се изолира цело одделение“, вели епидемиологот.

Според него, идеално би било редовно да се тестираат сите 240.000 ученици. Тој го посочува примерот со Германија, каде тестовите на учениците им ги прават родителите дома, пред тргнување на училиште. „Ако детето е позитивно, си го задржуваат дома и го информираат одговорниот наставник. Имаме и кај нас сосема идентичен пример, во едно од приватните училишта во Скопје. Така цврсто се држи ситуацијата под контрола“, додава Даниловски.

Професорот вели дека не му е јасен отпорот и недовербата кај дел од родителите, за постапка која е токму во полза на што поголема безбедност на нивните деца.

„Зарем прават проблем ако матичниот доктор пропише дека треба да се земе брис од нос и грло кога детето има ангина?“, прашува тој додавајќи дека ова не се брисеви што се користат за ПЦР тестови, кои се непријатни за земање.

„Конечно, нели сите сакаа настава во живо? Во услови на пандемија, наставата во живо бара и примена на одредени мерки на безбедност – како што се брисевите, маските, проветрувањето на училниците“, потенцира епидемиологот Даниловски.

Според него, друга опција би била да се тестираат само оние ученици кои ќе пројават симптоми, затоа што во тој случај би се разграничило што е ковид, а што настинка.

Од Министерството за здравство за Мета велат дека тестирањето трае помалку од една минута и дека истото е безболно и безбедно.

„Тоа е како и секое земање брис од грло или носна шуплина. Станува збор за превентивното тестирање, базирано на методологија, со цел да се добијат релевантни податоци за трансмисијата на ковид-19 низ училиштата, како и да се утврдат асимптоматски случаи кај учениците и средношколците. По изготвените анализи и добиени резултати ќе се разговара за евентуални нови чекори“, велат од министерството.