Не постои ковид „пландемија“ за контрола на луѓето преку 5Г мрежата

За ПЦР тестот во текот на пандемијата имаше секакви невистини, меѓу кои и тоа дека е „радиоактивен“

Фото: Photo by Mufid Majnun on Unsplash

Објава шири дезинформации дека ковид пандемијата била „пландемија“, односно план за контрола на луѓето преку 5Г мрежата. Ковид и 5Г мрежата не се поврзани, ниту пак, со нив се контролираат луѓето. Мета на оваа теорија на заговор се и ПЦР тестовите, за нив невистинито се тврди дека се правени за да се собере база на податоци од луѓе за да тие бидат контролирани. ПЦР тестот се користи само за да се утврди дали тестираниот е заболен од коронавирус и за ниедна друга намена, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

ВИСТИНАТА ЌЕ ВЕ ОСЛОБОДИ!
Четири години подоцна, се откри вистинската позадина зад пландемијата наречена К-19!
Д-р Невена Станчева од Бугарија зборува за тоа, како преку 5G мрежата може да се контролира ДНК резонантната честота, со што луѓето можат да бидат управувани оддалеку!
Низ дискусијата помеѓу водителот и д-р Станчева, се разговара за начинот на кој преку неодамнешната К-19 пандемија се собрани значајни био-податоци за секој човек, кои можат да бидат злоупотребени за контрола на човештвото. Д-р Станчева сите овие научни изрази како Биофотон, Биофонон, итн. ги доведува во контекст на потврдување на запишаното во Светото Писмо, во однос на нашиот постанок и за тоа, кои сме во Христа.

Во линкот којшто се споделува во склоп на објавата, се наведува дека преку ПЦР тестовите „се собрани витални информации“ кои понатаму „се користат за да се спроведе следење, контрола и управување на луѓето“ и дека „со ковид тестовите се презема резонантната фреквенција на ДНК и се пренесува како податок од највисоката вредност што ги содржи личните податоци за ДНК вибрациите“.

Тоа, според објавата, е „воена технологија за масовна контрола што се применува една деценија“, исто така се наведува дека „во ЕУ, Кина, САД и Русија има дигитални концентрациони кампови каде се чуваат хакирани био-податоци од други нации“. Се посочува и дека „истрага во САД потврдила дека Кина ја украла ДНК фреквенцијата на Американците“, а дека „слично сценарио било откриено и во Русија по што Русија издала декрет за биобезбедност и хемиска безбедност на населението“. Наводно преку фреквенцијата на ДНК можело да се контролира целото население.

Да запомниме дека ДНК резонантната фреквенција е највисок личен податок, кој како нација треба да си го чуваме безбеден! ДНК резонантната фреквенција е нашиот единствен Божествен Код и никој нема право да го контролира, манипулира или искористува на било кој начин!, се вели во текстот во склоп на објавата.

Теоријата на заговор дека преку 5Г мрежата се контролираат луѓето, е стара. Како што пишува „Радио Слободна Европа“, уште во мај 2020, неа ја заговарале дури и челници на религиозни групи.

Кога се појави глобалната пандемија со ковид-19 на почетокот на 2020 година, бројни неосновани теории на заговор се обидоа да го поврзат вирусот со 5Г технологијата. Некои тврдеа дека 5Г зрачењето го ослабнува имунолошкиот систем и ги остава луѓето ранливи на ковид. Други отидоа подалеку и тврдеа дека вирусот се пренесува преку 5Г сигнали. Некои, како Православната црква во Молдавија, тврдеа дека 5Г технологијата и евентуалната вакцина против коронавирус се дел од масовен заговор за контрола на умот, пишуваше тогаш „Радио Слободна Европа“.

Оттаму додаваат дека вакви дезинформации, всушност се „инфодемија за коронавирусот“, се шират како оган, па СЗО имаше и кампања за едукација.

