Контраспин: Што може, а што не, ВМРО-ДПМНЕ ќе покаже по избори ако ja освои власта

Лавирањето од „промена на бугарската политика“, до „репреговарање за преговарачката рамка“ со ЕУ, сè уште не се официјален и краен став на ВМРО-ДПМНЕ, туку нафрлени изјави на високи претставници на партијата и не можат да се наречат утврдена политика или решение

Фото: СДСМ

Двете цврсти тврдења на Ковачевски за ВМРО-ДПМНЕ дека е партија која не може да донесе никави позитивни промени и дека е партија која е против членството на С. Македонија во ЕУ, се извртување на вистината, т.е. спин. Првиот го темели на спин дека сите градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ не чинат и не постигнале ништо, а вториот на минатите политики на Никола Груевски и на сегашниот став на партијата дека нема промена на уставот под бугарски диктат. Но, за да може да се тврди „антиевропејството“ на ВМРО-ДПМНЕ како факт, треба да се види нивниот финален предлог или план за започнување на суштинските преговори по поглавја, а таков сé уште нема, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Лидерот на СДСМ на партискиот конгрес зборуваше за политиките на политичкиот противник, при што може да се забележат два спина:

Спин: ВМРО-ДПМНЕ не може да донесе никакви позитивни промени. Особено што единствената надеж за сигурна иднина на Македонија е членството во ЕУ – а тие се против тоа. Тие прокламираат загрозување на државата, излегување од стабилноста и процесите и состојба на континуирана криза. Даваат лажни ветувања кои никогаш нема да се остварат. Доволно е да се погледне што се случи во Скопје и во општините. ВМРО-ДПМНЕ не донесе никаква позитивна промена, нема ништо подобро, нема проекти, нема јавен превоз, нема ништо добро, само катастрофа. Тоа е пример што значи ДПМНЕ кога ќе добие власт, рече Ковачевски.

[Извор: СДСМ/веб – Д. Ковачевски, датум: 03.03.2024]

 

Контраспин: Лидерот на СДСМ и експремиер Димитар Ковачевски на партискиот конгрес на кој го поддржаа Стево Пендаровски за претседателски кандидат, спинуваше за политичкиот противник ВМРО-ДПМНЕ за две работи – позитивни промени и членството во ЕУ.

Имено, Ковачевски тврди дека ВМРО-ДПМНЕ не може да донесе никакви позитивни промени, што е спин, затоа што тој како единствен аргумент за таквото тврдење го нуди портфолиото на постигнати резултати на локално ниво на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ.

Прво, за да се утврди дали може или не може опозициската партија да донесе некакви позитивни промени, нејзините кандидати треба да бидат избрани со најголем број гласови на претстојните избори, а потоа да има доволен број пратеници да формира влада. Како носител на извршната власт, потоа ќе се мерат резултатите. Однапред тврдењето дека не можат, а само со резултатите од градоначалниците на оваа партии, е непринципиелно и е спин. И тоа не само затоа што централната и локална власт имаат различни аспекти, различни прашања за кои се управува, туку, пред сè, затоа што вакви генерализирани изјави едноставно не можат да бидат вистинити. Овој спин, дека сите над 40 градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ не чинат и немаат никакви резултати, е стара повеќемесечна теза на СДСМ пласирана во јавноста уште на почетокот на 2022 година, која „Вистиномер“ ја анализираше како спин. Но,  ја анализираше и во ноември 2023 г., во оценка на вистинитост на изјавата на пратеникот Дарко Каевски од СДСМ, при што е оценета како невистина.

Второто извртување на вистината, односно спин е дека ВМРО-ДПМНЕ е против членството на земјата во ЕУ. Оваа теза е, исто така, многу старо тврдење на СДСМ и се потпира на два столба. Првиот е во минатото, во политиките на владите на ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски, кои се оценети како антиевропски поради степенот на заробеноста на државата и поради состојбата во која се наоѓаа односите со Грција (Бугарија тогаш не беше проблем).

Вториот столб врз кој се потпира тезата на СДСМ за ВМРО-ДПМНЕ како „антиевропејци“, е одбивањето на пратениците на таа партија да се согласат со промена на Уставот со што би влегле и Бугарите како малцинство, а С. Македонија би ги отпочнала преговорите по поглавја по автоматизам. Оваа политика на ВМРО-ДПМНЕ е оправдана од страна на лидерот и раководството на партијата со флоскулата – уставни промени да, но не под бугарски диктат.

Но, ова може да биде само предизборна реторика базирана на проценка на ВМРО-ДПМНЕ, дека на тој начин ќе освои поголем број гласови на претстојните парламентарни и претседателски избори. Навистина, трае малку подолго, од летото 2022 година, но и факт е дека партијата сè уште не понудила сериозен и константен одговор на ова прашање, т.е. не е понуден план како мисли да го решава проблемот со почеток на суштинските преговори со ЕУ.

Лавирањето од „промена на бугарската политика“, до „репреговарање за преговарачката рамка“ со ЕУ, сè уште не се официјален и краен став на ВМРО-ДПМНЕ, туку нафрлени изјави на високи претставници на партијата и не можат да се наречат утврдена политика или решение. Оттука, ниту пак, може да се тврди во овој момент, дека ВМРО-ДПМНЕ е против зачленување на земјата во ЕУ, а таквото тврдење на Ковачевски, засега, сè уште е спин.