Мицкоски: СДСМ и Заев избегаа од избори, но народот ќе ги порази


Скопје, 13 февруари, 2019 - 9:54 (META) 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по одлуката на СДСМ да не распише вонредни парламентарни избори, порача дека Зоран Заев и СДСМ избегале од избори, ама дека нема да избегаат од волјата на народот.

„СДСМ е во страв и хаос. Многу брзо ќе се соочат со вистината на сопствениот неуспех. Колку и да бегаш Заев ќе те победам на парламентарни избори, затоа што народот ќе ве порази, ќе ја вратиме честитоста на нашата земја, Македонија ќе победи“, напиша Мицкоски на неговиот „Фејсбук“ профил.

ВМРО-ДПМНЕ бараше предвремени парламентарни избори да се одржат заедно со претстојните претседателски избори оваа пролет.

Синоќа Извршниот одбор на владејачката СДСМ одлучи да нема предвремени парламентарни избори, бидејќи граѓаните очекуваат спроведување на реформи.

-Веќе сме дел од НАТО, очекуваме датум за преговори со Европската Унија и реализирање на потребните реформи. Одговорна партија, одговорна власт, не би ја загрозила таа шансата, не би го загрозила датумот за преговори во Европската Унија со предвремени избори и стопирање на реформите – рече партискиот портпарол Костадин Костадинов.


СДСМ: Ѓорчев е првиот кандидат кој обелодени дека сака да застане до Мицкоски, против ЕУ и НАТО


Скопје, 23 јануари, 2019 - 14:57 (META) 

Владимир Ѓорчев е првиот кандидат кој јавно обелодени дека сака да застане рамо до рамо со Христијан Мицкоски, против ЕУ и НАТО, да тргне по антизападните стапки на Груевски и Иванов, се вели во реакцијата на СДСМ за можниот кандидат за претседател од ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев.

„Повеќе од 20 години Ѓорчев е дел од ВМРО-ДПМНЕ. Повеќе од 20 години Ѓорчев ги премолчува сите криминални и погубни политики на неговата партија. Со години молчеше за криминалите на Груевски, денес молчи за антидржавното и антизападното однесување на неговиот шеф, Мицкоски. Можеби Јанко Бачев ќе биде еден од кандидатите? На Македонија и нејзините граѓани не и е потребна уште една антизападна марионета на Никола Груевски и Христијан Мицкоски, не им е потребен уште еден партиски полтрон кој наместо интересите на државата ќе сее омраза и поделби заради одбрана на злоделата и криминалите на ВМРО-ДПМНЕ.Граѓаните ќе изберат вистински претседател кој ќе ги штити нивните интереси и застане со прогресивните, демократски сили во земјава, за обезбедување на иднината, за напредок, за полноправно членство на Македонија во ЕУ и НАТО“, се вели во реакцијата на СДСМ.


Мицкоски: По атентатот врз Македонија, со коалицијата ќе поднесеме пријави и претставки


Скопје, 18 јануари, 2019 - 9:39 (META) 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски синоќа, по средбата со претседателите на партиите од коалицијата „За подобра Македонија“ порача дека добил поддршка за поднесување кривични пријави  и уставни претставки донесувањето на уставните измени и за објавувањето на Законот за јазиците во Службен весник. Toj посочи дека и останатите лидери се согласил со оценката претходно искажана од ВМРО-ДПМНЕ, дека со овие работи е практично извршен атентат на Македонија.

Лидерот на опозицијата се осврна и на заминувањето на одмор во странство на премиерот Зоран Заев само еден ден по изгласувањето на уставните измени со кои се менува името на државата.

– Третиот сегмент кој што исто така беше разговаран денеска е лошата актуелна и политичка состојба во државата, односно отсуството на реформи, оној блеферски настап на премиерот ден после донесување на уставните измени во саботата ден пред практично да замине на зимување каде што повторно видовме во најава пусти желби и блефирање од страна на премиерот кои што се далеку од реалноста, и далеку од можностите и на оваа влада но и далеку од капацитетите на луѓето кои што соработуваат со Зоран Заев – рече Мицкоски, нагласувајќи дека опозицијата останува на барањето да се одржат предвремени избори за да се добие реална оценка на политичките сили.


Мицкоски побара вонредни парламентарни избори заедно со претседателските


Скопје, 11 јануари, 2019 - 20:43 (META) 

Во првата изјава по усвојувањето на измените на Уставот во Собранието со 81 глас „за“, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, побара распуштање на Собранието и одржување на вонредни парламентарни избори заедно со претседателските избори.

Мицкоски рече дека не ја поддржува промената на Уставот за промена на уставното име и дека со договорот од Преспа се нанесува огромна штета и неправда.