Професорот по инженеринг и радиологија на Њујорк Универзитетот, Теодор Рапапортво интервју за Ју Ес Еј Тудеј изјави дека луѓето треба да се позагрижени да ставаат крема со заштитен фактор против сончеви УВ зраци, отколку за 5Г мрежата и нивните мобилни телефони.

Важно е луѓето да сфатат дека ултравиолетовите зраци од сонцето се со илјадници пати повисока фреквенција отколку 5Г, рече тој.

Интернационалната комисија за заштита од радијација објави дека тврдењето дека 5Г мрежата може да предизвика ковид-19 и да ги засили неговите симптоми, не е научно докажано, дури ни со најслаби докази и дека таквото тврдење не е возможно.

Изложеноста на 5Г уреди не предизвикува ковид-19 ниту пак има било какво влијание на процесот на развој на болеста, ниту на исходот од истата. Како што напомена СЗО, треба да се дојде во физички контакт со коронавирусот за да станете инфицирани, а 5Г не може да биде носител на вируси, ниту пак, може да ве доведе до контакт со истите, напишаа оттаму во официјално соопштение.

Проверувачите на факти на Политифакт пишуваат дека и во региони со мала изложеност на 5Г, сепак се случуваат инфекции со коронавирусот.

Во објавата што ја рецензираме пандемијата против ковид-19, конспиративно се нарекува „пландемија“, со што исто како и додека таа траеше, се тврди дека станува збор за план, односно дека на некој начин оваа пандемија била планирана, што не е точно. Овој веќе познат и широко распространет термин кој го користат антивакциналните движења, го шири наративот за некаков крајно непрецизен „план” за да се затворат граѓаните, да им се одземат слободите, да се контролираат, но и „да се измамат за да веруваат во непостоечка пандемија“.

Наспроти оваа манипулација, болниците и дневните статистики на Министерството за здравство покажуваа поинаква слика. Додека антиваксерите во Македонија протестираа, се случуваше дневно од ковид да починат и по 40 луѓе!  Вирусот е докажан и изолиран.

Ковид пандемијата не беше испланирана и наспроти антиваксерските тврдења на Невена Станчева (спомената во објавата), луѓето не може да се контролираат оддалеку преку 5Г мрежата и преку нивната ДНК.

Со ПЦР тестирање не се доаѓа до никаков највисок личен податок, ниту пак, некаков „божествен код“ туку се зема примерок од носот со пластично стапче со памучен врв и потоа се детектира дали во примерокот има присуство на коронавирусот. Овие податоци од земените ПЦР тестови не се чуваат, ниту пак ,некаде се прави база од нив за некои скриени цели за контрола. Нема докази дека тестот е користен за да се идентификува индивидуалната ДНК на лице.

Иако анализите користени во тестот, можат да детектираат човечки генетски материјал, тоа е само за да се осигураме дека тестот функционира. Тој не дава таква ДНК информација каква што се користи во форензичките испитувања, вели доктор Тања Нолан, молекуларен биолог и експерт за ПЦР тестирање.

Таа додава дека ничија ДНК не се зачувува кога се тестираат против ковид.

Замислете колку вработени на местата за тестирање и лабораториите ширум земјата би требало да бидат инволвирани во ваков таен план да се злоупотреби системот за тестирање, без да го издадат, пишуваат странски проверувачи на факти кои тврдат дека теоријата за ДНК собрана од ковид тестови е бесмислена.

Како што пишуваат проверувачите на факти на „Политифакт“, не се собира ДНК од тестирањето со ПЦР тест за ковид.

Човечките гени не се копирани или секвенционирани со ПЦР тест. Крајниот резултат е само дел од гените на ковид-19, кој им дозволува на научниците да откријат која варијанта е во примерокот што е земен со тестот, вели за „Политифакт“ Синди Принс професорка по епидемиологија на Универзитетот во Флорида.

За ПЦР тестот во текот на пандемијата имаше секакви невистини, меѓу кои и тоа дека е „радиоактивен“.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина. Станува збор за теорија на заговор која содржи мноштво нелогичности и за која нема никакви докази.