Ескобар очекува продуктивни дискусии во Скопје

Ескобар денеска и утре ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

Фото: Секретаријат за европски прашања (СЕП) / декември 2021

Заменик-помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар се надева на продуктивни и заеднички дискусии со владините лидери за време на неговата посета на Северна Македонија, изјавија од прес-службата на Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски.

Во рамките на дводневната посета, Ескобар денеска и утре ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Пред посетата на Ескобар, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека „тоа што сега власта се обидува посетата на Ескобар да ја претстави, условно кажано, како дипломатски булдожер којшто тука е повикан од Владата за да врши тортура и притисок, е веќе слабост на овие криминалци во Владата. Тортура и притисок во 21-от век веќе никој не врши, а и да вршат тогаш одбрале погрешни соговорници“.