– ВМРО-ДПМНЕ бара веднаш распуштање на парламентот и одржување на вонредни парламентарни избори заедно со претседателските избори, според законските прописи, и врз основа на минатото искуство, и на овие избори ВМРО-ДПМНЕ ќе победи – рече Мицкоски.


ВМРО-ДПМНЕ ќе протестира и нема да учествува во расправата за уставни измени


Скопје, 9 јануари, 2019 - 14:49 (META) 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред Собранието на Република Македонија каде што денеска во 16 часот се очекува да продолжи финалната фаза од уставните измени повика на мирни протести против, како што рече, насилно менување на уставното име на државата.

– Денес е финалниот акт на еден срамен процес во кој Република Македонија е втурната од страна на премиерот Зоран Заев и владејачкото мнозинство. До промената на Уставот со цел промена на уставното име се доаѓа не по демократски пат, туку преку акт на насилство врз процедурите, уцени и закани врз пратениците и нивни блиски. ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За Подобра Македонија” нема да учествува во тој процес, и на денешната седница, нема да дадеме како политичка партија легитимитет за промената на Уставот затоа што таквите измени немаат легитимитет од граѓаните. Цврсто сме убедени дека тие се штетни и оставаат траен белег врз македонското национално достоинство и го менуваат идентитетот, пред се институционалниот – рече Мицкоски.

Тој рече дека негова татковина останува Република Македонија, кој и да е исходот од собраниската расправа. Според Мицкоски со уставните измени се нанесува тешка неправда и голема штета.

– Отпорот е она што ни преостанува. Имам да им порачам на граѓаните, јас како еден од вас ќе го користам демократското право мирно и достоинствено да протестирам и пркосам за она што се случува денес и ќе се случува следните денови, тоа ни преостанува. Ве молам од дно на душа да не подлегнувате на провокации и измислени конструкции од полициски структури. Да ни се придружите и да останеме достоинствени, честити иако државата е окупирана од нечестита власт – рече тој.


Заев до Каракачанов: Мое право е да бидам Македонец и да зборувам македонски јазик


Штип, 10 декември, 2018 - 17:34 (META) 

Дека јас сум Македонец, дека јас зборувам македонски јазик, тоа е мое право, тоа е европска вредност, одговори премиерот Зоран Заев по острите напади во колумната и телевизиските настапи викендов и денеска од Красимир Каракачанов, актуелен вицепремиер и министер за одбрана на Бугарија и претседател на националистичката ВМРО-БНД, но и на пораките од Екатерина Захариева, бугарската министерка за надворешни работи.

Заев на денешната јавна расправа во Штип за уставните измени, порача дека ќе продолжи и понатаму да гради пријателство со Бугарија.

– Јас очекувам навистина европските вредности да бидат прифатени од сите, како што исто така подадов рака и прифатив дека споедлуваме заедничка историја. Ќе продолжам да зборувам во духот на пријателството и ќе продолжам да градам пријателство, без разлика на какви причини некој темели свои изјави или слично. Јас верувам дека и господинот Каракачанов и министерката Захариева и премиерот Борисов, но пред се бугарскиот народ е пријателски народ на нашиот народ – рече Заев.

На неговата изјава се надоврза професорот Ѓорѓи Спасов, кој рече дека изјавата на Каракачанов е реакција на стравот дека со влезот на Македонија во ЕУ, може да остане без парите од продажбата на бугарските пасоши.

И лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, го искритикува нападот од Каракачанов.

– И во Македонија и во Бугарија сè уште постојат сили кои не им мислат добро на односите помеѓу соседите, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски даде идентична оценка со таа на Спасов за мотивите на Каракачанов.

– Постои основано сомнение за поткуп за издавање на бугарски пасоши, во неговата земја. Па така овој квази патриотски набој и крик на господинот Каракачанов е во функција на таа политика – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме, во Бугарија беше објавено новинарско истражување кое покажува дека и Каракачанов како министер за одбрана ја продолжил практиката на неговите двајца претходници да набавува храна за војската без расчистена постапка за јавна набавка. За тоа во изминатите три години се потрошени околу 31 милиони лева (повеќе од 15 милиони евра).


СДСМ: Мицкоски ја потврдува поврзаноста на ВМРО-ДПМНЕ со насилството од 27 април


Скопје, 10 декември, 2018 - 10:36 (META) 

За владејачката СДСМ е неприфатливо барање на Христијан Мицкоски да се формира независно тело кое ќе ги преслуша снимките на судиите и обвинителите во изминатите две години.

