fbpx

(АНАЛИЗА): Депонии, градинки, локални патишта – владините и партиските функционери на терен, ДКСК потсетува да нема злоупотреби

Во пресрет на официјалната изборна кампања која за претседателските избори стартува на 4 април, актуелните функционери во техничката Влада од редовите и на владејачките и на опозициските партии веќе ја „покренаа машинеријата“

-

Официјално, изборната кампања за претседателските и за парламентарните избори не е почната. Неофицијално, партиските лидери и актуелни функционери во техничката влада веќе се „растрчани“ на терен – неретко во друштво на сопартијци – градоначалници, министри со ист партиски „дрес“, директори и пратеници, пишува Порталб.мк. Државната комисија за спречување на корупцијата ги постави правилата на „игра“ за изборната кампања.

На хартија изборната кампања не е почната, на терен „машинеријата“ работи во полн ек!

Локални патишта, градинки, фабрики, цевководи за наводнување, депонии, универзитети, средби со бизнисмени, со земјоделци, со граѓани. Во пресрет на официјалната изборна кампања која за претседателските избори стартува на 4 април, актуелните функционери во техничката Влада од редовите и на владејачките и на опозициските партии веќе ја „покренаа машинеријата“. Па така, техничкиот премиер Талат Џафери се појавува во детски градинки, на увид на регионални патишта, во посета на универзитети.

Не „мируваат“ ниту техничките министри и дополнителните заменици од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

„Техничкиот премиер Талат Џaфери ќе направи увид на градежните работи на патот Извор – Гарски Мост во Општина Дебар“

„Министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски и градоначалникот на Гази Баба Стефковски ќе присуствуваат на акција за расчистување на депонија…“

„Министерот за транспорт Благој Бочварски во посета на општините Карбинци и Штип – работна средба со претставници на транспортни компании“

„Дополнителната заменик-министерка за финансии Елена Петрова ќе оствари средба со претставници на бизнис-секторот од Штип“

„Претседателот на СДСМ Ковачевски ќе посети фабрика во Желино“

„Министерот за здравство Илир Демири ќе оствари средба со претставници на Американската Стопанска Комора“

Вака во пресрет на официјална кампања изгледаат државно-партиските активности кои веќе се навлезени во длабока изборна фаза. На терен не се само министрите во техничката Влада, туку и партиските лидери кои неретко се во друштво на градоначалници, директори, сопартијци кои се на функција.

Антикорупционерите предупредуваат и потсетуваат на „правилата на игра“

На чиј трошок, со каква цел, функционери од техничката влада во работно време се растрчани на терен – дали за партиски цели се користат државни ресурси, дали за партиски активности се користат службени возила на државен трошок? Овие прашања веќе се отворени во предворјето на двојните избори што ќе се одржат во април и во мај.

Антикорупционерите ги „потсетија“ политичките играчи на правилата – да нема злоупотреба на државни ресурси и проекти за партиска промоција и пропаганда. Еве дел од клучните препораки на ДКСК:

-не може да започне изградба со државни пари за патишта, водоводи, далноводи, канализација, училишта, градинки освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година

не може да се вршат исплаќање на плати, пензии, социјална помош, субвенции, други исплати кои не се редовни месечни исплати, да не се отуѓува државен капитал, да се потпишуваат колективни договори

не може да се започне нова постапка за нови вработувања или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи

Токму овие три позиции се и „најризични“ за манипулативно користење во партиски цели. За време на изборниот период за Локалните избори во 2021 година до Антикорупциска биле доставени 210 барања за мислења поврзани со вработувања, унапредување, започнување на изградба на објекти. ДКСК оформила 54 предмети по наводи за незаконски постапувања. Правилата за изборната кампања се дефинирани и со Изборниот законик. Но, до почетокот на кампањата се чини дека партиските елити се на „генерална проба“ максимално и ефикасно, користејќи ги просторот и времето за дејствување. Со сегашната законска регулатива за кршење на изборните правила за време на кампањата се предвидени и казни – освен за медиумите, предвидени се и глоби за партиите, функционерите, институциите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Електрификацијата на пругата кон Косово падна во заборав

Долгонајавуваната електрификација на пругата кон Косово не се случи ниту во овој мандат на Владата предводена од социјалдемократите. Веќе три години не сообраќа ниту патничкиот воз Скопје – Приштина...