„Мицкоски ги потврдува сведоштвата за сериозна поврзаност на насилниците со ВМРО-ДПМНЕ во организацијата и координацијата на насилството од 27 април. Преку нелогични, несериозни и неосновани барања, интерпелации, измислици, Мицкоски се обидува да ги закочи реформите, да ги блокира процесите за интеграција на Македонија во НАТО и ЕУ. Не му беа доволни 11 години прислушување на Мицкоски па бара нови снимки да преслушувале „експертите“ од ВМРО-ДПМНЕ, одговори вчера СДСМ.

Мицкоски своите вкупно шест барања ги упати вчера од Кочани, каде ВМРО-ДПМНЕ одржа протест.

„Веднаш да се формира независно тело предводено човек предложен од опозицијата, коешто ќе ги преслуша, анализира, систематизира сите материјали коишто се собрани  изминативе две години како резултат на црниот Вотергејт на Заев, односно прислушувањето на сите судии и обвинители. Да ги видиме нарачаните пресуди  за поткуп, да ја видиме нарачаната пресуда за „Глобал“ , да видиме како нарачувате обвиненија за луѓето од 27 Април, да видиме како нарачувате обвиненија за ВМРО-ДПМНЕ, побара претседателот на ВМРО-ДПМНЕ од Кочани.

Тој рече дека после секој протест ќе има нови барања и побара оставки од министрите Спасовски и Димитров.

– Итна и неотповиклива оставка на министерот којшто својата нација ја нарече искомплексирана нација. Министерот кој благодарение на ова нација која го полни буџетот зема плата, ужива во привилегиите да се школува неговото семејство надвор од Република Македонија со стипендиите кој овој народ ги обезбедил. Итна и неотповиклива оставка на министерот за терор и прогон т.е. полиција, Оливер Спасовски затоа што откако е министер само порази шпиунски акции, претреси и омаловажувања на нашите браќа и сестри, граѓани на Република Македонија – рече Мицкоски.

Тој побара веднаш да сопре иницијативата од Владата за покачување на даноците „и да престане осиромашувањето на бизнисот и на граѓаните.“ Побара и соодветни мерки за решавање на проблемот со загадувањето на воздухот.

– Ги лажевте граѓаните испентарени на падините на преубавото Водно и велевте само да падне режимот и ќе започне да дува алпски воздух. Овде во Кочани им велевте на луѓето најзагаден град сте, многу скара вртите па затоа ви е загаден градот – рече Мицкоски, кој исто така побара „почитувања на јасно изразената волја на народот на референдум“.


Азески: ЦЕФТА договорот е мртов, соседите наместо да соработуваат се случува катастрофа


Скопје, 28 ноември, 2018 - 16:08 (META) 

ЦЕФТА договорот е мртов, тоа само треба да се констатира, рече денеска претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески по средбата со раководството на ВМРО-ДПМНЕ, на која се размениле мислења околу економските прашања од значење за бизнисот.

– Загрижува ЦЕФТА договорот кој паѓа. Секој ден имаме кршење на неговите одредби. Ако претставуваше предворје на ЕУ, преку кое се подготвуваме да влеземе на 28-члениот пазар, не успеавме да го поминеме тестот на шестчлен пазар на Балканот. Осум отсто бележиме пад во разменета изминатиот период, тоа е доволен индикатор дека тој договор е мртов. Тоа треба само да се констатира. Регионот сам и испраќа сигнал на Европската унија дека не е за таму каде што тргнал. Ова што се случува сега со Косово, Србија и Босна и Херцеговина е катастрофа. Наместо да ја интензивираме размената со соседите, остваруваме суфицит со земји како Германија – рече Азески одговарајќи на новинарски прашања.

Тој додаде дека кажал се со податокот дека, размената идната година со Германија ќе достигне над четири милијарди, а со првиот наш сосед имаме 300 милиони евра размена.

Во однос на економијата, Азески потенцираше дека Македонија мора да се стреми кон уште поголема соработка и размена со соседите и да гради сериозен пристап кога се во прашање индустријата, извозот и образованието на кадарот, согласно потребите на пазарот.

Фокусот идната година, според него треба да се стави и врз општините кои, како што истакна, имаат многу ниска инвестициска активност, но и врз малата искористеност на капиталните инвестиции, како и на општата потрошувачка која е многу слаба.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски напомена дека неговата партија секогаш била и ќе остане партнер на стопанските комори во Македонија.

– Економијата оди надоле, граѓаните се се посиромашни и понезадоволни. Голем дел се одлучуваат да ја напуштат државата трајно или привремено. Власта го напушти и пристапот на привлекување странски инвестиции – рече Мицкоски.

Ова е втора средба на Мицкоски со Азески годинава, по првата одржана на 1 март.


Мијалков: Христијане, играш двојно, лажеш, лицемер си и немаш капацитет


Скопје, 8 ноември, 2018 - 13:33 (META) 

Поранешниот шеф на УБК и висок функционер во ВМРО-ДПМНЕ кој неодамна беше исклучен од партијата, Сашо Мијалков, му пиша второ писмо на актуелниот лидер на партијата, Христијан Мицкоски.

Според Мијалков, ниедно претходно раководство на ВМРО не доживеало ваков срам на меѓународна сцена од сестринските партии кои се дел од Европската Народна Партија. Тој изразува уверување дека во иднина секој прв човек на ВМРО ќе биде фактор кој ќе биде прашан околу тоа дали ќе има една или две партиски делегации и кој ќе биде во тие делегации.

„Ти не си фактор и наместо да ја обединиш и зацврснеш партијата, ти ја слабееш и ја делиш. За тоа си крив ти, твоето лицемерие, лажниот патриотизам и твојата незаинтересираност за иднината на Македонија. Во иста вечер јавно да те бламираат и да ти пишуваат пораки на социјалните мрежи и Дорис Пак и Јоханес Хан не говори ништо друго, освен што покажува дека и тие ги прочитале твоите лаги и не ти веруваат. Така е тоа Христијане кога играш дупло. Така е тоа Христијане со искусни политичари кои знаат дека твои советници од доверба шетаат по Скопје и зборуваат „а да си побаравме ние друг партнер, на исток”. Нели Христијане клечеше, се крстеше и се колнеше во Македонија? Која е сега таа конструктивност која што сега ти стана повредна од Македонија? Има ли твојата “борба за Македонија” цена и која е таа ? Дали ќе организираш протести и дали во Собранието ќе ги искористиш сите средства за да го блокираш договорот од Преспа, а такви средства имаш многу“, прашува Мијалков.

Во писмото тој исто така го прашува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дали ќе стори нешто или „ќе се правдаш како имало нова реалност, а ти кутриот не си моќен да преземеш ништо“.

„Ти кажав и пак ќе ти кажам, тоа што го правиш не е чесно и не доликува на човек што треба да го води ВМРО. Сакаш да дојдеш на власт ама ти да си патриотот, а другите да се предавници. Сакаш да газиш преку туѓи животи. Кукавички и ниско од некој што треба да води организација како ВМРО. Прочитан си Христијане дека играш двојно со нашето членство и целиот народ. Извини се на членството за двојните игри и лицемерието. Извини се и на граѓаните на Македонија што ги лажеше дека ти ќе си го бранел името до крај“, додава Мијалков.

На крај поранешниот функционер му вели на Мицкоски дека има подолг стаж во ВМРО од него и од неговите соработници и дека писмата до него имаат една цел – да го спасат и направат посилно ВМРО.

„Ти не си ВМРО. ВМРО е над тебе. Ти си времено на функција во ВМРО. Доколку ВМРО загуби на претстојните избори затоа што е изолирано, тоа ќе биде само заради тоа што немаш капацитет. Крајно време е да размислиш и одлучиш, за враќање на прозападниот курс, зацртан во трајните определби на партијата“, завршува Мијалков.


Хан: На Мицкоски му кажав дека Договорот од Преспа мора да се реализира


Хелсинки, 8 ноември, 2018 - 9:38 (META) 

Еврокомесарот Јоханес Хан вчера на конгресот на Европските народни партии (ЕПП) во Хелсинки се сретнал со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а по средбата на „Твитер“ напиша дека му нагласил на Мицкоски дека Договорот од Преспа мора да се реализира. Тој рече и дека Мицкоски ветил дека нема да ја попречува постапката во Собранието.

„Корисен разговор со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на конгресот на ЕПП во Хелсинки. Бев кристално јасен дека ратификацијата на Преспанскиот договор мора сега брзо да се заврши, без никакви пречки. Ја поздравувам неговата посветеност да не ја попречува постапката во Парламентот. За евроинтеграцијата треба лојална опозиција“, напиша Хан на својот „Твитер“ профил.

Мицкоски по средбата со Хан на својот „Фејсбук“ профил напиша дека го информирал еврокомесарот за политичкиот прогон и злоупотребата на правосудството против ВМРО-ДПМНЕ, и како што вели посочил дека членството на Република Македонија во Европската Унија преставува стратешки интерес за ВМРО-ДПМНЕ.

Хан исто така се сретна и со исклучените членови на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Богојевски кој беше дел од реформското кривло, Емилија Александрова, пратеничката која гласаше за потребата од уставни измени и поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров.

„Им честитав на нивната смелост и храброст во гласањето за Преспанскиот Договор. Сите закани кон нив мора да запрат. Сите партии треба да работат за ЕУ агендата бидејќи тоа е она што го сакаат мнозинството граѓани“, напиша Хан.